Коалиција Маргини: Реџепи да се извини на геј-луѓето, а ИВЗ да поведе постапка против него

Остра осуда на хомофобичната изјава на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи и повик за јавно извинување на геј-луѓето, испраќа  Мрежата за заштита од дискриминација и на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата. Невладините бараат ИВЗ, преку своите органи на надзор, да поведе постапка за утврдување на одговорност на поглаварот Реџепи, за сторената дискриминација по основ на сексуална ориентација.

Вчера поглаварот на ИВЗ, Реџепи, во одговор на новинарско прашање околу ултиматумот кој му го поставил Скендер Бузаку за оставка од позицијата, одговара дека во Исламската верска заедница нема место за „гејови“ и дека тие треба да бидат надвор од неа.

„Упатуваме остра осуда кон изјавата на Сулејман Реџепи и особена загриженост што истата ја искажува поглавар на верска заедница кој повикува на исклучување на геј-луѓето, а особено што поддржува исклучување од верска заедница. Со оваа изјава се нарушува остварувањето на слобода на религија и вероисповест како основно човеково право, изречно гарантирано во членот 19 од Уставот на Република Северна Македонија. Го потсетуваме г. Реџепи дека како поглавар на верска заедница, треба да знае дека секој, па и ЛГБТИ луѓето и другите категории луѓе што не му се допаѓаат на него, има право слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, да ја практикува својата вера. Со оглед на тоа што изјавата е јавно искажана, таа носи штетни последици за геј-луѓето кои и онака се наоѓаат на маргините во нашето општество и секојдневно се соочуваат со исклучувања во речиси сите аспекти на живеењето. Верското убедување на Сулејман Реџепи не го ослободува од обврските што тој како граѓанин ги има според Уставот, од законите и од другите прописи, што подразбира дека треба да ги почитува основните права и на геј-луѓето, помеѓу кои и заштитата од дискриминација и вознемирување врз основа на сексуална оринетација и родов идентитет“, се вели во реакцијата.

Оттаму потенцираат дека Исламската верска заедница, но и други верски заедници, интензивно се застапуваат против правата на ЛГБТИ луѓето, шират говор на омраза, демонизирање и стигматизирање на сексуалните и родовите малцинства.

„Јавно ги повикуваме верските заедници да го преиспитаат своето делување и ставови во однос на ЛГБТИ луѓето. Иако во повеќето религии може да се најдат текстови и вредности кои повикуваат на еднаквост и емпатија, поглаварите на тукашните верски заедници одбираат да ја толкуваат религијата како барање за прекршување на правата на ЛГБТИ луѓето. Ова однесување нема никаква врска со нивната слобода на вероисповест, туку претставува злоупотреба на религијата за одржување на статус кво, одржување и проширување на нивната моќ на сметка на маргинализираните групи. Ова се нарекува религиски фундаментализам и за него нема простор во демократско општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот