Зеленски ја критикува бавната испорака на оружје од сојузниците

Володимир Зеленски / Фото EPA-EFE/Piotr Nowak

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ја нагласи итната потреба на неговата земја од оружје за противвоздушна одбрана. На Украина итно ѝ требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана и западни борбени авиони, рече Зеленски синоќа во дневното видео обраќање.

„На слободниот свет, за жал, му недостасува брзина за овие две прашања“, рече тој, додавајќи дека поради својата воздушна супериорност, Русија е во состојба да ги уништи украинските градови и одбранбените позиции со крстосувачки бомби.

Според Зеленски, Русите активно користеле деструктивна тактика на првите борбени линии во близина на Харков и во источниот украински регион Доњецк во правец на Часив Јар и Покровско.

Зеленски веќе неколку пати во последните денови побарал испорака на два дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“. Тој рече дека тоа ќе обезбеди подобра заштита за Харков, кој постојано бил нападнат од воздух. Тој град на североистокот на Украина е еден од најтешко погодените од војната.

Борбените авиони кои ги спомна и Зеленски и беа ветени на Украина пред една година. Но, според официјалните информации, Ф-16 се уште не пристигнале. Експертите оценуваат дека главно долгото време на испорака на оружје од Запад и овозможува на Русија да се подготви за ново оружје.

Во руските напади врз североисточниот украински град Харков во текот на ноќта повредени се најмалку седум лица, изјави гувернерот на регионот. Во текот на ноќта беа погодени и други украински региони со руски беспилотни летала, вклучувајќи ги Одеса, Миколаив и Днепропетровск.

Пред речиси две недели Москва ја интензивираше воздушната и копнената кампања во областа Харков, која граничи со Русија. Руските сили оттогаш зазедоа неколку украински погранични села. Според набљудувачите, офанзивата е забавена во последните денови, но не запре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот