Први лични сведоштва за страшната несреќа, Љуљзим и Медина раскажаа за пеколот на автопатот

Сулејмани го скршил прозорот на автобусот и успеал да извлече уште шестмина патници од пеколот / фото: ТВ Клан/принтскрин

Младата двојка која ја преживеа трагедијата во Бугарија, 26-годишниот Љуљзим Сулејмани од Прешево и неговата свршеничка, Медина Љутфи (25) од кумановски Сопот, од софиската Клиничка болница го раскажаа пеколот што го доживеале на автопатот, кога изгоре автобусот на туристичката агенција „Беса Транс“ и животот го загубија 45 луѓе.

Сулејмани го скршил прозорецот од автобусот и успеал да ја извлече Медина и уште петмина патници. Тие седуммина се единствените преживеани во катастрофата на автопатот „Струма“.

Љуљзим и Медина раскажуваат како седеле на претпоследните седишта во автобусот, и како за среќа, Љуљзим бил буден и свесен во моментот на несреќата, со свои очи гледајќи ја целата морничава сцена.

Сулејмани вели дека откако избувнал пожарот во автобусот, успеал да го скрши страничното стакло на автобусот, со што ја испружил раката и ја повлекол со себе својата свршеница која не можела да оди, бидејќи ѝ била скршена ногата.

-Додека одеше автобусот, од десната страна удри во тротоарот, тркалата на автобусот пукнаа и почна да избувнува пожар и имаше многу чад. Потоа автобусот се движеше 20 метри лево и сам застана. Луѓето почнаа да повраќаат, да врескаат како во хорор филмови. Успеав да избегам бидејќи го зедов чеканот во автобусот и го скршив стаклото. Ја извадив свршеницата и уште пет лица, изјави Сулејмани за ТВ Клан.

Медина низ солзи раскажува за ужасот низ кој поминала. Грчевито обидувајќи се да се спаси, таа го слушала плачот на многуте деца во автобусот.

– Не знам, спиев, и одеднаш ги слушнав сопатниците како плачат и викаат. Љуљзим го скрши стаклото, и не знам како излегов. Кога видов дека го имам отворено стаклото зад главата, и скокнав цврсто. Црн чад беше, како експлозија на бомба. Сите спиевме, беше околу два по полноќ. Слушнав детски плач, имаше многу деца, раскажува таа.

Сулејмани, кој е српски државјанин, по несреќата беше посетен во болницата од амбасадорот на Србија во Бугарија, Жељко Јовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот