ФОТО+ВИДЕО | „Не се обидувајте да се мешате“, сериозно предупреди Путин: Почна војната во Украина, експлозии во Киев, Харков, Одеса, Мариупол

Експлозии во Киев / Фото: Твитер

Руските сили рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија војници на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече во ТВ-обраќањето, специјална воена операција на истокот.

Неколку многу важни зборови за оние кои би можеле да бидат во искушение да се мешаат во настаните што се случуваат. Кој ќе се обиде да не попречи, да се обиде да се закани за нашата земја и народ, треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и дека ќе ги доведе до такви последици со кои никогаш не се соочиле во историја, предупреди тој.

Набргу откако Путин зборуваше на руската државна телевизија, во тишината пред зори можеше да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.

Престрелки одекнуваа во близина на главниот аеродром во главниот град, објави новинската агенција Интерфакс, а над градот се огласија сирени.

„Путин штотуку почна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати“, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.

„Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Време е да се дејствува.“

Реагирајќи на инвазијата што Западот ја очекуваше со недели, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите молитви се со народот на Украина „додека претрпуваат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“.

Русија повикуваше на прекин на проширувањето на НАТО на исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската алијанса предводена од САД е неприфатливо.

Тој рече дека ја одобрил воената акција откако Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите што доаѓаат од модерна Украина, држава со 44 милиони жители.

„Русија не може да се чувствува безбедна, да се развива и да постои со постојаната закана што произлегува од територијата на модерна Украина“, рече Путин. „Целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина.“

Целосниот опсег на акцијата е нејасен

Целосниот обем на руската воена операција сѐ уште не е јасен, но Путин рече: „Нашите планови не вклучуваат окупација на украински територии. Ние нема да наметнеме ништо со сила“.

Говорејќи додека Советот за безбедност на ОН одржуваше итен состанок во Њујорк, Путин рече дека им наредил на руските сили да го заштитат народот и ја повика украинската војска да го положи оружјето.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничните сили и дека експлозии се слушаат во многу градови.

Тој рече дека е прогласена вонредна состојба и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Во средата беа мобилизирани резервистите.

Медиумите објавија дека воените командни центри во Киев и североисточниот град Харков биле погодени со проектили додека руските трупи влегле во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол.

Сведок на Ројтерс подоцна слушнал три силни експлозии во Мариупол.

Сепаратистите поддржани од Русија соопштија дека почнале офанзива врз источниот град Шчастија, кој е под контрола на Украина, јави руската новинска агенција Интерфакс, а експлозии го потресоа и отцепениот град Доњецк во источна Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот