Кризата го тресе Реал Мадрид од сите страни
„Кралскиот“ клуб подолго време се наоѓа во финансиски проблеми, а економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, дополнително ја влоши ситуацијата кај најтрофејниот европски клуб.
Поради тоа претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез се обиде да ја создаде европската Суперлига за да го извади клубот од долговите, но тој проект му пропадна по само 48 часа.
Реал Мадрид како и сите останати европски екипи игра пред празни трибини, па не може да смета на заработката од продажба на билетите што претставува голем удар за клупската каса, а уште поголем удар е намалената продажба на дресови која по заминувањето на Кристијано Роналдо опадна за дури 70 проценти.
Дресовите на Серхио Рамос и на Карим Бензема се најпродавани по заминувањето на Роналдо, но сепак не се продаваат приближно добро како тие на Поругалецот. Како една од причиние за ова е тоа што и Рамос и Бензема се повеќе од една деценија во Реал Мадрид и не може да се очекува навивачите секоја година да купуваат дресови од исти фудбалери.
Исто така свој удел во ова има и лошата трансфер политика и проценка. Перез се надеваше дека Еден Азар ќе биде новата суперѕвезда, но белгискиот репрезентативец засега се покажа само како најголемо разочарување.
Поради тоа Флорентино Перез по секоја цена сака да го донесе Килијан Мбапе за тимот конечно да има вистинска суперѕвезда која ќе продава милиони дресови секоја година. Од секој продаден дрес, Реал Мадрид заработува 25 евра, додека останата сума оди кај производителот Адидас.