Операта со љубов, надеж и трагедија, „Мадам Батерфлај“, е на програмата на „Мајски оперски вечери“
Во рамките на 54. издание на престижниот меѓународен фестивал „Мајски оперски вечери“ вечерва, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини – едно од најемотивните и најизведуваните дела на светскиот оперски репертоар.
Препорачано
Станува збор за музичка драма со силна човечка приказна, во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во трагична судбина. Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, а режијата ја потпишува Александар Текелиев (Бугарија). Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога – Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) настапува гостинката од Италија, Доната Д’Анунцио Ломбарди, во улогата на Пинкертон – Хектор Лопез (Мексико), а во улогата на Шарплес – Енрико Маручи (Италија).
Во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамадан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Мадам Батерфлај“ е опера за безусловната љубов и за кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањето. Пучини во ова дело маестрално ги спојува западните музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи партитура исполнета со лирска нежност и драматичен набој. Неговата посветеност на силна и трогателна приказна се чувствува во секоја музичка линија, правејќи ја оваа опера една од најемотивните во оперската литература, известија од Националната опера и балет.


