Не било заштитено градилиштето во Кисела Вода, каде што загина работник
Сериозни пропусти во безбедноста при работа утврдил Државниот инспекторат за труд на градилиштето во скопската населба Кисела Вода, каде загина 34-годишен работник од Крива Паланка, а тројца негови колеги беа повредени.
Препорачано
Иако сите ангажирани работници биле во работен однос кај подизведувачот, според наодите на Инспекторатот, не биле преземени основни мерки за безбедност.
„Од областа на Безбедност и здравје при работа утврдено е дека не биле преземени колективни мерки за заштита, односно не било направено подградување на ивиците на темелната јама или друг начин за заштита од обрушување на земјиштето, што е и причина за несреќата“, соопштија од Државниот инспекторат за труд.
Поради утврдените неправилности, изречена е усмена забрана за работа на градилиштето, која останува на сила сѐ додека не се отстранат причините за несреќата и не се обезбедат сите неопходни мерки за заштита на работниците. Од инвеститорот и изведувачот е побарано да ја достават целокупната документација поврзана со безбедноста и здравјето при работа.
Во понеделник инспекторите ќе одат на втор увид, а очекуваат во вторник да ја добијат и документацијата од фирмата изведувач „Компанија Јакимовски“ и од инвеститорот „НАР инвестмент“.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство продолжува со истрагата за утврдување на околностите под кои се случила несреќата, а издадена е и наредба за обдукција на починатиот работник. Повредените лица, на возраст од 35 до 45 години, се хоспитализирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде нивната состојба се следи.
ФОТО+ВИДЕО | Еден загинат и тројца повредени градежни работници на градилиште во Кисела Вода
Сопственик на фирмата која е инвеститор е поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски.


