Ивица Коневски е инвеститор на зградата во Кисела Вода каде што загина работник: „Потресени сме сите“
Поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, е инвеститор на зградата во Кисела Вода каде што утринава загина еден градежен работник, а тројца без повредени откако беа затрупани со насип од земја.
Препорачано
Според јавно достапните информации, Коневски е сопственик на компанијата „Нар Инвестмент“ од Скопје, а Илија Коневски е директор. Компанијата е основана во ноември 2025 година како друштво со ограничена одговорност со едноличен капитал и е регистрирана на улицата „Петар Попарсов“ во Центар.
Коневски во изјава за „Слободен печат“ потврди дека неговата компанија е инвеститор на зградата, а како што ни посочи, изведувач на работите е компанијата „Јакимовски“. Тој вели дека сè уште немаат информации за причините за несреќата.
– Засега информациите што ги добивме се дека починал еден работник. Сите сме потресени. Ова е голема трагедија. Немаме информации која била причината за несреќата, ќе видиме – изјави Коневски за „Слободен печат“.
Како што веќе објавивме, еден градежен работник загина, а тројца се тешко повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода.
Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, а еден е со скршеници на двете потколеници и една натколеница.
„Во врска со несреќата на градилиште во Кисела Вода, информираме дека во Ургентниот центар се транспортирани тројца повредени градежни работници. Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман“, соопштија од Ургентниот центар.
ФОТО+ВИДЕО | Еден загинат и тројца повредени градежни работници на градилиште во Кисела Вода


