Фон Дер Лајен: Косово да ги формира ЗСО, Србија „де факто“ да го признае

Урсула фон дер Лајен/ Фото EPA-EFE/DUMITRU DORU

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги повика Косово и Србија да работат на нормализација на односите, барајќи од Приштина да ја покрене процедурата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), а од Белград да го прифати де факто признавањето на независноста на Косово, со оценка дека тоа е единствениот начин да се оди напред.

По средбата со косовската претседателка Вјоса Османи во Приштина, Фон дер Лејен изјави за новинарите дека утре ќе отпатува за Подгорица и Белград, каде што „ќе разговара за чекорите што Србија треба да ги преземе за „де факто признавање“ на независноста на Косово.

Ова барање, во заедничката изјава во петокот го изнесоа лидерите на Германија, Франција и Италија, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Џорџа Мелони пренесуваат српските медиуми.

Фон дер Лајен изјави дека ЕУ е „многу посветена на иднината“ на Западен Балкан и посочи дека Европската комисија има план да инвестира 30 милијарди евра во тој регион.

Претседателката на Европската комисија, која во Приштина дојде од Скопје, рече дека либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Косово претставува „нов моментум“ во односите меѓу ЕУ и Приштина.

„Се сеќавам дека минатата година баравме визна либерализација, а сега можам да кажам дека успеавме. Од 1 јануари граѓаните на Косово можат да уживаат во слободното движење. Ова е фантастичен начин да се зближат луѓето“, изјави Фон дер Лајен.

Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека во фокусот на нејзината средба со Фон дер Лајен бил планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, кој неодамна го презентираше претседателката на Европската комисија и додаде дека разговарале и за „најновите случувања во Косово“ и обврските на Приштина.

Османи рече дека Косово е подготвено да го направи следниот чекор „кон европската иднина, за која работи секојдневно“.

Фон дер Лајен во Приштина ќе се сретне и со премиерот Албин Курти, утре ќе ги посети Подгорица и Белград, а во среда во Сараево ќе ја заврши турнејата по Западен Балкан. Таа ја посети Албанија на 15 и 16 октомври, кога се одржа самитот на Берлинскиот процес во Тирана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот