Вреди да (се) почека за спикерското столче

Собрание

Првите се повикуваат на освоеното мнозинство во Собранието, а вторите, пак, на „непишаното правило“ Албанец да раководи со една од трите државни функции.

Претседателската функција во Собранието е главниот „трофеј“ за кој сè уште нема договор во преговорите за распределба на ресорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ во новата влада. И ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ атакуваат на спикерската функција, првите се повикуваат на освоеното апсолутно мнозинство во Собранието, вторите, пак, на „непишаното правило“ Албанец да раководи со една од трите државни функции.

Очекувањата се дека ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ претстојниов викенд ќе ги финишираат преговорите за првиот владин ешалон, по што ќе следуваат разговори со Движењето ЗНАМ, за како што најави лидерот и иден мандатар Христијан Мицкоски, до конститутивната седница да стаса до двотретинско мнозинство.
Извори од преговорчките тимови брифираат дека понудени на маса за „Вреди“ се министерствата за здравство или за образование, економија, култура и вицепремиерското за политички систем. „Вреди“, пак, бара пет или шест ресори, вклучително и претседател на Собранието, додека ВМРО-ДПМНЕ нуди четири до пет ресори, без спикерското столче. ВМРО-ДПМНЕ свои кадри планира и за новите министерства – за енергетика и за спорт.

Мицкоски веќе информира дека обезбедиле 61 пратеник и дека по прегласувањето утре на седум избирачки места во Петтата и во Шестата изборна единица се надева на 62 мандати. Неофицијално, тројцата веќе „обезбедени“ пратеници се од коалицијата предводена од СДСМ.

– ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија која очекува бројка од над 61 претставници во Собранието укажува дека позициите што ги имаме како субјект со стабилно мнозинство не доведува во стабилна позиција и кога станува збор за изборот за претседател на Парламентот. Сепак, ќе повторам, прецизно ќе знаеме по завршувањето на преговорите со коалициските партнери кои се очекува да се завршат до крајот на оваа седмица. Тогаш ќе се знае кој точно ќе ја заземе позицијата спикер во Собранието – истакна Ѓоко Велковски, техничкиот министер за труд и социјална политика во гостување во емисијата на „Слободен печат“.

Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ во гостување на ТВ21 го искажа ставот дека функцијата претседател на Собранието веќе е завршена работа.

– Сè уште траат преговорите, не се затворени. Приоритет беа програмите, економијата, инвестициите, но мислам дека местото претседател на Собрание му следува на „Вреди“, и тоа е завршена работа – рече Меџити.

Се очекува да почнат разговори и помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ

По поделбата на министерствата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, се очекува да почнат разговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ. Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека е можно на ЗНАМ да ѝ биде понудено едно министерско место, иако како што велат, може да им бидат понудени функции од вториот и од третиот ешалон. Неофицијално, неформални контакти има и сега, но ЗНАМ уште не добиле формална покана за преговори. Од партијата на Максим Димитриевски брифираат дека се подготвени за разговор со партии за евентуално учество во владата и дека партиските органи овластиле тим за преговори, составен од генералниот секретар на движењето и од потпретседатели. Оттаму додават дека за одлука за учество во владата на Мицкоски пресудно е дали ќе се усогласат со програмската платформа на идната влада, а дека кадровските решенија се секундарни. Тие сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ, според освоените мандати, е во позиција да го димензионира управувањето со државата. Ако при преговорите се најдат за владината програма, ќе бидат дел од владата, во спротивно можна е соработка на поширока платформа, сè зависи што ВМРО-ДПМНЕ ќе стави на маса.

ДИК ги додели уверенијата за пратеници

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги додели уверенијата за пратеници за потврдените пратенички мандати. Уверенијата ги земаа овластените претставници од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата предводена од СДСМ, од Коалицијата „Вреди“, од ЗНАМ и од Левица. За ДУИ, ДИК уште нема потврда дали ќе ги подигнат уверенијата.
Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, по земањето на уверенијата од ДИК рече дека очекува до 28 мај да се формира Собранието, а до средина на јуни и новата влада.

– Денеска, по покана на ДИК, ги подигнавме мандатите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните уверенија. Со добивањето на уверенијата, до 28 мај очекуваме да се формира Собранието, до средината на јуни очекуваме да ја имаме и новата влада. Очекуваме дека ќе имаме уште еден пратеник од ИЕ5. Не очекувам да има никакви проблеми во текот на гласањето. Очекувам дека ќе имаме уште еден кандидат, уште еден пратеник на ВМРО ДПМНЕ во ИЕ5 – рече Сајкоски.

Од Европскиот фронт официјално нема став зошто не ги подигнале уверенијата од ДИК. Пратеникот Скендер Реџепи за „Слободен печат“ вели дека не гледа причина зошто да не ги подигнат уверенијата.

– Битката за легитимитет во албанските општини е завршена на 8 мај. Сега како пратеници треба со одговорност да стоиме на одбранбената линија за добиениот легитимитет – вели Реџепи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот