Домаќинствата удриле на штедење: За една година депозитите во банките се зголемиле за 10,4 проценти

Банка / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Според Извештајот на Народната банка, годишниот раст на депозитите кај домаќинствата во поголем дел произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити, во услови на забележан пад на краткорочните депозити

Во април во однос на март депозитите на домаќинствата во банките и во штедилниците се зголемиле за 2,7 проценти. Ако, пак, се спореди со истиот месец од претходната година, податоците на Народната банка покажуваат скок од 10,4 проценти! Домаќинствата, на сметки во банка имаат 5,9 милијарди евра.

Експертите објаснуваат дека кај нас сè уште граѓаните повеќе практикуваат да ги чуваат парите на сметка отколку да ги вложуваат во фондови и во обврзници. Кон ова придонесе и растот на каматите во банките. Така, каматните стапки на депозитите на домаќинствата во март (последни податоци од Народната банка) биле 1,76%, а во март 2023 година изнесувале 1,04 проценти. Уште повисоки се каматите на новопримени депозити на домаќинствата – во март 2024 година изнесувале 2,42 проценти, а ланскиот март 2,27 процент.

Според Извештајот на Народната банка, годишниот раст на депозитите кај домаќинствата во поголем дел произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити, во услови на забележан пад на краткорочните депозити.

Штедењето, пак, создава солидна основа за банкарско финансирање. На последното одбележување на Светскиот ден на штедењето, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска рече дека „нема сомнение дека штедењето е еден од клучните мотори на економскиот раст, а во земјите во развој е важен двигател на доходовната конвергенција“.

– Граѓаните имаат висока доверба во банкарскиот сектор, што и не е изненадување, имајќи предвид дека системот во период на повеќе кризи што се преклопуваат, сепак е стабилен, високо капитализиран и ликвиден – изјави гувернерката.

Депозитите на компаниите, пак, во април имале надолна линија во однос на март и поскромен раст на годишно ниво отколку оние на домаќинствата.

„Вкупните депозити на корпоративниот сектор во април бележат намалување од 1,3 проценти, споредено на месечна основа. Надолната промена во најголем дел е резултат на падот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, а во помал дел и на краткорочните депозити во денари, во услови на раст на долгорочните депозити. Годишниот раст изнесува 8 проценти и во поголем дел се должи на зголемувањето на депозитните пари и долгорочните и краткорочните депозити во денари, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута“, пишува во Извештајот на Народната банка.

И кредитната активност била насочена повеќе кон домаќинствата отколку кон населението. Во април, кредитите во корпоративниот сектор биле 3,55 милијарди евра, а во домаќинствата 3,79 милијарди евра. Притоа, кредитите на корпоративниот сектор оствариле месечно зголемување од 2 проценти, додека во однос на ланскиот април растот е 6 проценти. Кредитите на домаќинствата на месечно ниво имале помал раст, од 0,5 проценти, но на годишно ниво растот бил поголем и изнесувал 7 проценти.

И понатаму останува голема разлика меѓу каматите што се даваат за земените пари, во однос на каматите што граѓаните и фирмите ги плаќаат за земените кредити.

Во март каматната стапка за вкупните кредити за домаќинства е 5,65 проценти, додека пред една година била 5,34 проценти. За новоодобрените кредити, пак, домаќинствата во просек, како што пресмета Народната банка, во март плаќале 5,4 проценти камата, а пред една година била 5,23 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот