Достовски од „Зелена Алтернатива“: Декриминализација и легализација на марихуана ДА, но зошто само во туристичките места?

Идејата за легализација на марихуаната во туристичките места е надвор од памет, буквално, затоа што сите ние активисти што бараме декриминализација и легализација на канабисот, го бараме тоа на основа на човекови права. Со самата најава за легализација во туристичките места се негираат човековите права, вели за „Слободен печат“,  Филип Достовски, активист за легализација на марихуаната од граѓанското здружение „Зелена Алтернатива“.

Достовски се повика на најавата на премиерот Заев за пуштање на канабисот во употреба во рекреативни цели најпрво во туристичките места, истакнувајќи дека со тоа се кршат човековите права, бидејќи лицата кои живеат таму би имале полесен пристап до канабисот како лек, а додаде и дека идејата за одгледување на канабис дома е за поздрав, но дека тоа не може да се направи само со една до три билки.

– Дали луѓето во туристичките места имаат повеќе права од останатите? Канабисот се користи и како лек, така што луѓето во тие  места ќе имаат поголем пристап до лек, додека оние кои не живеат таму, а за жал таму живеат најсиромашните луѓе, повторно ќе останат со куси ракави.  Од друга страна ја поздравувам најавата за секој да може  дома да си посади билки канабис, затоа што тоа е веќе гледање на човекови права, но да биде дозволено да се посади само од една до три билки само кажува колку не се знае ништо на оваа темава, бидејќи тие не знаат една билка колку дава и колку на еден корисник му треба, без разлика дали станува збор за медицински или рекреативен корисник. Оваа изјава е дадена само колку да ги привлече младите кои сакаат тоа да го прават, но во основа нема никаква научна и правна база – додава Достовски.

Поради ова, Достовски, иако истакна дека е долгогдишен активист и корисник на канабис за медицински и рекреативни цели, сепак смета овој ваквиот пристап е погрешен.

– Овој начин на декриминализација ќе биде погрешен бидејќи не се вклучуваат вистинските луѓе да го решаваат овој проблем и се прави негативна селекција на организациите кои се занимаваат со овој проблем. Сметам дека ова е една наместена работа од која најмалку корист ќе имаат граѓаните и корисниците – нагласи Достовски.

Во одговор на претходни изјави дадени токму за „Слободен печат“ од страна на доктори кои тврдат дека марихуаната предизвикува зависност, а во некои случаи и шизофренија, Достовски вели оти никаде нема научни докази кои го потврдуваат тоа тврдење.

– Иако не сум доктор сепак сум потресен од вакви ненаучни изјави, бидејќи научно е докажано оти канабисот не предизвикува шизофренија, бидејќи превалентата на шизофренија на светско ниво е еден процент. Во шеесеттите години кога се случува сексуалната револуција, хипи движењето и така натаму, употребата на канабисот нагло се зголемува, а не е зголемена преваленцата на шизофренија. Ова се научни податоци кои ги има и Светската здравствена организација.  Научно е докажано и дека канабисот не предизвикува никаква зависност. Психичка зависност предизвикуваат толку многу работи што може да се каже дека тоа е еден вид на навика. Поголема психичка зависност во последните години според бројни истражувања создаваат Фејсбукот и другите социјални мрежи – смета Достовски.

Во врска со евентуалното зголемување на криминалот во земјата и стапката на зависници, Достовски нагласува дека со легализација всушност ќе се намали бројот на уживатели, а дека токму извршната власт треба да постави рамка по која ќе се регулира како и на кој начин ќе се продава канабисот.

– Од сите држави каде е регулиран канабисот се гледа дека употребата се намалува, а не се зголемува, бидејќи повеќе не е забрането овошје. Холандија е една од земјата каде тинејџерите имаат најмала употреба на канабис. Од друга страна алкохолот е легален, создава зависност, канцер на црниот дроб, па никаде не гледаме луѓе како се тркалаат на секој чекор. Канабисот да, има одредени својства слични на алкохолот, многу послаби, но луѓето што го користат знаат што е тоа одговорна употреба.  За секоја супстанца која е регулирана од државата  се воспоставуваат норми и правила како тоа да се случува, извршната власт и полицијата треба го регулираат тоа. Е сега, лица од безбедност сами не веруваат во своите способности и велат оти така ќе се зголеми криминалот, со тоа сами си пукаат во нога – додава Достовски.

За крај, активистот од „Зелена Алтернатива“ потсети и на промените во законот пред неколку години, кои значеа пуштање во употреба на медицински канабис, но според него на ова поле не е направен никаков напредок и со овој тип на декриминализација на канабис во рекреативни цели најмалку корист ќе имаат медицинските корисници на оваа билка.

– Треба да се срамиме како држава, бидејќи првото менување на овој закон беше дека Македонија ќе произведува медицински канабис. Тоа тогаш значеше дека Македонија ги препознава лековитите својства на канабисот и потребите на пациентите. Од тогаш стоиме во место неколку години и сега кога заради ковид и други политички глупости кои се случуваат ние ја користиме марихуаната и уште ја декриминализираме за рекреативна употреба, тоа е само патка пуштена за народот да го сврти своето внимание кон друга страна. Сега тоа се претставува како економска инекција на државата, а преку тоа им се плука во лице на сите медицински пациенти корисници на канабис, а кои веќе пет до шест години чекаат да се подобри ситуација – заклучи Достовски.

Во продолжение, проследете ги ставовите на оваа тема од други македонски професори, политичари, медицински лица и граѓани:

По препорака на СЗО: Комисија на ОН го симна канабисот од листата на најопасни наркотици

Се бара декриминализација на канабисот

Д-р Беќаровски: Заблуда е дека марихуаната доведува до посегнување по потешки дроги

ВИДЕО | Митровски: Профитот од канабис би бил голем, но постои интенција пазарот да се монополизира

Хактан Исмаил од Левица: Ние сме за легализација на марихуаната и за искористување на нејзиниот потенцијал

ВИДЕО | Џафери: Македонија не е Холандија, темата за декриминализација на марихуаната е преуранета

ВИДЕО | Легализација на марихуана: „За и против“, разговор со Борјан Јовановски

Алијанса за Албанците: Македонија не е подготвена за легализација на марихуаната

 

Пушење канабис и корона не е на добро

Д-р Чибишев: Марихуаната може да го зголеми ризикот за развој на шизофренија

Богданова-Смилевска: Легализацијата на канабисот во Македонија би била темпирана бомба за цел Балкан

Лабовиќ: Со легализацијата на канабисот ќе станат лесно достапни и производи опасни по здравјето за младата популација

Проф. д-р Николовски: Со легализација на канабисот ќе станат поприсутни и другите нелегални активности

ВИДЕО | Морачанин: Ја поддржуваме иницијативата за лична употреба на канабисот

Д-р Васев: Медицинскиот канабис помага кај некои видови на канцер само како комплементарна терапија

МПЦ: Не сме дискутирале за легализација на канабисот во рекреативни цели, но како порок не го одобруваме

ВИДЕО АНКЕТА: За дел од граѓаните марихуаната е дрога, други се за легализацијa

Угостителите веќе подготвуваат препораки за начинот на продажба на канабисот во угостителските објекти

И детектори за канабис се во игра за поголема контрола во сообраќајот ако се легализира

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот