Спортски настани кои ја одбележаа годината зад нас

фото: EPA-EFE/Агенција за млади и спорт

Спортот треба да ги обединува сите, радува секој успех на спортистот што ги брани боите на Македонија и ја претставува на најдобар можен начин на меѓународен план. Од друга страна, има и тага и разочарување што е исто дел од спортскиот свет, но тие се моменти од кои можеме само да анализираме, учиме, да извлечеме поуки, да се кренеме и бидеме подобри во иднина.

И спортската 2023 година донесе настани кои го привлекоа вниманието, па да се потсетиме на нив:

– Македонија го имаше најслабиот пласман на ракометните Мундијали

Македонската машка сениорска ракометна репрезентација по осми пат беше дел од светските првенства. Последниот Мундијал се одржа во Полска и Шведска каде го остваривме најслабиот пласман во историјата на ваквите натпреварувања.

фото: EPA-EFE/Lukasz Gagulski

Прелиминарна фаза
Македонија – Норвешка 27:39
Македонија – Холандија 24:34
Македонија – Аргентина 26:35

Президент куп
Македонија – Алжир 40:25
Македонија – Тунис 28:33
Македонија – Мароко 40:25

За пласман, 27/28 место
Македонија – Јужна Кореја 36:33

Од вкупно седум натпревари, беа запишани три победи и четири порази, што ни го донесе 27 место од 32 селекции учесници на СП. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров наскоро ги очекува настап на Европското првенство кое ќе се одржи во Германија од 10 до 28 јануари 2024 година.

фото: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

– Денвер нагетс на „крилјата“ на Никола Јокиќ до прва НБА титула

По триумфот во финалната серија од 4:1 против Мајами хит, кошаркарите на Денвер го остварија најголемиот успех во својата историја.

Тоа немаше да се случи доколку во тимот го немаше феноменалниот српски центар Никола Јокиќ кој имаше импресивни настапи, неверојатна статистика која продолжува и во новата сезона.

Јокиќ одигра во рангот на најголемите асови како легендарните Меџик Џонсон и Вилт Чембрлен. Доволно е само да се каже дека Јокиќ стана само третиот играч во историјата во НБА кој во финалето влезе со „трипл-дабл“ просек (29.9 поени, 13.3 скокови и 10.3 асистенции).

фото: Драган Митрески/Слободен печат

– Македонските одбојкари за прв пат меѓу најдобрите 16 во Европа

Македонија, Италија, Бугарија и Израел го организираа 33. по ред Европско одбојкарско првенство во машка сениорска конкуренција. Во Скопје и салата „Борис Трајковски“ се играа натпреварите од групата „Ц“ во која настапуваа играчите предводени од селекторот Јошко Миленкоски.

Првите две победи над Данска (3:1) и Црна Гора (3:0) беа клучни за остварување на до сега најдобриот пласман на континенталните шампионати, обезбедувајќи пласман меѓу најдобрите 16 репрезентации што беше и главна цел пред стартот на турнирот.

Прелиминарна фаза
Македонија – Данска 3:1
Македонија – Црна Гора 3:0
Македонија – Полска 0:3
Македонија – Холандија 0:3
Македонија – Чешка 0:3

Осминафинале
Македонија – Италија 0:3

Сите останатите мечеви беа само собирање искуство, но и уживање да се игра против врвни европски и светски одбојкарски сили како Полска и Холандија. Во осминафиналето налетавме на еден од фаворитите за златото, Италија која во Бари на домашен терен славеше против нас со 25:20, 25:12 и 25:15. Италијанците играа и во финалето во кое беа поразени од Полска.

фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

– Новак Ѓоковиќ е апсолутен рекордер по број на недели на светскиот врв

Новак Ѓоковиќ не застанува, и на 36 години, српскиот тенисер гази на терените. И „новата генерација“ која доаѓа и натаму нема решение за Ноле кој имаше уште една фантастична сезона, што му доаѓа како увертира за новата што доаѓа.

Со 378 недела како првопласиран на АТП листата, надминувајќи ја и Штефи Граф (377 недели на ВТА), Ѓоковиќ стана апсолутен рекодер по бројот на недели на првото место на тениските ранг листи.

Рекордот и натаму расте, бидејќи во понеделник ќе ја почне и 406 недела на врвот. Како што би рекол Џон Мекинро: „Ѓоковиќ е еден во милијарда“. По осми пат е светски шампион, по седми пат дојде до титулата во АТП финалето, со 24-те грен слем титули се израмни со легендарната Маргарет Корт. Најдобриот светски тенисер на сите времиња уриваше рекорди во 2023 година, а се најавува дека така ќе биде и во 2024…

фото: instagram.com/urkourko/

– Македонија има светски шампион во кик-бокс, „златниот“ Бобан Илиоски

На Светското првенство во Португалија, Бобан Илиоски доминираше во категоријата до 86 килограми лоу кик. Во финалето за златниот медал го совлада Нубрек Уришбоев од Узбекистан со резултат 3:0.

Претходно на патот до финалната борба Илиоски триумфираше и против Алберт Угринчиќ од Босна и Херцеговина со 3:0 во четвртфиналето, а во полуфиналната фаза го совлада Азербејџанецот Елјан Алкишијев (3:0).

Бобан Илиоски кој годинава се закити и со бронза во маи таи на Европското првенство во Турција, беше прогласен за најдобар спортист на Македонија за 2023 година.

фото: EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

– „Златната топка“ по осми пат во рацете на Лионел Меси

Годините не се пречка и за Лионел Меси (36), кој игра за Интер Мајами, и натаму доминира на фудбалските терени. Благодарение на светската титула со Аргентина, Меси по осми пат дојде до најпрестижното признание, „Златната топка“, пред Ерлинг Халанд („Манчестер сити“) кој пак ја освои наградата „Герд Милер“ за најдобар стрелец, и пред Килијан Мбапе од ПСЖ.

Меси сега има осум „Златни топки“, три повеќе од фудбалерот на Ал Наср, Кристијано Роналдо.

фото: facebook.com/IgorIdzeStefanovski

– Трета европска титула за Игор Стефановски во автомобилизам

„Летечкиот“ Македонец оствари нов голем резултат во светот на автомобилизмот, популарниот Иџе се закити со нова титула во европскиот шампионат на ридски патеки.

Игор Стефановски во Бузет, Хрватска, ја имаше седмата победа на 10-те трки годинава, за негова трета европска круна, претходните две ги имаше во 2014 и 2015 година.

фото: EPA-EFE/GEORGIA PANAGOPOULOU

– Доминација на Манчестер сити во фудбалскиот свет

Шпанскиот менаџер Пеп Гвардиола, после бројните домашни трофеи, вклучувајќи ги има и Премиер лигата и ФА купот годинава, со Манчестер сити дојде и до толку посакуваниот пехар во Лигата на шампионите откако во финалето со 1:0 го совлада Интер.

Подоцна, „граѓаните“ дојдоа и до титулите во европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство.

фото: Агенција за млади и спорт

– Мери Акиевска, трета година по ред светска шампионка во бодибилдинг и фитнес

На Светското првенство во бодибилдинг и фитнес во Санта Сузана, Шпанија, Мери Акиевска за Македонија го донесе третото светско злато по ред, во својата категорија до 163 сантиметри.

Дефинитивно, најуспешна година за Мери Акиевска: Најуспешна жена на годината за 2023 година, најуспешна спортистка на Град Скопје за 2023, „Златна Олимпија“ – најуспешна спортистка за 2023, Агенција за млади и спорт – најуспешна спортистка за 2023, светско злато, Арнолд Класик.

фото: EPA-EFE/STEVE DIPAOLA

– Макс Ферстапен, Арманд Дуплантис, Микаела Шифрин, Ноа Лајлс…

Холанѓанецот Макс Ферстапен ја потврди доминацијата во Формула 1 со третата титула по ред со „Ред Бул“, и поставувајќи рекорд славејќи на 19 од 22 трки. Швеѓанецот Арманд Дуплантис во дисциплината скок со стап ја освои Дијамантската лига и светско злато, а воедно по шести и седми пат поставуваше светски рекорди, прво на 6,22, а потоа на 6,23 метри.

Во скијање доминираа Швајцарецот Марко Одермат и Американката Микаела Шифрин со триумфите во вкупниот пласман на Светскиуот куп и со уште два во поединечни дисциплини. Во пливање на светскиот шампионат во Фукуока Французинот Леон Маршан се закити со три златни медали и светски рекорд на 400 метри мешано. Австралиската пливачка Кајли Мекион исто така имаше три злата, а подоцна и светски рекорд на 50 метри грбно, и стана првата во историјата најбрза во сите три три грбни дисциплини, и на 100 и 200 метри.

Не треба да се заборави и американскиот спринтер Ноа Лајлс, кој во стилот на Усеин Болт на СП во Будимпешта доаѓаше до златни медали на 100, 200 и штафетата 4×100 метри.

фото: Христијан Илиоски/Христијан Бузалковски/ФБ

– Христијан Илиоски „18 од 18“ на БМУ Европскиот шампионат, Христијан Бузалковски испиша историја во мотоциклизмот

Македонскиот мото крос возач Христијан Илиоски имаше одлична сезона во рамките на БМУ Европскиот шампионат. Во „отворената класа“ MX популарниот Кико дојде до првото место откако триумфираше на сите 18 трки. Во државниот македонски шампионат достигна до рекордни 102 победи.

Христијан Бузалковски испиша историја во брзинскиот мотоциклизам откако го освои бронзениот медал на Европскиот ФИМ Европа СТК1000 шампионат на кружни патеки во Гробник, Хрватска. Ниту еден наш натпреварувач не остварил ваков резултат на вакво големо натпреварување.

Фото: КК МЗТ Скопје

– МЗТ Скопје Аеродром по 10 пат шампион на Македонија

Во финалето кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром триумфираа со 92:83 во Битола и со вкупни 3:0 во серијата ја одбрани титулата во шампионатот.

За МЗТ ова е 10 титула во клупската историја, еден од најзаслужните за освоениот пехар беше репрезентативецот Војдан Стојановски кој подоцна беше прогласен и за најдобар македонски кошаркар во 2023 година.

фото: РК Еурофарм Пелистер

– По 18 години се врати титулата во ракометна Битола, РК Алкалоид дебитираше на европската сцена

Ракометарите на Еурофарм Пелистер станаа шампиони на Македонија, вкупно 18 години Битола чекаше за нова титула во првенството. Ова за нив е седми шампионски пехар со што го надминаа Металург на вечната листа и избија на второто место.

Фото: РК Алкалоид

Минатата сезона вицепрвак беше РК Алкалоид на Кирил Лазаров кој дебитираше на меѓународната сцена. РК Алкалоид во чиј состав има млади и талентирани играчи имаше достојно деби во Европската лига со три освоени бодови против шпанската Ла Риоха.

– Црна дамка остави ударот кон Филип Талески, удар врз целиот македонски спорт

Финалето во Ракометниот Куп на Македонија меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер (26:25) помина одлично и без никакви инциденти, сѐ до моментот кога по завршувањето на мечот го видовме најсрамниот инцидент на спортските терени кај нас во последните години.

Сме биле сведоци на тепачки и пресметки помеѓу навивачи и тие никако не се за оправдување, но сега бевме сведоци како униформиран полицаец го удира ракометарот на Вардар и репрезентативец на Македонија, Филип Талески.

фото: ФФМ

– ФФМ најави ВАР технологија во Македонија по низата судиски грешки

Фудбалската федерација на Македонија предводена од претседателот Муамед Сејдини најави дека е подговен план за воведување на ВАР на натпреварите од Првата фудбалска лига.

Ова дојде после низата критики од клубовите кон судиите кои делат правда и нивните лоши одлуки што влијаат на резултатите, а потоа Судиската комисија низ анализа јавно ги потврдува истите проценки. Веќе и дел од клубовите изразија желба и ја поддржуваат иницијата на ФФМ за имплементирање на ВАР системот.

– Важно е дека федерацијата има подготвено план, начин на финансирање, набавка на потребната техничка опрема, подготвеност за едукација на ВАР инструктори и судии, како и сите оперативни аспекти за проектот. Објективно, потребно е најмалку шест месеци за системот да се постави, но ќе се обидеме да го скратиме тој период што е можно повеќе, изјави Сејдини за сајтот на ФФМ.

фото: F.C. Struga

– Струга Трим Лум имаше најдолго европско лето што донесе скок од огромни 89 позиции

Струга Трим Лу, актуелниот македонски фудбалски шампион, најдолго ја претставуваше Македонија оваа сезона. После елиминацијата во првото квалификациско коло на Лигата на шампионите против Жалгирис (1:2, 0:0), следуваше преселба за играчите на Шпетим Дуро во квалификациите за Конференциската лига.

А таму најпрвин остварија две победи против Будуќност (1:0, 4:3), потоа за еден гол беше подобри од Есперанж (3:1, 1:2), а во плеј-офот, што беше последна пречка на патот кон групите, двапати беа совладани од Бреидаблик (0:1, 0:1).

Ваквите резултати донесеа и огромен скок од 89 позиции на УЕФА ранг листата за моментно 328 место со коефициент 3,500.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот