ВО ЖИВО | Продолжува конфликтот меѓу Русија и Украина, вести од минута во минута

Напад врз Украина / Фото: EPA-EFE/PHILIPP GUELLAND

23.00ч Бајден: Граѓаните не треба да се плашат од нуклеарна војна

Американските граѓани не треба да се плашат од нуклеарна војна, изјави вечерва американскиот претседател Џозеф Бајден, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин нареди руските сили за одвраќање, кои вклучуваат и нуклеарно оружје, да бидат ставени во состојба на висока готовност.

Додека Бајден заминувал од говорницата во Белата куќа, еден од американските новинари го прашал дали граѓаните на САД треба да бидат загрижени поради можноста за избивање нуклеарна војна, на што американскиот претседател одговорил „не”, пренесува Индипендент.

22.05ч Осум членки на ЕУ бараат Украина веднаш да ги почне преговорите за членство

Претседателите на осум држави од централна и источна Европа во понеделникот ги повикаа земјите-членки на Европската унија веднаш да ѝ дадат на Украина статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и да започнe преговори, стои во отвореното писмо објавено вечерва.

„Ние, претседателите на земјите-членки на ЕУ: Република Бугарија, Чешката Република, Република Естонија, Република Латвија, Република Литванија, Република Полска, Република Словачка и Република Словенија силно веруваме дека Украина заслужува да добие итна можност за пристап во ЕУ“, се вели во писмото, објави Ројтерс.

21.13ч МАПА: Во близина на Киев и Харков беснеат борби, еве што освоија Русите досега

Руската армија окупираше некои делови на Украина, но инвазијата е далеку од тоа да оди според планот.

Војната во Украина се разгорува од час во час, Русија напаѓа од север, од територијата на Белорусија, од исток преку Луганск и Доњецк и од југ преку Крим.

Мапата што ја објави Ал Џезира ја покажува моменталната ситуација и кој контролира која територија во Украина.

20.19ч ВИДЕО | Луѓето во окупираниот град излегоа пред руските војници: „Ова е Украина, одeте си дома!“

Руските сили вчера ја презедоа контролата врз градот Бердјанск на брегот на Азовското Море, изјави вчера портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков. Во Бердјанск, кој има околу 100.000 жители, има помала поморска база.

На социјалните мрежи денеска се појавија снимки од жителите кои протестираат пред вооружените руски војници.

19.35ч Украина бара „влез” во ЕУ по посебна процедура, додека во „чекалната” веќе има пет земји

 

Украина денеска упати барање до Брисел да и се дозволи да се приклучи на Европската унија по посебна процедура, и тоа во момент кога државата се брани од инвазија на руските сили. Последното проширување на блокот е пред девет години со влезот на Хрватска, додека во „чекалната” се пет земји.

18.33ч Путин постави три услови за прекин на огнот

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот француски колега Емануел Макрон дека демилитаризацијата на Украина и западното признавање на рускиот суверенитет над полуостровот Крим се предуслов за прекин на борбите во Украина, соопшти Кремљ.

Делегациите на Русија и Украина се враќаат во своите главни градови на консултации, откако денеска беше одржан прв круг од преговорите за прекин на конфликтот.

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот француски колега Емануел Макрон дека демилитаризацијата на Украина и западното признавање на рускиот суверенитет над полуостровот Крим се предуслов за прекин на борбите во Украина, соопшти Кремљ.

„Владимир Путин истакна дека решението е можно само доколку безусловно се земат предвид легитимните безбедносни интереси на Русија, вклучително и признавањето на рускиот суверенитет над Крим, демилитаризацијата и денацификацијата на украинската држава и обезбедувањето на нејзиниот неутрален статус“, се наведува во соопштението на Кремљ по денешниот телефонски разговор меѓу Путин и Макрон.

17.38ч Климатскиот извештај на ОН ќе биде засенет од руската инвазија на Украина

 

Со објавувањето на отрезнувачкиот климатски извештај на Обединетите нации во понеделник, постои загриженост дека ќе биде засенет од руската инвазија на Украина, објави Ројтерс.

Извештајот – опишан од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш како „атлас на страдање“ – повикува на заеднички напори од страна на владите да се подготват за потопол свет.

Но, малкумина можеа да ја игнорираат маката на единствениот украински автор на извештајот, ботаничар кој опиша дека се засолнил во засолниште за бомби во Киев за време на последната проверка на извештајот за Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени, за кој беа потребни три години да се состави .

„Битките се водат и надвор од градот и во градот, каде што се појавија руски падобранци“, изјави Јакив Дидух за Ројтерс, откако ја помина ноќта засолниште од неговиот стан на 11-ти кат во главниот град на Украина.

„Луѓето се загрижени, но ние не паничиме“, рече Дидух, кој работи во Националната академија на науките на Украина.

16.58ч Борел: Ќе има последици од санкциите за европските граѓани

Првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, ги предупреди граѓаните дека санкциите на ЕУ против Русија ќе предизвикаат зголемување на цените, но дека мора тоа да се прифати во име на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Унија очекува противмерки од Русија наскоро, иако за сега не се знае какви, во кој облик и со кој интензитет. Она што може да се очекува со извесност е зголемување на цените на енергијата, а со тоа и општо на цените на сите производи.

Европската Унија е решена да ја намали зависноста од рускиот гас и тоа ќе има последици врз пазарот.

-Ќе има турбуленции на пазарот на енергијата, тоа се случува, ќе се зголемат цените и тие цени ќе ги платат потрошувачите, можеме да воведеме политики за заштита на најранливите но се наоѓаме во таа ситуација, нашите акции и реакции ќе имаат последици и треба да сме подготвени за тоа, изјави Борел.

14:58ч Зошто Владимир Путин веќе ја изгуби оваа војна?

Помалку од една недела од војната, се чини сè поверојатно дека Владимир Путин оди кон историски пораз. Можеби ќе ги добие сите битки, но ќе ја изгуби војната. Сонот на Путин за обнова на руската империја отсекогаш почиваше на лагата дека Украина не е вистинска нација, дека Украинците не се вистински народ и дека жителите на Киев, Харков и Лавов копнеат за владеење на Москва. Тоа е целосна лага – Украина е нација со повеќе од илјада години историја, а Киев веќе беше голема метропола кога Москва не беше ниту село. Но, рускиот деспот толку пати ја кажа својата лага што очигледно и самиот верува во тоа, пишува историчарот Јувал Ноа Харари за Гардијан.

Кога ја планираше инвазијата на Украина, Путин можеше да смета на многу познати факти. Тој знаеше дека Украина во воена смисла е џуџе во поглед на Русија. Тој знаеше дека НАТО нема да испрати војници да и помогне на Украина. Тој знаеше дека европската зависност од руската нафта и гас ќе ги натера земјите како Германија да се двоумат околу воведувањето строги санкции. Врз основа на овие познати факти, неговиот план беше силно и брзо да ја погоди Украина, да ја обезглави нејзината влада, да воспостави марионетски режим во Киев и да го истера немоќниот бес на западните санкции.

14:37 ВИДЕО | Русите во одела, Украинците во тренерки: Одржани преговорите во Белорусија

Денеска Русија и Украина ги почнаа преговорите во областа Гомел во Белорусија надевајќи се дека ќе стават крај на кризата.

Добредојде на двете делегации им посака Владимир Макеј, шеф на аднинистрацијата на белорускиот претседател, Александар Лукашенко.

Макеј им порача на делегациите дека може да се чувствуваат тотално безбедност и дека тоа е нивна света должност.

14:36 Русија ги стави нуклеарните сили во борбена готовност

Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините стратешки ракетни сили и северната и пацифичката флота се ставени во состојба на борбена готовност, пренесе агенцијата Интерфакс

Се додава дека тоа е во согласност со наредбата на претседателот Владимир Путин.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу му рекол на Путин дека „смените на командните пунктови на стратешките ракетни сили, северната и пацифичката флота и командата за авијација со долг дострел почнале да вршат борбени задачи со засилен персонал“, пренесе Интерфакс.

14:04 Украина бара итен прием во ЕУ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара итен прием на неговата земја во Европска Унија, барањето има широка поддршка во ЕУ, но прашањето се поставува како ќе се одвива процесот,

Украинскиот претседател Зеленски повеќе пати, и денеска повторно упати порака дека ЕУ треба да ја прими итно неговата земја како членка.

13:44 Русија ја обвини британската министерка Лиз Трус за тоа што Москва ги стави нуклераните сили во состојба на специјална борбена готовност

Кремљ тврди дека претседателот Владимир Путин ги ставил руските нуклеарни сили за одвраќање во висока готовност по изјавите на министерката за надворешни работи на Велика Британија Елизабет Трус, пренесува Гардијан.

Според новинската агенција Интерфакс, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на брифинг со новинарите одлуката за поставување во состојба на готовност на оружјата за одвраќање, меѓу кои и нуклеарното, ја правда со изјави од западни дипломати, пренесува Гардијан.

Лиз Трус/ Фото EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY

13:38 „Не знам како ќе се вратам во Киев“: Патешествието на една мајка низ нападнатата Украина

Еден ден пред Русија да ја нападне Украина, Ирина Кириченко и нејзиниот сопруг заспале мислејќи дека следниот ден ќе ги одведат нивните две мали ќерки кај баба им.

Наместо тоа, тие се разбудиле во нивната куќа во Киев од звуците на ракетни експлозии, а потоа набрзина се спакувале и побегнале.

Прво заминале кај пријателите во блиското село, потоа во град во западна Украина, а на крај заминале за границата со Романија. Тука Ирина се разделила со својот сопруг (38) кој се вратил во Украина да ја брани земјата од руската инвазија, пишува Ројтерс.

Три дена подоцна, Ирина Кириченко, 37-годишна оперативна менаџерка во технолошка компанија, и нејзините две ќерки, Ксенија (11) и Алиса (7), стигнаа до романската престолнина Букурешт, стотици километри оддалечена од животот во Киев што таа го опишува како „многу едноставен, многу убав“.

13:22 ВИДЕО: Репортер од Киев среде известување примети дека стои до граната

Репортерот на американскиот Си-Ен-Ен, Метју Ченс, кој претходниве неколку денови е присутен во Украина и оттаму известува за актуелната состојба имал доста незгодна ситуација пренесувајќи во живо пред камерата.

Ченс известувајќи, случајно видел дека покрај него, на само неколку сантиметри, имало граната.

13:18 Путин го направи она што досега беше невозможно, ја направи најголемата грешка во својата кариера

Претседателот на Русија, Владимир Путин штотуку направи нешто невозможно – создаде единствена Европска унија, пишува порталот Политико.

„Руската неиспровоцирана инвазија на Украина ја обедини Европа и целата трансатлантска сфера како ништо досега, од падот на Белринскиот ѕид“, наведува порталот.

12:45 „Анонимуси” хакирале повеќе од 300 руски и белоруски интернет-страници

Меѓународната хакерска група „Анонимуси” денеска соопшти дека како што и најави, нејзините активисти собориле повеќе од 300 интернет-страници на официјални руски владини агенции, компании, медиуми, банки, меѓу кои белоруските „Белорусбанк”, „Приорбанк” и „Белинвестбанк”.

Во нивната информација објавена на твитер „Анонимусите” последните 48 часа хакирале повеќе од 300 руски веб-страници така што повеќето од руските официјални агенции се офлајн.

12:27 Стапија на сила европските санкции за руската Централна банка

Санкциите на Европската унија против руската Централна банка утринава стапија на сила откако беа објавени во официјалниот Службен весник на ЕУ а Швајцарија исто така соопшти дека „е многу веројатно” дека наскоро ќе ги замрзне руските средства во своите банки.

-Санкциите вклучуваат забрана за трансакции со руска финансиска институција, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесе Хина.

12:24 Украинската војска го контролира главниот град, Киев не е под блокада

Главниот град на Украина е целосно под контрола на украинските војници, а сите информации за наводна целосна опколеност на градот од руски сили се лажни, изјави Михаило Подољак, советник на укрианскиот претседател.

„Многу медиуми шират лажни вести дека Киев е наводно опколен од руски војници. Русите можат само да сонуваат за тоа. Киев е целосно под контрола на украинските трупи. Во градот може да се влезе. Престрелки има во некои предградија, имаше и жестоки судири. Но, престолнината нема да ја дадеме. Ова е нашиот главен град, нашата земја”, изјави тој.

12:15 Колку нуклеарно оружје има Русија во споредба со САД, Европа и остатокот од светот?

Рускиот претседател Владимир Путин, дента пред да започне рускиот напад над Украина, во своето обраќање до јавноста упати предупредување до западните земји дека секој што размислува за надворешно мешање ќе се соочи со „последици поголеми од сите со кои се соочиле во историјата“.

Кој ќе се обиде да не попречи, а уште повеќе да создаде закани за нашата земја, за нашиот народ, нека знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и ќе ве доведе до такви последици какви што не сте доживеале во вашата историја. Подготвени сме за секаков развој на настаните. Донесени се сите неопходни одлуки во врска со ова. Се надевам дека ќе ме слушнат, рече рускиот претседател.

Путин во својот говор ги обвини Соединетите Американски Држави и нивните сојузници дека го игнорираат неговото барање да ја спречат Украина да влезе во НАТО и понудите на Москва за безбедносни гаранции.

Руско оружје, Фото: Архива

12:13 НАТО сојузниците ја засилуваат воената поддршка за Украина

НАТО сојузниците ќе и достават на Украина ракети за противвоздушна одбрана и противтенковско оружје, објави денеска на Твитер генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, додавајќи дека имал уште еден телефонски разговор со украинскиот претседател.

„Само што разговарав со претседателот на @ZelenskyyUa (Володимир Зеленски) и го пофалив за храброста на народот и вооружените сили на #Украина”, напиша Столтенберг на Твитер.

„НАТО сојузниците ја засилуваат поддршката со ракети за противвоздушна одбрана, противтенковско оружје, како и хуманитарна и финансиска помош”, напиша генералниот секретар на Алијансата.

11:51 ВИДЕО | Моментот кога Путин успеа да го шокира министерот за одбрана Шојгу

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави силите за нуклеарно одвраќање во висока готовност ги шокираше дури и неговите лојални генерали, вклучувајќи го и самиот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Имено, кога Путин им ја соопштил својата одлука на генералот Валери Герасимов и на министерот за одбрана, на лицата на претставниците на армијата јасно се гледало вознемиреност.

11:32 Официјална Москва ги коментираше преговорите со Украина, Зеленски бара итен пристап на Украина во ЕУ и НАТО

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека главната цел на руската армија во Украина е безбедноста на цивилното население.

– Армијата на Руската Федерација, , ќе направат се за да го остварат ова –изјави Песков.

Песков рече дека помошникот на претседателот Владимир Путин Медински ги има сите квалитети да води преговори со Украина.

EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

11:11 БП заминува од Русија и го напушти Роснефт

Британскиот нафтен и гасен гигант БП соопшти дека поради рускиот напад на Украина ја напушта сопственичката структура во руската нафтена компанија Роснефт, со што го раскинува партнерството старо неколку децении.

– Длабоко сум шокиран и тажен поради ситуацијата во Украина и сочувствувам со сите оние кои страдаат. Ова не поттикна темелно да ја преиспитаме позицијата на БП во Роснефт, рече извршниот директор на БП, Бернард Луни.

БП/ Архива на СП

10:55 Луфтханза откажа 30 летови за Русија, за три пати повеќе летови над Казахстан

Германската авиокомпанија Луфтханза соопшти дека откажала 30 летови за Русија на авиопревозниците Луфтханза, Еуровингс и Аустриан Ерлајнс оваа недела, јави агенцијата Ројтерс.

Луфтханза Карго, исто така, откажа еден лет од Франкфурт до Азија во понеделникот за да го избегне рускиот воздушен простор, се вели во соопштението на групата.

Бројот на летови низ воздушниот простор на Казахстан тројно се зголеми на повеќе од 450 во понеделникот по европските забрани за летови на руските авиокомпании, соопшти казахстанската компанија за воздухопловна навигација Казаеронавигација.

Германската авиокомпанија Луфтханза
Авиони на германската авиокомпанија Луфтханза / Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

10:32 ВИДЕО: Граѓаните на Москва направија вистински метеж пред банкоматите

Граѓаните на Русија направија метеж и редици пред банкоматите со цел да ги извадат своите финансиски средства од банкарските сметки

Вредноста на руската рубља утрово драстично падна. Рускиот весник Новаја Газета објави снимка од Москва на која се гледа како жителите во редови чекаат за да извадат пари од банкоматите.

10:23 Русија тврди дека нејзините војници зазеле два града во југоисточна Украина

Официјална Москва соопшти дека руски трупи ја презеле контролата врз градовите Бердјанск и Енерходар во југоисточна Украина, пренесе ДПА.

Бердјанск се наоѓа на Азовското Море и неговото заземање веќе било пријавено од украинската страна. Енерходар се наоѓа северозападно од пристанишниот град Мариупол. Неговото заземање не е потврдено од Украинците.

10:15 Над 70 илјади Украинци влегле во Романија од почетокот на руската инвазија

Нешто помалку од 71.000 Украинци побегнаа во Романија откако Русија ја нападна Украина, а повеќе од половина од нив веќе ја напуштија земјата преку нејзината бугарска и унгарска граница, изјави во понеделникот владиниот портпарол Ден Карбунару, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека романската влада организирала испорака на хуманитарна помош за Украина од донации направени од граѓанското општество, вклучувајќи лекови и други санитарни производи, храна, вода, зимска облека и ќебиња.

Украинци во Романија/ Фото EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

10:10 Украинската делегација пристигна, наскоро ќе почнат преговорите во Белорусија во обид да запре војната

Петтиот ден од агресијата врз Украина започна со вести за експлозиите во Киев и нападот на Чернихив. Во исто време, денеска руската и украинската делегација треба да се сретнат во Белорусија и да преговараат за завршување на воениот конфликт

Преговорите меѓу Русија и Украина за границата почнуваат во 10 часот по средноевропско време.
Членовите на украинската делегација пристигнаа со хеликоптер на преговори со руската страна за евентуален прекин на огнот.

10:07 Украинската војска: Руските окупатори го забавија темпото на офанзивата

Москва го забави темпото на офанзива, соопшти денеска, украинската војска, за време на петтиот ден од нападот врз Украина.

„Руските окупатори го забавија темпото на офанзивата, но и натаму се обидуваат да постигнат напредок во некои зони”, се наведува во соопштението на Генералштабот на украинската војска.

Украинското претседателство соопшти синоќа дека Киев прифати преговори со Русија. Преговорите денеска треба да се одржат кај белоруската граница, недалеку од Чернобил.

09:15 Украински политичари, воени функционери и новинари преку Фејсбук биле таргетирани од хакери, велат од „Мета“

Платформата Мета соопшти дека хакерска група преку Фејсбук таргетирала неколку јавни личности во Украина, вклучително и истакнати воени функционери, политичари и новинари, поради тековната руска инвазија на земјата, пренесува Ројтерс.

Мета соопшти дека во последните 48 часа одделно отстранила мрежа од околу 40 лажни профили, групи и страници на Фејсбук и Инстаграм, кои оперираат во главно од Русија, но и од Украина и се насочени кон луѓето во Украина.

Сопственикот на Фејсбук, компанијата Мета/ Фото EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

08:39 „Војната е европска, а Европа конечно го сфати тоа“ вели украинскиот министер за одбрана

„96 часа отпор. Четири дена победа, храброст, посветеност и верба”, напиша предмалку на Фејсбук украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников.

Тој истакна дека постои силно верување дека непријателот кој убива жени, деца и уништува мирни градови ќе биде казнет и дека оваа казна е неопходна.

08:22 Поради украинската криза забележан раст на цената на нафтата на светските берзи

На лондонскиот пазар во четвртокот, веднаш по рускиот напад на Украина, цената на барел нафта скокна на над 105 долари за барел, првпат по повеќе од седум години, но во петокот падна под тоа психолошки важно ниво.

По големите осцилации на крајот на неделата, цената на барелот на лондонскиот пазар забележа неделен раст од 4,7 отсто на 97,93 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 0,6 отсто на 91,59 долари.

08:16 Болсонаро го исмеа Зеленски: Украинците мислат дека ќе ги спаси комичар

Десничарскиот претседател на Бразил Жаир Болсонаро вчера на својата прес-конференција го исмеа украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој рече дека „украинскиот народ ги положи своите надежи во рацете на комичарите“.

Болсонаро одби да ја осуди руската инвазија на Украина. Тој рече дека Бразил ќе остане неутрален во конфликтот, додавајќи дека „Бразил и Русија се практично братски нации“.

Жаир Болсонаро / Фото: Архива

07:43 Фон дер Лајен: Ја сакаме Украина во ЕУ

Европската унија сака да ја види Украина и тоа ќе се случи со тек на време, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во интервју за Еуроњуз.

– Имаме процес со Украина кој е, на пример, интегрирање на украинскиот пазар во единствениот пазар. Имаме многу блиска соработка на енергетската мрежа. Толку многу теми каде што работиме многу тесно заедно и навистина со тек на време, тие ни припаѓаат нам. Тие се еден од нас и ние ги сакаме, изјави Фин Дер Лејен на прашањето дали Украина треба да добие статус на кандидат за ЕУ.

Урсула фон дер Лајен во Скопје / 28.9.2021 / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот