ВИДЕО | Андоновиќ: Ќе издаде ли Меѓународниот суд на правдата налог за апсење на Нетанјаху?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Главниот обвинител на Меѓународниот суд на правдата, Карим Кан, бара налози за апсење на пет лица, меѓу кои и на израелскиот премиер Нетанјаху и водачот на Хамас, Синвар.

По неколкумесечно собирање докази, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, побара налог за апсење на највисоките лидери на Израел и на Хамас.

Кан во понеделникот издаде изјава во која објасни дека има „разумна основа“ да верува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант се виновни за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа од почетокот на војната против енклавата во која, според независни извори, израелските сили убија повеќе од 35.000 Палестинци.

И двајцата се обвинети дека користеле гладување како метод за војување против Палестинците во Газа, како и за „намерно насочување напади“ врз цивили и за надгледување на „истребување и/или убивање“ на Палестинците во Газа.

Кан, исто така, ги обвини високите водачи на Хамас Јахја Синвар, Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри и Исмаил Ханије дека ги надгледувале злосторствата врз израелските заедници на 7 октомври минатата година кога беа убиени 1.139 луѓе, а 250 заробени во јужен Израел. Тие можат да бидат обвинети за кривични дела кои вклучуваат „убиство и истребување“, „земање заложници“ и надгледување на тортура и други нехумани дејствија.

Најавата дека Кан е насочен кон Нетанјаху и Галант е можеби најзначајна, имајќи предвид дека тоа ќе биде првпат главниот обвинител на МКС да се обиде да обвини лидери на држава која важи за американски сојузник.

Процедурата за подигнување на обвинение е во следните неколку месеци, совет од судии во МКС ќе го разгледа барањето на Кан за издавање на налози за апсење на гореспоменатите лица.

Раководството на Хамас го повика Кан да се откаже од барањата за апсење на неговите водачи. Во соопштението групата наведува дека главниот обвинител ја поистоветува „жртвата со џелатот“.

Израелските политичари, вклучително и Нетанјаху, исто така ги отфрлија барањата.

„Со гадење ја отфрлам споредбата на хашкиот обвинител меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас“, рече Нетанјаху.

Членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц и екстремно десничарските министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир исто така го нападнаа Кан, обвинувајќи го за антисемитизам и дека обвинението беспредметно.

Американскиот претседател Џо Бајден барањето на Меѓународниот кривичен суд за налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, заедно со високи членови на Хамас, поради акциите извршени во Газа, го нарече „безобразно“.

Американскиот претседател недвосмислено застана на страната на Израел, пишува Гардијан, откако обвинителот на МКС Карим Кан објави дека бара налози за апсење на Нетанјаху и Јоав Галант, министерот за одбрана на Израел.

Објавата на обвинителството ги поттикна најострите забелешки на Бајден за поддршката за Израел во последните неколку месеци, при што претседателот го обвини МКС за лажна морална еквивалентност меѓу земјата и Хамас, милитантната исламистичка група која владее со Газа од 2006 година.

Наспроти ова високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел во врска со повикот на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за апсење на лидерите на Израел и Хамас, рече дека сите држави што ги ратификувале статутите на МКС се должни да ги спроведуваат неговите одлуки.

– Мандатот на МКС, како независна меѓународна институција, е да ги процесуира најтешките злосторства според меѓународното право порача Борел.

Секој налог за апсење може да има реални и симболични последици за обвинетите, вклучително и можно апсење доколку истите патуваат во земјите-членки на Меѓународниот кривичен суд. Сепак, ниту на Хамас ниту на израелските лидери нема да им се суди доколку тие претходно не се во притвор на Судот, а Меѓународниот кривичен суд нема овластување да уапси никого.

Без оглед на тоа како Израел ќе одговори доколку бидат издадени налози за апсење, Галант и Нетанјаху нема да можат толку многу да патуваат надвор од Израел.

Како премиер, Нетанјаху можеби нема да се соочи со закана од апсење ако отпатува во САД, кои не се потписници на Римскиот статут, договорот со кој е основан МКС.

Некои набљудувачи стравуваат дека членовите на МКС кои се сојузници на Израел, како што се Германија или Обединетото Кралство, нема да можат да го уапсат Нетанјаху или Галант доколку ги посетат, што практично ги прекршува нивните обврски од Римскиот статут.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот