Ристоски за „Слободен печат“: Блеснавме кога беше најтешко, се надевам ќе продолжи нашата одбојкарска „бајка“

Жарко Ристоски ексклузивно за „Слободен печат“ го анализира настапот на најдобрата македонска одбојкарска репрезентација во групната фаза на Европското првенство со пет натпревари одиграни во арената „Стожице“ – Љубљана.

Ристоски е инаку поранешен одбојкарски репрезентативец, кој на клупски план имаше славни моменти во дресот на Работнички во тогашниот „Топ тимс куп“, а воедно беше и на селекторската клупа на сениорите.

– Со самиот пласман на ЕП одбојкарите ја испишаа историјата, учеството на континенталниот собир е круната на целиот труд вложен во изминатите неколку години на оваа генерација. И покрај добриот распоред на натпревари во првата фаза и играњето на репрезентации кои се во наша класа, за жал не успеавме да извлечеме позитивен резултат. Иако сите потајно се надевавме дека токму преку Финска и Турција ќе го трасираме патот којшто води до осминафиналето за потоа со Белорусија го потврдиме сето тоа. Во тоа не успеавме. Дебитантскиот настап и неискуството од едно такво натпреварување го стори своето. Бевме конфузни со осцилации во играта, правевме неизнудени грешки од основната елементарна техника, грешевме во серии посебно во фазата од завршницата од сетовите и нашата предност лесно им ја отстапувавме на противниците. Третото коло и натпреварот со Русија очекувано беше само уште еден силен тест и собирање на искуство за она што претстоеше. Но, вистинската и препознатлива игра на нашите репрезентативци се чини дојде во вистинско време, тогаш кога беше најпотребно – ни изјави Ристоски.

cev.eu/

Во четвртото коло „црвено-жолтите“ ја испишаа првата победа во историјата на ЕП совладувајќи ја Белорусија со резултат 3:1 по сетови 23:15, 25:19, 29:27, 25:20), а во наредниот ден приредивме уште едно големо изненадување триумфирајќи над еден од домаќините на ЕП, Словенија со 3:1 (26:24, 30:28, 19:25, 26:24) и на тој начин ги одржуваат шансите за учество во осминафиналето.

Никола Ѓоргиев, капитенот на селекцијата двапати по ред заслужено беше прогласуван за МВП во „Ц“ групата, реализирајќи вкупно 61 поен против Белорусите и Словенците.

– Блеснавме кога беше најтешко. И покрај лошиот старт и негативата од три загубени натпревари по ред, нашите одбојкари уште еднаш докажаа пред одбојкарска Европа дека се вистински одбојкарски виртуози. Се издигнаа над сите проблеми, тогаш кога беше најтешко, успевајќи да го изнесат целиот тој товар од негатива, претворајќи го во борбен дух, позитивна енергија и одлични перформанси на теренот. Борбеноста, самодовербата, луцидноста, одлучноста во критични моменти нѐ носеа ниво повисоко од нашите ривали.

фото: cev.eu

Деспотовски маестрално ја водеше организацијата на играта, дистрибуција со висока реализација на сите позиции. Милев и Љафтов одлични на последните натпревари, посебно во „money time“ фазата, значи итро справувајќи се со многу тешки моменти на мрежата во фазата на транзиција. Средните блокери беа на висина на задачата. Она што претставуваше проблем во целиот изминат период и недоволната агресивност во блокот, со враќањето на Николов добивме стабилност. Маџунков, како никогаш досега, одличен. Ангеловски стабилен на приемот, додека Николовски е пријатно изненадување како „џокер“ во одбраната. Капитенот Ѓоргиев, лидерски, светски! Сите кои влегуваа во игра, одиграа максимално. Историски две победи кои се надевам ќе бидат доволни нашата одбојкарска „бајка“ продолжи во осминафиналето – додаде Ристоски.

Денеска од 20.30 часот е дуелот помеѓу Турција и Финска. За пласман во елиминациската фаза потребна ни е било каква победа на турската репрезентација.

– Се работи за натпревар од голема важност за Финците, но и за Турците кои веќе обезбедија пласман во следната рунда. Со максимална победа од 3:0 на Турците, како и со пораз на Словенија од Русија, можат да се најдат и на второто место во нашата група. Што значи ќе биде еден одличен натпревар. Она што би било проблем е доколку Финците поведат и Турција ги загубат шансите за висок пласман, тогаш натпреварот би одел во непосакуван тек за нас. Но, да се надеваме на најдобар резултат за нас – заврши Ристоски.

Ова е прв историски настап за Македонија на еврошампионатите предводени од селекторот Никола Матијашевиќ. Во рамките од групата Ц во првите три кола загубивме од Финска (1:3), Турција (0:3) и Русија (1:3).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот