ВИДЕО: Сопственикот на „Беса Транс“ остана недостапен за јавноста и за роднините на загинатите

беса транс скопје несреќа (1)
Седиштето на Беса транс / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Од рано утринава полиција ја обезбедува туристичката агенција „Беса Транс“ која го организирала патувањето во Турција, во кое 46 лица трагично го изгубија животот. Роднини на патниците кои заминале на патување за Истанбул чекаа информација дали нивните најблиски се дел од загинатите во страшната сообраќајна несреќа. Оваа информација немаше кој да им ја соопшти на вознемирените граѓани, со оглед на тоа што сопственикот на агенцијата остана недостапен за нивните повици, како што беше недостапен и за медиумите. 

Тие за несреќата дознале од социјалните мрежи по што почнале на телефон да ги бараат роднините. Откако не успеале да ги добијат на телефон, почнале да се јавуваат во туристичката агенција, но не успеале да стапат во контакт со никој од „Беса Транс“.

Роднина на еден од патниците кои патувале со агенцијата „Беса Транс“ за Турција, преку медиумите молеше да добие информации од агенцијата или од институциите дали неговиот братучед е меѓу преживеаните и во каква состојба е. Тој вели дека три-четири часа се обидувале да стапат во контакт со агенцијата, но не добиле никаква информација.

Станува збор за 41-годишниот Енес Бакиу, кој во четвртокот сам тргнал за Турција со агенцијата „Беса Транс“. Веста за трагедијата роднините ја дознале утрово преку Фејсбук.

– Информацијата ни е од 6 сабајле, видовме на интернет, на Фејсбук поточно. Бидејќи мојот братучед беше во Турција, веднаш почнавме да бараме по интернет, по телефонски броеви во „Беса Транс“. Цело време се јавуваме, три-четири саати поминаа. Немаме никаква информација, ниту се јавуваат. Ова не е добро, треба како што знаат да организираат кога треба да се прошетаат луѓе, барем сега кога е најтрагично нешто треба да бидат поактивни. Ги замолувам институциите кои имаат информација, да им кажат на луѓето, изјави Џељал Бакиу, роднина на Енес Бакиу кој патувал со „Беса Транс“.

Покрај запалениот автобус, уште три други автобуси од истата агенција викендов патувале за Турција. Тие рано утринава околу 5 часот поминале низ граничниот премин Гуешево и се вратиле во земјава Македонија, потврдија за БНР претставници на контролниот пункт.

Сите автобуси утринава направиле пауза на бензинската станица пред Софија.

Во автобусот на „Беса транс“ патувале 52 лица. Меѓу загинатите имало 12 малолетници, меѓу кои и двајца близнаци. Во несреќата загинал и возачот. Преживеале 7 лица – 2 жени и 5 мажи кои се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија.

Превозникот „Беса транс”, стандардно и најчесто вози туристички тури на релација Истанбул – Софија – Скопје. Компанијата била регистрирана во Ќустендил, канцеларии имала во Скопје и други градови.

ФОТО+ВИДЕО | ВО ЖИВО: Сите информации за тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот