Врховниот судија Наќе Георгиев фатен на дело со мито од 10.000 евра, го очекува притвор

Наќе Георгиев/Фото: Фокус

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против судијата Георгиев и против членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, води истрага за делото примање награда за противзаконито влијание, за кое според Кривичниот законик може да добијат од една до 10 години затвор.

Врховниот судија Наќе Георгиев се очекува денеска попладне да заврши во притвор откако вчера попладне полицијата го фатила на дело како прима поткуп од 10.000 евра, а на итна полноќна седница Судскиот совет му го одзеде имунитетот.
Обвинител од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против него и против членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети води истрага за делото примање награда за противзаконито влијание, за кое според Кривичниот законик може да добијат од една до 10 години затвор. Извршени се претреси во Врховниот суд и во седиштето на Советот на јавни обвинители, каде што се прегледани канцелариите на судијата Георгиев и на членот на Советот на ЈО, Мемети, како и во нивните домови.

Фатен „ин флагранти“

„По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, вчера, во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 од КЗ. Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание, лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред ОЈО ГОКК и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, соопшти ЈО.

Предметниот обвинител, се додава во соопштението, покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот.

– Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд, кој ужива имунитет, а кој е фатен „ин флагранти“ во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ, кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка. Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот, кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи – соопшти денеска Обвинителството.

Судскиот совет му го одзеде имунитетот на Георгиев на итна полноќна нејавна седница.

– Судскиот совет одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија и ги донесе следните одлуки: го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ поради непречено водење на кривичната постапка; го одобри барањето за одобрување притвор на судија на Врховниот суд на РСМ, поднесено од судија на претходна постапка, и времено го оддалечи од вршење на судиската функција, до правосилно завршување на кривичната постапка – соопшти Судскиот совет.

Според информациите, пријавител на судијата Георгиев и на Мемети е синот на осудениот ексградоначалник на Ново Село Боро Стојчев, кој ги снимил со мобилен телефон додека му бараат пари за наводно да помогнат во предмет што се води против татко му. Боро Стојчев ѝ е познат на јавноста по случајот кога беше фатен во обид за шверц на цигари на македонско-бугарската граница, за што беше осуден на 18 месеци затвор, а казната потоа му беше намалена за шест месеци.

Контроверзна кариера

Судијата Георгиев ѝ е познат на јавноста по повеќе контроверзни случаи. Тој лани во јуни беше избран за член на Судскиот совет, но пред да ја даде заклетвата во Собранието мораше да поднесе оставка, за да може Судскиот совет да го изгласа неговиот син Кирил Георгиев за судија. Оставката беше неминовна, затоа што според законот за судија или судија-поротник не може да биде избрано лице што со член на Судскиот совет е во сродство во права линија. По оставката, Георгиев си се врати на претходната позиција – врховен судија, каде што дојде од позицијата претседател на Апелацискиот суд во Штип. Од времето додека шефувал со штипска апелација, против него во Судскиот совет се водеше постапка за разрешување за предмет во кој беа разрешени тројца негови колеги. Предметот против Георгиев на ред пред Судскиот совет дојде непосредно по неговата кандидатура за член на Судскиот совет, односно, откако Советот му ја потврди кандидатурата, на тајна седница ја сопре постапката за неговото разрешување. На самите избори за член на Судскиот совет од редот на врховните судии само Георгиев беше кандидат, при што на гласањето неговите колеги ги чкртнаа гласачките ливчиња и ги направија неважечки, но законот дозволува за член на Советот некој да биде избран и со само еден глас, па и покрај бојкотот од колегите, врховниот судија Георгиев стана член на Судскиот совет.

Неговата кариета во Советот траеше многу кратко и по неговата оставка, лани, во јули, тоа место е упразнето и се очекува наскоро да се пополни на новите избори за два члена на Судскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот