ВО ЖИВО | Русија ја нападна Украина, вести од минута во минута

Украински војници / Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

23.54ч. И Русите против инвазијата на Путин во Украина, протести и апсења ширум Русија

Речиси 1.400 луѓе се уапсени денеска во неколку градови во Русија за време на демонстрации против војната во Украина, информира локалната невладина организација ОВД-Инфо.

Масовни протести во Санкт Петерсбург/Фото: EPA-EFE/ANATOLY MALTSEV

Според организацијата, најмалку 1.391 лице се уапсени во 51 град, од кои 719 само во Москва.

23.35ч. Украински медиуми: Зеленски наредил општа мобилизација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди општа мобилизација, јавија украински медиуми.

Зеленски потпишал декрет со кој се наредува мобилизација на сите регрути и резервисти на целата територија на Украина.

23.27ч. Американски разузнавачи прогнозираат: Киев ќе падне за најмногу 96 часа

Тројца американски функционери за Њузвик изјавиле дека очекуваат украинскиот главен град Киев да падне во рацете на руските сили во рок од максимум 96 часа и оти отпорот на земјата брзо потоа ќе биде ефективно неутрализиран.

Официјалните лица, кои побарале да останат анонимни, рекле дека фокусот на Москва ќе биде да ги опколи украинските сили. Се очекува Киев да биде заземен во рок од 96 часа, а потоа и раководството на Украина за околу една недела.

23.22ч. Макрон побарал од Путин веднаш да ја прекине офанзивата во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон во телефонскиот разговор со неговиот руски колега Владимир Путин побарал „итен прекин” на офанзивата во Украина, соопшти вечерва Елисејската палата.

– Претседателот Макрон му се јави на Владимир Путин, од кого побара итен прекин на руските воени операции, потсетувајќи дека Русија е изложена на огромни санкции, соопшти француското претседателство, додека Макрон учествува на вонредниот европски самит во Брисел.

Кремљ претходно соопшти дека двајцата претседатели имале „сериозна и искрена размена на мислења за ситуацијата во Украина”.

22.50ч. Масовни протести низ цела Европа за запирање на руската агресија врз Украина

Руските амбасади и конзулати ширум европските градови и надвор од континетот во текот на денешниот беа место на протести. Илјадници граѓани со сино-жолти знамиња протестираат во знак на поддршка на Украина и против руската агресија на оваа држава која започна рано утрово по наредбата од Путин да се нападне Украина.

Масовни протести низ цела Европа во знак на поддршка на украинскиот народ и против руската агресија на Украина/Фото: ЕПА-ЕФЕ

Додека руските воени сили од копно и воздух удираа на Украина и на главниот град Киев, илјадници граѓани во европските престолнини излегоа да го изразат своето незадоволство од почетокот на нова војна на европско тло.

21.21ч. Руски воен транспортен авион се урна во јужниот руски регион Воронеж, загина екипажот

Руски транспортен авион Антонов Ан-26 со воена опрема се урна во јужниот руски регион Воронеж, во близина на Украина, при што загинаа сите членови на екипажот во авионот, соопшти Министерството за одбрана.

„За време на планираниот лет за транспорт на воена опрема, се урна авион Ан-26 на руските воздушни сили”, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

20.10ч. Бајден: Путин е агресор, Путин одбра војна и сега ќе се соочи со последиците

Американскиот претседател Џо Бајден во обраќањето од Белата куќа нагласи дека со недели Русија го планирала нападот врз Украина. Распоредувала војници, воена опрема, полски болници и се што е потребно за почеток на воена инвазија.

Обраќање на американскиот претседател Џо Бајден/Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Бајден нагласи дека со недели предупредувале на подготовките на Русија, дури и ги објавувале разузнавачките податоци од теренот за да го спречат во намерите да ја нападне Украина.

-Путин е агресор, Путин одбра војната и сега тој и неговата земја ќе се соочат со последиците, нагласи Бајден.

19.42ч. ФОТО: Антивоени протести низ Русија, полицијата уапси над 700 лица

Руската полиција приведе повеќе од 700 луѓе на антивоените протести во повеќе градови во Русија, откако претседателот Владимир Путин испрати војници да ја нападнат Украина, соопштија независни набљудувачи.

Полицијата апси демонстранти во Санкт Петерсбург/Фото: EPA-EFE/ANATOLY MALTSEV

„Повеќе од 735 лица се приведени во 40 градови”, соопшти ОВД-Инфо, која следи апсења на митинзи на опозицијата.

Повеќе од 330 лица се приведени во Москва, соопшти мониторингот.

19.10ч. Украина потврди: Руските сили ја зазедоа напуштената нуклеарка Чернобил

Руските сили ја презедоа контролата врз нуклеарната централа во Чернобил, изјави советник од украинскиот претседателски кабинет.

„Невозможно е да се каже дека нуклеарната централа во Чернобил е безбедна по тотално бесмислен напад од Русите”, нагласи советникот Микаил Подолиак.

„Ова е една од најсериозните закани во Европа денес”.

19.00ч. Како руската војска го сумираше денешниот прв ден на воени дејства во Украина

Русија соопшти дека нејзината војска ги постигнала целите поставени за првиот ден од инвазијата врз Украина, откако го започна нападот и покрај предупредувањата за опсежни западни санкции.

Руски тенк во Украина EPA-EFE/ATEF SAFADI

– Сите задачи што им беа доделени на вооружените сили на Руската Федерација за овој ден беа успешно завршени, рече портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков.

– Од почетокот на специјалната операција, руските вооружени сили онеспособија 83 украински копнени воени инфраструктурни објекти, уништија четири авиони и едно беспилотно летало, соопшти генерал-мајор Игор Конашенков, пренесува ТАСС.

 

18.25ч. Се огласи Путин, прва изјава по нападот на Украина: Она што се случи е присилна мерка

 

Путин призна дека иако состанокот со претставниците на бизнис заедницата бил претходно планиран, сепак се одвивал „под нестандардни околности“.

Владимир Путин/ Фото EPA-EFE/SERGEY GUNEEV/KREMLIN POOL/

-Она што се случи е присилна мерка, рекол Путин за „воената операција“ во Украина. Не ни останија никакви шанси да направиме поинаку. Безбедносните ризици се создадени така што беше невозозможно да се одговори со други средства, порача тој.

Путин рано во четвртокот рече дека „одлучил да покрене специјална воена операција“. Според агенцијата Спутник, тој ситуацијата ја нарекол „живот и смрт“ за Русија по годините кои ги поминале опкружени со НАТО земјите. Недолго по неговото обраќање, светските медиуми започнаа да пренесуваат извештаи за експлозии ширум Украина.

17.35ч.  Факти наспроти дезинформациите за рускиот напад на Украина

Новинарите на светските агенции ги документираат воените активности низ Украина, каде растат дезинформациите за време на руската офанзива од земја и од воздух.

Со оглед на тоа што социјалните мрежи подгреваат разни тврдења, во зависност од тоа која ја страна ја поддржуваат, Бета, повикувајќи се на АП пренесува листа на настани што може да се потврдат. Погледнете ја целата листа на вести.

17.29ч. Полициски час во Киев од 22 до 7 часот наутро, движење само со дозвола

 

Метростаниците во Киев ќе служат како засолништа/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Киев воведе полициски час, со траење од 22 часот до 7 часот наутро.

„Ова е неопходен чекор. Во сегашнит е услови на воена агресија и вонредна состојба, ова е неопходно за безбедноста на жителите на главниот град. Јавниот превоз нема да функционира за време на полициски час. Во исто време, метро станиците ќе бидат деноноќно достапни како засолништа. Ги молиме сите жители на Киев да се вратат во своите домови на време”, се наведува во соопштението од канцеларијата на градоначалникот на Киев.

16.15 ч. Кулеба: Путин ја турна Европа во најмрачните времиња од 1939 година

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека ја турка Европа во најмрачните времиња од 1939 година. Тој ги повика другите земји во светот итно да воведат строги санкции кон Русија и да обезбедат воена и финансиска поддршка за Украина.

„Токму сега, Путин ја турка Европа во најмрачните времиња од 1939 година”, оцени Кулеба.

15.34 ч. Русија досега извршила 203 напади

Украинската полиција денеска соопшти дека Русија од почетокот на денот извршила 203 напади и дека борбите се водат на речиси цела украинска територија.

Граничната полиција соопшти дека украинската војска се бори со руските сили во близина на источниот град Суми.

15.09 ч. Макрон: Санкциите ќе бидат на ниво на агресија, нема да бидеме немоќни

Франција и нејзините сојузници ќе одлучат за санкциите против Русија „за агресијата, за која таа е одговорна” и тие ќе се однесуваат на „воената индустрија, економијата и енергетиката”, истакна претседателот Емануел Макрон во говорот во Елисејската палата.

  • Нема да бидеме немоќни во донесувањето одлуки на состанокот на Г7 и на Европскиот совет вечерва, додаде претседателот, предупредувајќи ги Французите дека овој „воен акт” ќе има „големи и трајни последици за нашите животи и геополитика на нашиот континент”.

 

14.48 ч. Граѓаните на Москва со различен став за инвазијата: „Жал ми е за Украинците но жал ни е и за нас“

Денеска во раните утрински часови започна руската инвазија на соседна Украина, од повеќе правци. Младите од Москва имаат различни ставови за ваквите потези на лидерот Владимир Путин. Додека повеќето соговорници на Ројтерс ги осудуваат воените активности, велејќи дека товарот на целата криза ќе падне на нивните рамења, некои сметаат дека нападите се правилна одлука „затоа што мора да се бранат доколку Украинците претставуваат закана за нивниот народ“.

„Тоа е ужасно. Нема добра војна. Тоа е страшно за сите што се вклучени и во неа учествуваат . Тешко е да се каже како сега се чувствуваат обичните луѓе во Украина“, велат дел од граѓаните на Москва.

14.44 ч Паника и очај на улиците на градот Мариопол

На улиците на украински Мариупол владее очај и паника по почетокот на руската инвазија. Жителите во голем страв побрзаа кон банкоматите, а забележан е и голем број возила кои излегуваат од градот.

Многу жители во страв бараа засолниште, мајките со деца се прашуваа што сега? Каде да се оди, со кого да се контактира, бидејќи нема планови за евакуација.

14.32 ч ВИДЕО |„Мамо и тато, ве сакам“: Се шири снимка од украински војник пред руската инвазија

На социјалните мрежи се прошири видеото на еден украински војник во моментот на рускиот напад. Тој беше снимен како вели: Мамо, тато, ве сакам.

14.07 ч. Русија до 13 часот извела повеќе од 30 напади, тврди украинската армија

Русија до 13 часот извршила повеќе од 30 напади врз цивилната и воената инфраструктура во Украина, се наведува во извештајот на Генералштабот на украинската армија, што го пренесуваат агенции.

„Вооружените сили на агресорот извршија повеќе од 30 напади со крстосувачки ракети „калибер”, а извршија и повеќе ракетни напади. Во нападите учествуваа авијацијата и артилеријата, чија цел беше цивилната и воената инфраструктура во Украина“, соопшти Генералштабот.

Се додава дека „непријателот ја продолжува офанзивата од воздух, како и дека ја преминал украинската граница во правците Аријанск-Херсон, Чаплинка-Каховка“.

Според украинскиот Генералштаб, забележена е засилена активност на диверзантско-извидувачки групи во оперативната област Бесарабија и во Црноморската оперативна зона на Украина.

Поголем дел од Здружените украински сили се преминати на одбранбени операции.

Оперативно-тактичките групи водат одбранбени борби во сите правци во кои непријателот напредува”, се додава во соопштението на Генералштабот на украинската армија во Киев.

14.05 ч. Русија и Кина ги обвинија Украина и Западот за ескалацијата на конфликтот

Русија и Кина ги обвинуваат западните земји и Киев за ескалацијата на конфликтот во Украина, наведе денеска Министерството за надворешни работи во Москва, по разговорите меѓу министерите за надворешни работи Сергеј Лавров и Ванг Ји, јави ДПА.

„Министрите го изразија своето заедничко уверување дека причината за актуелната криза е одбивањето на Киев, охрабрено од САД и нивните сојузници, да го спроведе пакетот мерки од Минск одобрен од Советот за безбедност на ОН“, соопшти Министерството.

13.59 ч. Кремљ: Руската воена операција во Украина ќе трае колку што ќе биде потребно

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Москва сака да наметне „неутрален статус” на Украина, да ја демилитаризира и да ги отстрани „нацистите” од земјата.

„Времетраењето (на операцијата) ќе биде одредено според нејзините резултати и нејзината оправданост. За тоа ќе одлучи врховниот командант на вооружените сили Владимир Путин“, рече Песков.

Тој тврди дека Москва не сака да ја „окупира Украина” и дека иднината е „прашање на избор на украинскиот народ”.

„Теоретски, Украина треба да се ослободи и исчисти од нацистите“, изјави портпаролот на Кремљ.

Москва ги обвинува прозападните власти во Киев дека со помош на воени групи блиски до крајната десница организирале „геноцид“ на жителите кои зборуваат руски на исток.

Сепак, портпаролот на Кремљ не одговори на прашањето дали Москва го смета украинскиот претседател Володимир Зеленски за „нацист”.

Според него, одлуката за напад на Украина „била диктирана од грижата за иднината на Русија, која со недели барала од Западот да вети дека Киев никогаш нема да влезе во НАТО”.

13.33 ч. Украинска гранична служба: Руските сили упаднаа во регионот на Киев

Руските сили се пробија во северниот дел на регионот Киев, соопштија украинските погранични сили, извршувајќи напад со проектили „Град“ врз владините позиции.

Западни медиуми во северниот дел на главниот град на Украина регистрирале хеликоптери кои летаат кон градот, по извештаите дека аеродромот е нападнат.

Патиштата надвор од Киев денеска се заглавени со сообраќај, бидејќи луѓето се обидуваат да го напуштат градот по руската инвазија.

Извештаите сугерираат дека руските тенкови напредуваат кон Киев од Белорусија, границата е на два часа возење.

13.31 ч. НАТО нема да испраќа војници во Украина, но го засилува присуството на Исток

Лидерите на земјите членки на НАТО утре ќе се состанат на вонреден самит преку видео врска, денеска на амбасадорско ниво е донесена одлука дополнително да се зајакне присуството на Алијансата во источниот дел и да се зголеми воената подготвеност, јави дописничката на МИА од Брисел.

За ова попладнево информираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата на Северноатлантскиот совет во седиштето на Алијансата во Брисел.

Столтенберг уште еднаш во име на сите 30 земји членки го осуди рускиот напад врз Украина на најостар можен начин, нарекувајќи го нападот брутален чин на војна.

– Ова е страшен миг за безбедноста во Европа, рече генералниот секретар, додавајќи дека целта на Кремљ е да ги врати своите сфери на влијание и да ја ревидира историјата.

На состанокот утрово земјите членки на НАТО одлучија да го зголемат бројот на воени сили во источниот дел од Алијансата сѐ до Медитеранот и да ги активираат одбранбените планови, со што воената команда ќе добие поголема слобода да ги распоредува и движи воените сили, но во политички усогласени рамки, објасни генералниот секретар.

Сепак Столтенберг инсистираше дека трупи во Украина нема да бидат испратени од страна на Алијансата.

– Нема трупи на НАТО во Украина и нема намера за испраќање трупи, го зголемивме нашето присуство во источниот дел од територијата на НАТО. Украина е високо вреднуван партнер на кој му помагаме да изгради поспособни помодерни сили, кои ги обучуваме и опремуваме, рече шефот на Северноатлантската Алијанса.

Тој додаде дека воените сили во Украина се многу поспособни од 2014 кога се случи првата руска инвазија во Украина.

Столтенберг исто така увери дека директен судир помеѓу Русија и НАТО нема да има затоа што НАТО е најсилниот воен сојуз во светот, и дека принципот на солидарност помеѓу земјите сојузнички е цврст – напад врз било која земја членка на НАТО ќе се смета за напад врз сите и ќе предизвика силен одговор.

– Нашето зголемено присуство на истокот е за да се осигуриме дека нема да се прошири на територијата на НАТО, додека Русија знае дека напад ќе предизвика одговор од сите, таа нема да нападне затоа што сме најсилниот сојуз во историја, ова е најдобар начин да се спречи прелевањето на оваа трагедија, изјави Столтенберг.

Генералниот секретар порача дека од денес повеќе Европа нема да биде иста и дека започнува нова реалност

13.24 ч. Како руската инвазија ќе ги потресе САД и целиот свет? Далекусежните последици од наредбата на Путин за напад

Покрај предизвиците за светскиот поредок на чело со САД и она што некогаш беше познато како слободен свет, Американците ќе ја платат цената за овој напад, иако тие, како народ на Украина, не се на удар.

Извесни се повисоките цени на бензинот и инфлацијата. Нафтата скокна над 100 долари за барел речиси веднаш штом започна рускиот напад. А бидејќи Путин побара повлекување на НАТО од поранешните советски сателитски држави кои се приклучија на таа организација, ова е исто така американска криза.

Соединетите Американски Држави нема да испратат војници директно во Украина да се борат против Русија, имајќи предвид дека Украина, како не-членка на НАТО, не ги ужива гаранциите за меѓусебна одбрана на алијансата. Но, речиси е сигурно дека Вашингтон ќе мора да испрати војници за да ги зајакне своите европски сојузници и бази кои почнаа да ги напуштаат пред 30 години. Балтичките земји Летонија, Литванија и Естонија наеднаш изгледаат ранливи и, за разлика од Украина, се членки на НАТО што САД се обврзани да ги бранат со договорот. Постои и можност за бунт финансиран од САД во Украина, што го зголемува ризикот од нова прокси војна меѓу Вашингтон и Москва.

Прочитајте ја целата анализа ТУКА.

13.19 ч. ИНФОГРАФИК: Анкетите покажуваат непомирливо спротивставени ставови кај Украинците и Русите

Додека светот е вчудоневиден од развојот на настаните помеѓу Русија и Украина со денешниот директен воен напад врз Украина, веројатно тоа можеше и да се претпостави од последната анкета спроведена од Си-ен-ен во обете земји.

Дали е во ред Русија да употреби воена сила за да ја спречи Украина да се приклучи на НАТО? Погледнете го инфографикот ТУКА.

13.15 ч. ВИДЕО: Граната погоди цивил на велосипед во руските напади врз Украина

Граната погоди цивил на велосипед во руските напади врз Украина од страна на Русија.

Вознемирувачко видео е објавено на социјалната мрежа Твитер каде од минута до минута се појавуваат информации за состојбата во Украина.

13.05 ч. ВИДЕО | Наталија Задорожњук, амбасадорка на Украина: Целта на Русија е да ја уништи Украина

Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук

Украина не само што ќе се брани, туку таа веќе го брани својот суверенитет уште од 2014 година, со 14.000 загинати со необјавена војна. Сега, кога војната е официјално објавена од страна на рускиот режим, нашите бранители со сите сили ја бранат украинската земја и уште сега ѝ даваат решителен отпор на државата агресор, вели амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук. Во разговорот за „Слободен печат“, таа се осврна на другите аспекти од воениот конфликт.

– Ова е нов, побрутален, отворен воен напад врз мирната Украина. Целта на Русија е да ја уништи Украина. Руските вооружени сили извршија напади на мирни украински градови и села, на периметарот на привремено окупираниот Крим, Донбас и југоисточните региони. Војната што ја започна Руската Федерација, го дестабилизира целиот свет, Европа, вклучувајќи го и Балканот. Агресијата е обид да се наметне тоталитарна и авторитарна идеологија.

СП. Дали се надевате дека двете земји ќе постигнат компромис?

– На ова прашање сакам да одговорам со зборовите на родената во Киев, поранешна премиерка на Израел, Голди (Галина Мејер): „Ние сакаме да живееме, а нашите соседи сакаат да нè видат мртви. Ова не остава многу простор за компромис“.

Прочитајте го целиот разговор ТУКА.

13.00 ч. Шолц: Ова е војна на Путин, направи голема грешка со неа

Олаф Шолц / Фото EPA-EFE/Michele Tantussi / POOL

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска истакна дека „ова е војна на Путин”.

Обраќајќи им се на граѓаните, Шолц истакна дека Русија денеска грубо го прекршила меѓународното право, нанесувајќи им страдање на соседите, кршејќи го суверенитетот и границите на Украина и ги загрозува животите на својот брат народ во Украина.

– Така, Русија го доведува во прашање мировниот поредок на нашиот континент. Ова е војната на Путин. Путин направи голема грешка со својата војна, подвлече тој.

Шолц додаде дека тој на украинскиот претседател му ја изразил целосната германска солидарност.

Канцеларот наведе дека го свикал Советот за национална безбедност за да донесе одлука за натамошни активности и ги повика сите германски граѓани да ја напуштат Украина заради сопствена безбедност.

12.15 ч. ВИДЕО | Зеленски ги повика Украинците да ја бранат својата држава а народот на Русија да се спротивстави на војната

Зеленски во својот говор до нацијата го повика и народот на Русија, „оние кај кои останало барем малку доблест“, да протестираат против војната во Украина, јавија украинските медиуми.

„Од денеска нашите земји се од различни делови на светската историја. Руската држава стои на патот на злото, но многу работи се уште зависат од рускиот народ. Граѓаните на Русија денеска ќе изберат на кој пат ќе застане секој од нив лично. Оние кои сè уште не ја изгубиле совеста, време е да излезат и да протестираат против оваа војна, против војната со Украина”, напиша Зеленски на Твитер.

12.10 ч. Киев е град на духови

Плоштадот Мајдан во Киев е речиси празен исто како и улиците во главниот град на Украина откако утринава во 5 часот започна руската инвазија врз Украина.

Еден дел од граѓаните на Киев неколку часа по почетокот на руската воена интервенција во колони од возила се упатија кон запад, кон градот Лвов, каде се смета дека е побезбедно и каде изминатава недела беа преместени странските амбасади.

Украинците го купуваат неопходното / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Оние кои излегуваат на улица излегуваат само за да набават неопходна храна и лекови. Во деловите од Украина кои се на истокот од земјата нема струја.

На истокот од Украина нема струја / Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика граѓаните да останат дома и да останат смирени и рече дека ситуацијата во државата е под контрола.

12.00 ч. Нова цел градот Харков: Руските тенкови напредуваат, НАТО испраќа дополнителни војници

11.45 ч. Инвазијата на Украина е најголемата војна во светот од инвазијата на Ирак во 2003 година

Уредникот на Гардијан за одбрана и безбедност, Ден Саба, ги оцени воените сили на Русија и Украина и она што западните аналитичари веруваат дека Владимир Путин сака од неговата сеопфатна инвазија.

„Русија собра над 150.000 борбени војници на границите на Украина, со уште 34.000 лесно вооружени сепаратистички сили во проруските држави Доњецк и Луганск. Се проценува дека е две третини од вкупните копнени сили на Русија. Половина од воздушните сили на Москва се исто така распоредени во регионот.

Инвазијата на Украина ќе биде најголемата војна во светот од инвазијата на Ирак предводена од САД во 2003 година, која распореди околу 175.000 војници; и западните воени лидери предупредија дека може да доведат до најсериозните борби во Европа од крајот на Втората светска војна.

Украинскиот лидер Володимир Зеленски ги прекина дипломатските односи на Киев со Москва како одговор на руската инвазија.

„Ги прекинувавме дипломатските односи со Русија”, нагласи Зеленски во видео порака.

Тој ги повика воените ветерани и оние кои имаат искуство да се пријават во мобилизациските центри како и граѓаните кои се во можност да дадат крв која е многу потребна за повредените војници.

Националната банка и другите банки ги имаат сите неопходни ресурси и за одбрана и за граѓаните на Украина. Сега нема политички противници, сега сите сме едно, рече Зеленски

10.45 ч. Tрогателни сцени од Харков: Украинци клекнуваат да се молат на градскиот плоштад

Клариса Вард од Си-Ен-Ен известува од Харков, Украина, каде што сведочи дека група луѓе се собираат за да клекнат и да се молат на градскиот плоштад неколку часа по најавата на рускиот претседател Владимир Путин за воена операција во Украина.

Видеото може да го погледнете тука.
Колони Украинци заминуваат од Киев / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

10.40 ч. Лукашенко негира дека му дал подршка на Путин: Белоруската армија не учествува во операцијата во Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска соопшти дека воените трупи на неговата земја не учествуваат во нападот врз Украина.

„Нашата армија не учествува во специјална воена операција“, рече Лукашенко, тврдејќи дека немало инвазија во Украина, туку само „демилитаризација“.

10.20 ч. „ГРАДОВИТЕ НА ДОНБАС НАСКОРО ЌЕ БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ“ Шефот на ДНР им се обрати на жителите – ги повикува да останат смирени

Шефот на самопрогласената Доњецката Народна Република Денис Пушилин изјави дека воената операција наскоро ќе заврши и дека градовите на Донбас „наскоро ќе бидат ослободени“.

Тој им се обрати на жителите на ДНР во градовите кои се уште се под контрола на украинската армија дека ништо не им се заканува и ги повика да останат смирени.

Володимир Зеленски, ретседател на Украина / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

10.00 ч.  Зеленски ги повика светските сили да помогнат во одбрана на воздушниот простор на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика светските лидери да обезбедат помош во одбраната со цел да се заштити воздушниот простор на Украина од Русија.

 

Командантот на украинската армија претходно изјави дека добил наредба од Зеленски да возврати на руската инвазија на неговата земја.

9.53 – Украинската амбасадорка: Од нашиот заеднички одговор зависат животите на македонските, украинските и европските граѓани

Украинската амбасадорка во земјава, Наталија Задорожњук утрово преку видео-обраќање побара помош од меѓународната заедница за рускиот напад на Украина, кој што започна утрово во 5 часот по средноевропско време.

– Целта на руската воена операција е уништување на украинската држава, населно заземање на украинска територија и воспоставување на окупациска контрола. Руските војски извршуваат напади на мирните украински градови, вклучително од Донбас и од Белорусија. Ова е чин на војна и грубо кршење на повелбата на ОН. Борбениот дух на украинските војници е висок, нашите бранители се подготвени да дадат решителен отпор на државата агресор. Бараме меѓународната заедница веднаш да делува. Од нашиот заеднички одговор зависат животите и безбедноста на граѓаните на Европа, Украина, Македонија и иднината на светскиот поредок, рече амбасадорката.

9.41 ч. Русите во Москва шокирани од инвазијата на Путин врз соседите: „Се срамам од мојата земја“

На Стариот Арбат, една од најпрометните пешачки улици во Москва, многумина изразија шокираност што Русија извршила сеопфатен напад врз Украина, пишува Гардијан.

„Не мислев дека Путин ќе биде подготвен да оди до крај. Како можеме да ја бомбардираме Украина? Имаме наши несогласувања, но тоа не е начин да ги решиме“, рече Ксенија Фадејева.

„Се срамам од мојата земја. Да бидам искрен, останав без зборови. Војната е секогаш застрашувачка. Ние не го сакаме ова“, рече Никита Голубев.

„Не можев да поверувам на веста што ја прочитав утрово. Војната со Украина? Што правиме? Се чувствувам немоќна“, рече Татјана, која побара нејзиното презиме да не се објавува.

9.20 ч. Специјално предупредување од Кина до украинските граѓани: Останете дома, подалеку од прозорците, ставете знаме на возилата

Кинеската амбасада во Украина рано утринава издаде предупредување за своите граѓани во земјата, барајќи од безбедносни причини да го стават кинеското знаме на своите возила, откако започна рускиот напад врз Украина.

– Ситуацијата во Украина драстично се влоши. Бомбашки напади имало во повеќе градови, а во тек се воени операции – се наведува во соопштението на амбасадата. Тие ги повикаа граѓаните да останат дома и подалеку од прозорци или стакло, предупредувајќи дека на улиците може да се случат „сериозни немири“.

8.58 ч. Украински извори: Еден загинат, еден повреден во Киев, вкупно девет жртви досега

Украински извори информираат дека во руски гранатирања досега загинале најмалку седум лица, а деветмина се повредени.

8.38 – Жителите на Донбас: Ситуацијата е застрашувачка

Жителите на Донбас изјавија дека ситуацијата во тој украински регион е „застрашувачка“ по руската воена инвазија на Украина.

Аркадиј, жител на Краматорск, рече дека се надева оти ситуацијата наскоро ќе се подобри.

Пред банкоматот се луѓе кои чекаат во редици за да подигнат пари, додека звуците на борбените авиони одекнуваат на небото.

8.32  ч. „Не можам да објаснам што е тоа“ – новинар утрово во 04 часот се јави во живо од Украина

Говорејќи од покрив на еден објект во центарот на Киев, репортерот на Си Ен Ен, Метју Чанс рече дека слушнал четири или пет експлозии како избиле во градот.

„Не можам да објаснам што е тоа“, вели тој.

8.15 ч. „Не се обидувајте да се мешате“, сериозно предупреди Путин: Почна војната во Украина, експлозии во Киев, Харков, Одеса, Мариупол

Руските сили рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија војници на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече во ТВ-обраќањето, специјална воена операција на истокот.

Неколку многу важни зборови за оние кои би можеле да бидат во искушение да се мешаат во настаните што се случуваат. Кој ќе се обиде да не попречи, да се обиде да се закани за нашата земја и народ, треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и дека ќе ги доведе до такви последици со кои никогаш не се соочиле во историја, предупреди тој.

Набргу откако Путин зборуваше на руската државна телевизија, во тишината пред зори можеше да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.

Престрелки одекнуваа во близина на главниот аеродром во главниот град, објави новинската агенција Интерфакс, а над градот се огласија сирени.

7.50 ч. Реакции на светски лидери за руската воена операција врз Украина

„Молитвите на целиот свет се со народот на Украина вечерва, бидејќи тие трпат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили”, рече американскиот претседател Џо Бајден веднаш по почетокот на операцијата. Тој предупреди „Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад”. „Светот ќе бара одговорност од Русија”.

„Згрозен сум од ужасните настани во Украина и разговарав со претседателот Зеленски за  следните чекори”, напиша британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер. „Претседателот Путин го избра патот на крвопролевање и уништување со лансирањето на овој неиспровоциран напад врз Украина. Велика Британија и нашите сојузници ќе одговорат одлучно”.

„Во овие темни часови, нашите мисли се со Украина и со невините жени, мажи и деца додека се соочуваат со овој неиспровоциран напад и страв за нивните животи”, напишаа шефовите на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел на Твитер. „Ќе бараме одговорност од Кремљ.

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Русија „го избрала патот на агресија против суверена и независна земја”. Нападот „загрозува безброј животи на цивили”, рече Столтенберг во изјавата, опишувајќи го како „тешко кршење на меѓународното право и сериозна закана за евроатлантската безбедност”. Амбасадорите на НАТО треба да одржат итен состанок денска наутро по европско време за да разговараат за нападот.

Гутереш упати директна и лична молба до рускиот претседател Владимир Путин по вонредната седница на Советот за безбедност, барајќи од него да го запре нападот „во име на човештвото”. „Во име на хуманоста, не дозволувајте да започне во Европа она што може да биде најлошата војна од почетокот на векот”, рече тој. „Конфликтот мора да престане сега”, додаде шефот на ОН, кој рече дека тоа е „најтажниот ден” во неговиот мандат.

7.30 ч. Путин: Само ќе ја денацифизираме и демилитаризираме Украина, нема да ја освојуваме цела

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија „не планира да ги окупира украинските територии“ откако објави дека е почната специјална операција за одбрана на самопроласените народните републики Доњецк и Луганск од „украинската агресија“. Путин рече дека „само“ сака да го „денацифизира“ и „демилитаризира“ својот сосед.

Рускиот претседател рече дека Москва нема далекусежни планови за преземање на целата територија на Украина.

Тој ги обвини САД и нивните сојузници дека го игнорирале барањето на Русија да ја спречат Украина да влезе во НАТО и да ѝ понудат на Москва безбедносни гаранции.

7.20 ч. Активирани сирени за воздушен напад во украинскиот град Лавов

Сирените за воздушен напад одекнаа во четвртокот во западниот украински град Лавов, јави репортер на АФП, додавајќи дека нема веднаш звуци од експлозии или други знаци на напад.

Градот се претвори во привремена база на неколку западни амбасади, вклучително и САД и Велика Британија, кои ги евакуираа своите дипломати од главниот град Киев во деновите пред рускиот напад врз Украина.

7.15 ч. Украински извори: Соборени руски авиони и хеликоптер

Украинската војска денеска потврди дека соборила пет руски авиони и хеликоптер на истокот од земјата во близина на енклава под контрола на бунтовниците.

фото: ЕРА/MAXIM SHIPENKOV

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот