ВИДЕО | Наталија Задорожњук, амбасадорка на Украина: Целта на Русија е да ја уништи Украина

Амбасадорка на Украина во РСМ, Наталија Задорожњук (фото извор: Амбасада на Украина)

Украина ја повикува меѓународната заедница веднаш да дејствува и да се преземаат обединети и решителни чекори, кои можат да ја запрат агресијата на Русија против Украина. Ние сме потполно уверени дека и пријателска Северна Македонија ќе се приклучи кон овие напори на Европа, НАТО и на целиот свет. Ние очекуваме од Северна Македонија максимална поддршка на сите нивоа, вели амбасадорката на Украина во разговорот за „Слободен печат“.

Украина не само што ќе се брани, туку таа веќе го брани својот суверенитет уште од 2014 година, со 14.000 загинати со необјавена војна. Сега, кога војната е официјално објавена од страна на рускиот режим, нашите бранители со сите сили ја бранат украинската земја и уште сега ѝ даваат решителен отпор на државата агресор, вели амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук. Во разговорот за „Слободен печат“, таа се осврна на другите аспекти од воениот конфликт.

– Ова е нов, побрутален, отворен воен напад врз мирната Украина. Целта на Русија е да ја уништи Украина. Руските вооружени сили извршија напади на мирни украински градови и села, на периметарот на привремено окупираниот Крим, Донбас и југоисточните региони. Војната што ја започна Руската Федерација, го дестабилизира целиот свет, Европа, вклучувајќи го и Балканот. Агресијата е обид да се наметне тоталитарна и авторитарна идеологија.

Дали се надевате дека двете земји ќе постигнат компромис?

– На ова прашање сакам да одговорам со зборовите на родената во Киев, поранешна премиерка на Израел, Голди (Галина Мејер): „Ние сакаме да живееме, а нашите соседи сакаат да нè видат мртви. Ова не остава многу простор за компромис“.

Во каква улога ја гледате Северна Македонија во овој конфликт?

– Украина ја повикува меѓународната заедница веднаш да дејствува и да се преземат обединети и решителни чекори, кои можат да ја запрат агресијата на Русија против Украина. Ние сме потполно уверени дека и пријателска Северна Македонија ќе се приклучи кон овие напори на Европа, НАТО и на целиот свет. Ние очекуваме од Северна Македонија максимална поддршка на сите нивоа, на ниво на меѓународните организации ООН, ОБСЕ, како членка на НАТО, како кандидат за ЕУ. Очекуваме поддршка на билатерално ниво, како земја пријателска кон нас, од претседателот, Владата, Собранието, другите државни органи. Очекуваме јасни, остри, политички изјави, но и реална помош во вид на санкции против агресорот, а хуманитарна помош во согласност со можностите на Северна Македонија. Исто така, очекуваме отворена јавна осуда од обичните граѓани на Северна Македонија.

Дали во случај на хуманитарна криза, ќе побарате од Северна Македонија да ги засолни украинските граѓани?

– Во оваа ситуација на официјално ниво, Украина не планира да се обрати до Северна Македонија со барање за засолнување на нејзините граѓани. Неофицијално, сигурна сум дека на лично ниво, како граѓаните на Украина кои се веќе и државјани на Северна Македонија, така и обичните македонски граѓани што имаат роднини или пријатели во Украина, самоиницијативно ќе се обратат до своите блиски со повик да се засолнат кај нив додека не заврши овој кошмар. Амбасадата добива многу пораки од обични граѓани на Северна Македонија, кои нудат своја помош и свои можности за засолнување на нашите граѓани. Ви благодариме. Сега засега немаме таква потреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот