Перез повторно ја нападна УЕФА: Ни се заканува банкрот, клубовите загубија две милијарди евра

Перез им оддаде почит на три легенди кои изминатото лето си заминаа од Реал Мадрид/ фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

Претседателот на Реал Мадрид, тври дека Суперлигата не е мртва и дека клубовите не можат да излезат од неа.

Флорентино Перез не се откажува од својата идеја, европската Суперлига и во интервју за „Ас“ го обвини претседателот на УЕФА, Александер Чеферин дека ја гуши конкуренцијата и со тоа многу големи клубови ќе ги донесе до банкрот.
Нормално, првиот човек на Реал Мадрид не објасни како неговиот клуб и останатите великани дојдоа до работ на банкрот, но повтори дека 12 клубови кои ја формираа Суперлигата пријавија минус од 650 милиони евра за само првите три месеци од пандемијата на коронавирусот.

Затоа според Перез, новиот проект не може да биде мртов иако многумина ја отпишаа Суперлигата.
– Групата постои и во неа се членовите кои ја сочинуваат Суперлигата. Си дадовме време од неколку недели за да размислиме за непријателите кои не сакаат да ги загубат своите привилегии, а притоа манипулираа со нашиот проект. Воопшто нема каење кај мене што влегов во реализација на оваа идеја бидејќи на овој или оној начин, реакцијата на неколкумината кои се привилегирани ќе беше иста. Уште во јануари годинава, претседателот на УЕФА испрати остро предупредување за Суперлигата. Сакавме да разговараме за деталите со УЕФА, но не ни дадоа време. Организирана беше оркестрирана манипулација каква што не сум видел досега. Бевме присилени да се обратиме до судовите кои издадоа забрана и им наложија на УЕФА и ФИФА како и лигите и националните федерации да се воздржат од преземање било какви мерки кои би го спречиле формирањето на Суперлигата. Според мене, со оваа пресуда завршува монополот на УЕФА. Но, и покрај тоа што беше соопштено во вторникот, претседателот на УЕФА веќе во средата продолжи со своите закани. Тоа се акции кои се косат со правото на слободна конкуренција во Европската Унија – вели Перез во интервјуто за „Ас“.

Претседателот на Реал Мадрид тврди дека загубите на 12 клубови на крајот од пандемијата ќе изнесуваат повеќе од две милијарди евра.
– Само во првите три месеци од пандемијата минатата сезона, 12. клубови во Суперлигата пријавија загуби од 650 милиони евра. До крајот на оваа сезона, додека пандемијата се уште е присутна, загубите ќе изнесуваат помеѓу две и две и пол милијарди евра. Бордо неодамна дојде во фаза на стечај. Или ќе мора да преземеме нешто или истото ќе им се случи на многу клубови – вели Перез.

Кризата го тресе Реал Мадрид од сите страни

Перез исто така тврди дека неговата Суперлига би им донела пари и на „малите и средните“ клубови, но не го објаснува како тоа би се случило, а причината зошто ПСЖ и Баерн Минхен не се меѓу клубовите кои ја формираа Суперлигата, ќе ја објасни наскоро. Исто така повтори дека клубовите имаат договор со Суперлигата и тоа е причината зошто не може едноставно да се излезе од неа.
– Во случајот со Баерн треба да се каже дека тие се наоѓаат во процес на смена на раководството, додека за случајот со ПСЖ ќе зборуваме подоцна. Групата од 12 клубови е основана и работите веќе неколку години. Но, овие два клуба секако ќе бидат повикани. Нема да трошам време за да објаснувам што значи обврзувачки договор. Но факт е дека клубовите не можат едноставно да си заминат. Некои поради притисоците мораа да кажат дека ќе си одат. Но, овој проект или нешто слично ќе се случи и се надевам дка тоа ќе биде во блиска иднина.

Перез исто така тврди дека инвестициската банка Џеј Пи Морган не ја напуштила Суперлигата.
– Тоа не е точно, тие не си заминаа. Им беше потребно време за размислување, исто како и на 12 екипи. Доколку нешто треба да се смени, ќе биде сменето, но Суперлигата е најдобриот проект за кој мислевме дека може да се реализира. Тоа што треба да го направиме и да ги вратиме навивачите, младите, а за да се случи тоа потребни ни се промени. Доколку УЕФА сака тоа да се случи со проектот кој го најави пред неколку дена, вистина е дека не го разбрав и не е добро решение. Исто така тие сакаат тој проект да стартува 2024 година.  Тој формат никој не го разбира, а до 2024 година… или ќе го поправиме фудбалот или сите клубови ќе банкротираат. Ќе следува бунт на клубовите кои одат кон банкрот и ќе преживеат само клубовите кои ги финансира државата или нивните сопственици се милијардери кои е подготвени за своја забава да губат стотици милиони секоја сезона.

Претседателот на Реал Мадрид се плаши дека трендот на намалување на договорите за ТВ правата како што е случај со Серија А која има за 300 милиони евра помал договор, истот ќе се случи и во останатите лиги.
– Истото ќе се случи и во Шпанија и во Англија. Следната рунда на договори ќе биде помала доколку не ја поправиме ситуацијата со зголемување на конкурентноста и интересот за натпреварите. Во спротивно младите ќе одат на други платформи кои ги интересираат и кои работата од ден во ден за да им го пружат тоа што го сакаат и да придобијат нови клиенти.

Нова закана од Чеферин и УЕФА: Доколку не се откажат од Суперлигата ќе летаат од ЛШ

Суперлигата требаше да ја финансира Саудиска Арабија

Главниот финансиер се откажа од Суперлигата: Погрешно ја проценивме ситуацијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот