Македонија доби две места во Европската лига, но уште ќе чекаме за директно место во Лигата на шампионите
Македонскиот клупски ракомет продолжува да бележи напредок, а најновите ранг-листи покажуваат дека со резултатите се приближуваме до враќање на позицијата која носи директен пласман во Лигата на шампионите.
Препорачано
Сепак, ниту во сезоната 2027/28 македонските клубови нема да имаат обезбедено загарантирано место во елитното европско натпреварување. Добрата вест е дека Македонија напредуваше за едно место, откако ја престигна Словенија, па сега е многу блиску до влез во топ 10.
Последната позиција која обезбедува сигурно место во Лигата на шампионите моментално ја држи Норвешка, додека пред неа се Хрватска и Романија. Во изминатите сезони, благодарение на резултатите на Еурофарм Пелистер и Вардар кој минатата сезона стигна до четвртфиналето во Лига Европа. Во новата сезона Вардар како шампион доби „вајлд-карта“ за Лигата на шампионите, додека Пелистер сега ќе настапува во Европската лига.
Најголем исчекор е направен токму во Европската лига на ЕХФ каде што наредната сезона ќе имаме двајца претставници во групната фаза, откако според актуелното рангирање Македонија се наоѓа на десеттата позиција, што значи подобрување од досегашното едно место.
Во Европскиот куп на ЕХФ ситуацијата останува стабилна. Македонија и понатаму има две загарантирани места, а постои и можност за дополнителна покана („вајлд-карта“) врз основа на претходните успеси на клубовите.


