ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Михајловска: На матурски испит само тест, пенкало и вода

Билјана Михајловска / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Јуни, месец на полагање на матурски испити. Колку пријавени матуранти има? Каква е организацијата и кога се полага? Подготвени ли се тестовите и кога се дистрибуираат? Во утринската емисија „Слободен печат“ одговор побаравме од директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска. Директорката вели дека годинава матурантите полагаат на први јуни мајчин јазик, а на 8 јуни го полагаат изборниот предмет.

– За матурантите има мала промена во однос на начинот на полагање на испитот, но самиот испит не е сменет. Ние претходните години ја намаливме тежината на испитот. Прво беше ковидот, па потоа минатата година многу ученици изгубија дел од часовите, поради заканите со бомби, ги слушаа онлајн. Заради тоа го намаливме обемот на испитот, ја скративме испитната програма. Оваа година не враќаме назад. Сè уште ќе биде по скратена програма. Тоа е како израз на добра волја кон барањата на средношколците, односно на матурантите-вели Михајловска.

Таа објаснува дека сè ќе биде исто како минатата година.

– Единствената разлика во однос на претходните години е полагањето на физичкиот простор што на матурантите генерално не им прави проблем. Кога ќе седне да полага еден ученик, тој полага на една маса, едно столче и тоа е битното да има атмосфера за работа, да има тишина.  Дали тоа ќе биде просторија од 20, 30, 50 или 200 квадрати, тоа не е битно. Годинава ќе полагаат во голем простор. Значи, ќе полагаат во холот на училиштето или некој голем ходник на училиштето. Ако имаат добра спортска сала, тогаш во салата. Идејата е дека на тој начин ќе ги намалиме можностите за препишување-вели директорката на ДИЦ.

Билјана Михајловска / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Според неа матурантите однапред 3 дена ќе имаат распоред каде ќе бидат сместени, за да не се случи да настане турканица на денот на тестирањето.

– Пријавени се околу 14.800 матуранти. Бројката на првиот и на вториот ден е слична. Околу 10.000 ученици полагаат македонски јазик. Околу 4.000 полагаат албански јазик. И турски јазик околу 300 ученици. Учениците избираат државна матура доколку сакаат да се запишат на факултет. Доколку не сакаат да го продолжат образованието, во смисла, сакаат да го заокружат средното образование, тогаш полагаат стручна матура или завршен испит и училишна матура-вели Михајловска.

Резултатите, од матурскиот испит според законот, треба да се објават 30 дена по последниот испит. Значи до 7 јули. За сите коишто нема да полагаат на првиот испитен рок или евентуално нема да го положат испитот, постои втор рок, а тоа е во август. Лани средниот резултат беше 3,65,

– Резултатите приближно се околу 3, што е сосема нормално, значи таа е нормална распределба кога се прават тестирања на голема популација и таквите резултати се буквално очекувани и пожелни, бидејќи теоретски се очекува на голема популација да има таква распределба на резултатите. Високи резултати секогаш имаат учениците што полагаат германски јазик, таму има многу четворки и петки, ама таму се пријавуваат 130 ученици-вели Михајловска.

Околу тестовите вели дека кај нив процедурите се многу строги. Прво, тоа е регулирано со законот. Просторот каде што се прават тестовите е осигурен со еден куп заштитни мерки.

-Во тој простор можат да влезат само тие луѓе коишто ги прават тестовите. Плус имаме посебни договори за луѓето коишто учествуваат во изработката на задачите. Се пакуваат во специјални кесички коишто не можат да бидат отворени, а се дистрибуираат на денот на полагање. Ги носиме, се спроведува тестирањето, и ги враќаме назад. Сите тестови се со баркодови. До последен момент, до ден пред објавување на резултатите не знаеме кој ученик е врзан со кој баркод-вели директорката на ДИЦ.

Во моментот кога ќе се влезе во просторијата матурантот единствено што може да се употреби е тест, пенкало и вода. Се друго е недозволено.

Околу ниските резултати кои ги постигнуваат нашите деца на меѓународни тестирања Михајловска вели дека ние имаме проблем со функционална писменост и со разбирањето на прочитаното. Им препорачува на учениците да бидат опуштени.

-Воопшто нема потреба да се плашат. Тоа е најнормален испит како секој тест што го имале во текот на средното образование. Треба да си дојдат релаксирано, имаат премногу време. Испитот трае 3-3,5 часа, се можат полека да се одговорат, да си го проверат тоа што го напишале. Второ, која е оценка да ја добијат? Таа не е единствената оценка што ја добила во животот. Таа оценка, петката ако станала четворка, не е крај на светот. Кога се запишуваат на факултет, тоа се оценки кои ќе се собираат по формула и ќе добијат одредени бодови, така што не треба да бидат стресени-вели таа.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот