Израел воведе смртна казна што ги таргетира Палестинците, но не и Израелците
Во пресрет на гласањето на контроверзниот закон за смртна казна, крајно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир носеше значка во форма на јамка, симболизирајќи ја својата поддршка за законот кој предвидува бесење.
Израелскиот парламент усвои закон со кој се одобрува смртна казна за Палестинци осудени за терористички напади со смртоносни последици, мерка што беше остро осудена од меѓународната заедница и организациите за човекови права како дискриминаторска и нехумана, објави „Јуроњуз“.
Препорачано
Шеесет и двајца пратеници, меѓу кои и премиерот Бенјамин Нетанјаху, гласаа „за“, а 48 „против“ предлог-законот, зад кој стоеше крајно десничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир.
Во пресрет на гласањето, Бен Гвир носеше значка во форма на јамка, симболизирајќи ја својата поддршка за законското решение. По усвојувањето, тој објави на Икс: „Испишавме историја! Ветивме. Испорачавме“.
— Од денес, секој терорист ќе знае, а и целиот свет ќе знае, дека кој ќе одземе живот, државата Израел ќе му го одземе животот — им рече тој на пратениците.
Палестинскиот претседател од Норвешка: Трамп и Европа мора итно да го запрат Израел
Смртната казна е за оние што сакаат да му стават крај на Израел
Законот предвидува смртната казна, со бесење, да биде стандардна казна за Палестинци од Западниот Брег осудени за убиства извршени од националистички мотиви. Исто така, им дава можност и на израелските судови да изречат смртна казна на израелски државјани осудени за слични дела, но правни експерти велат дека формулацијата практично значи дека на удар ќе бидат палестинските државјани на Израел, а не еврејските граѓани.
Според текстот, во израелските кривични судови секој што „намерно ќе предизвика смрт на лице со цел да му наштети на израелски државјанин или жител, со намера да се стави крај на постоењето на државата Израел“, ќе биде казнет со смрт или доживотен затвор.
Кривичните судови судат на израелски државјани, вклучително и на палестински државјани на Израел и жители на Источен Ерусалим.
Законот пропишува егзекуцијата да се изврши со бесење во рок од 90 дена од изрекувањето на пресудата, со можност рокот да биде одложен до 180 дена. Во „посебни околности“, казната може да биде намалена на доживотен затвор.
ОН: Израел врши „геноцид“ во Газа убивајќи цивили во училиштата
„Законот ќе се применува само на Палестинци“
Само неколку минути по усвојувањето, Здружението за граѓански права во Израел соопшти дека веќе поднело иницијатива до највисокиот суд во земјата за оспорување на законот.
Според оваа организација, законот е во судир со Основните закони на Израел, кои забрануваат произволна дискриминација. Тие го нарекоа законското решение „дискриминаторско по својата суштина“ и оценија дека парламентот го донел „без правна надлежност“ врз Палестинците од Западниот Брег, кои не се израелски државјани.
„Во воените судови, кои имаат надлежност над Палестинците од Западниот Брег, се воспоставува речиси задолжителна смртна казна“, соопшти организацијата.
Таа додава дека, во цивилните судови, условот обвинетите да дејствувале „со цел да се негира постоењето“ на Израел структурно ги исклучува еврејските сторители.
Амихај Коен, виш соработник во Центарот за демократски вредности и институции при Израелскиот институт за демократија, изјави дека според меѓународното право израелскиот парламент не треба да носи закони за Западниот Брег, бидејќи тоа не е суверена израелска територија.
За време на расправата во парламентот, опозицискиот пратеник и поранешен заменик-директор на Мосад, Рам Бен Барак, остро реагирал на законот.
— Разбирате ли што значи тоа дека постои еден закон за Арапите во Јудеја и Самарија, а друг закон за пошироката јавност за која е одговорна државата Израел? Тоа значи дека Хамас нè порази. Нè порази зашто ги изгубивме сите наши вредности — им рекол тој колегите, користејќи го библискиот термин за Западниот Брег.
Министрите за надворешни работи на Австралија, Велика Британија, Франција, Германија и Италија побараа Израел да се откаже од законот, оценувајќи го како фактички дискриминаторски и нагласувајќи дека смртната казна е и неетична и без вистински одвраќачки ефект.
Советот на Европа, пак, оцени дека станува збор за сериозен чекор наназад, додека Палестинската самоуправа соопшти дека Израел нема суверенитет над палестинската територија и дека со овој закон се обидува да му даде правна рамка на она што тие го опишуваат како вонсудски убиства.
Според правни и политички експерти, законот е поставен така што смртната казна во пракса би се применувала речиси исклучиво врз Палестинци. Воените судови, кои судат само на Палестинци од Западниот Брег, би ја третирале како основна казна за одредени националистички убиства, со ретка можност таа да биде заменета со доживотен затвор, додека цивилните судови имаат повеќе простор за избор.
Дополнителен спорен елемент е и самата дефиниција на делото, убиство со намера да се негира постоењето на Израел, што, според експертите, практично ги исклучува Евреите од опфатот на законот.
Иако смртната казна формално постои во израелското законодавство за исклучително тешки злосторства, таа не е применета уште од 1962 година.
Нови загуби за Израел – четворица војници загинаа во борбите во Либан


