Надлежните со брза реакција, се демонтираат реквизитите во Луна паркот кај СЦ „Борис Трајковски“

Забавен парк кај сала Б.Трајковски / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Забавниот парк од саботата работеше со полн капацитет, а во вечерните часови беше полн со посетители, пред сѐ деца и млади, иако никој не ја гарантираше безбедноста на реквизитите.

На просторот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ деновиве, исто како и пред некоја година, повторно беше поставен забавен парк, кој како што алармираа од Град Скопје, е монтиран без соодветни документи и дозволи и без потребна документација која гарантира безбедност на реквизитите. Тоа не ги спречуваше вртелешките да вртат секоја вечер, а импровизираниот парк да е преполн со посетители.

Но за разлика од пред две години, кога со месеци се утврдуваше дали некој дал дозвола за поставување на реквизитите или не, кој е надлежен да ја спречи неговата работа и дали некој може да постапува затоа што Луна паркот е поставен на приватно земјиште, годинава реакцијата беше многу побрза. Денеска од она што можеше да се види на терен, демонтажата на реквизитите веќе е започната.

Забавен парк кај сала Б.Трајковски / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Пред неколку дена градоначалничката Данела Арсовска посочи дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир на просторот монтира реквизити и дека Град Скопје, во рамките на своите надлежности извршил надзор, преземал мерки и го казнил правното лице, кое и покрај тоа си продолжило со работа. Таа ги повика сите надлежни институции да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители.

Денеска пак, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски кој информира дека постапувајќи по допрен глас, Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во координација со службени лица од Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош излегле на терен и презеле конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.

По Арсовска се огласи и Тошковски: Ќе се затвори ли Луна паркот кај СЦ „Борис Трајковски“ поставен без дозвола?

Од страна на инспекциските служби по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба изготвени се Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите – соопшти Тошковски.

Забавен парк кај сала Б.Трајковски / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

И од Општина Карпош демантираа дека издале какво било одобрение за поставените реквизити за рингишпил во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“ и за функционирање на забавниот парк од едноставна причина што, како што објаснуваат оттаму, Општината нема надлежност за издавање на вакви одобренија.

– Очигледно се работи за насилник за кого законските процедури не важат, па според тоа надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи во предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација. Доколку некој врши дејност без потребни согласности од надлежни локални или државни институции и без соодветна техничка документација, забрана за вршење на дејноста изрекува Државниот пазарен инспекторат – посочуваат од Карпош за „Слободен печат“.

Оттаму објаснија дека на местото кај забавниот парк покрај општинскиот градежен инспектор биле и инспектори од МВР, УЈП и Пазарен инспекторат, па Општината побара тие да ги искористат своите законски овластувања и да се затвори овој случај.

Забавен парк кај сала Б.Трајковски / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Колку за потсетување, Државниот пазарен инспекторат пред три година го затвори патувачкиот Луна парк, кој беше поставен на раскрсницата на булевар Борис Трајковски и булевар Србија во Кисела Вода. Како што беше соопштено тогаш, Луна паркот имал уредно издадена дозвола, но поради тоа што беше забранета работата на забавните паркови во времето на пандемијата со корона вирусот, паркот беше затворен. Досега Инспекторатот и покрај бурните реакции во јавноста не постапил така кога се поставувале забавни реквизити кај СЦ „Борис Трајковски“.

Забавниот парк од саботата работеше со полн капацитет, а во вечерните часови беше полн со посетители, пред сѐ деца и млади, иако никој не ја гарантираше безбедноста на реквизитите.

Несреќите во забавните паркови низ светот не се толку ретки, а неодамна во Куршумлија во соседна Србија, се урна рингишпил и беа повредени 13 деца. Затоа не смее да се дозволи и да се премолчи поставување забавен парк без соодветни дозволи, а особено без поседување безбедности сертификати за реквизитите, без оглед дали е поставен на приватно или на државно земјиште.

Вртелешките вртат на приватен имот пред СЦ „Борис Трајковски“, Градот и Општина Карпош не биле надлежни за дозвола

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот