Богданова-Смилевска: Легализацијата на канабисот во Македонија би била темпирана бомба за цел Балкан

Ако хипотетички легализацијата на марихуаната во туристичките места привлекува странски туристи, би привлекувала и домашни туристи. Тоа имплицира концентрираност и оптовареност на нашите туристички центри што ја отежнува контролата и ја загрозува безбедноста на граѓаните, вели докторот по науки од областа на безбедноста, Билјана Богданова-Смилевска за „Слободен печат“.

Заев најавува декриминализација и легализација на канабисот: Не е во ред да се оди во затвор за грам

Богданова-Смилевска зборувајќи за евентуалната легализација на марихуаната во рекреативни цели која најпрво би започнала од туристичките места во земјава, истакнува дека тоа би можело да претставува поттик за дополнителни нелегални активности поврзани со одгледувањето на оваа билка.

– Не се исклучува можноста марихуаната да е главна цел за посета на нашите туристички центри. Тоа ќе биде поттик за неовластено производство, преработка и дистрибуција на марихуаната во и надвор од нашите граници. Исклучителна можност за развој на прекуграничниот криминалитет, поволна почва на организираните криминални групи и здруженија да дејствуваат на меѓународната криминална сцена. Стапката на криминалитетот поврзан со злоупотреба на дрога би бил во пораст, а можноста да се контролира ќе се отежни поради прекуграничната распространетост – додава д-р Богданова-Смилевска.

Таа предупредува и на усовршување на начините за транспорт на дрога и тоа овојпат токму преку нашата земја, истакнувајќи дека легализацијата може да се претвори во „темпирана бомба“.

– Близината на нашите туристички центри со нашите соседи е исклучителна можност за криминалните групи да ги усовршат методите за транспорт по копнен и воден пат, а високата стапка на корупција во нашата земја е во прилог на остварување на нивните цели. Легализацијата на марихуаната во нашата земја би била темпирана бомба за цел Балкан – нагласува Богданова-Смилевска.

Според неа со легализацијата на марихуаната во рекреативни цели на удар ќе бидат најмладите, кои како што вели таа, всушност е најтешко да се заштитат од нешто што во тој случај би било дозволено, а со то би се зголемил и бројот на зависници од марихуана.

– Доколку се легализира марихуаната, голема количина ќе се дистрибуира на црниот пазар во нашата земја и ќе заврши во рацете на најмладата популација. Комерцијалната употреба на марихуаната е најголем удар за најмладите категории. Најтешко е да се заштитат од нешто што е дозволено. Легализацијата на марихуаната би ја потикнала нивната љубопитност, а социјалните мрежи како тренд би им овозможиле истата да им е лесно достапна.  Тоа би значело зголемување на бројот на зависници од марихуана. Колку е поголем бројот на консументи, поголема ќе е и побарувачката на марихуана. Тоа отвара нови прашања за примарната и секундарната превенција. Кои превентивни мерки би биле ефикасни и како би се спроведувале? Колку може да се контролира целокупната ситуација и каква стратегија ќе се донесе? – прашува д-р Богданова-Смилевска.

Од друга страна, таа смета дека постојат други начини за промоција на домашниот туризам, наместо марихуаната да се користи како таков инструмент.

– Заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните треба да се приоритет на секоја држава, а за развој на туризмот и услужните дејности располагаме со огромни природни богатства и посебен акцент треба да се стави на нивна промоција и на проекти кои ќе придонесат економски бенефит – заклучи д-р Богданова-Смилевска.

Во продолжение проследете ги ставовите на македонските граѓани и политичари на оваа тема:

ВИДЕО АНКЕТА: За дел од граѓаните марихуаната е дрога, други се за легализацијa

Д-р Беќаровски: Заблуда е дека марихуаната доведува до посегнување по потешки дроги

Алијанса за Албанците: Македонија не е подготвена за легализација на марихуаната

Хактан Исмаил од Левица: Ние сме за легализација на марихуаната и за искористување на нејзиниот потенцијал

ВИДЕО | Џафери: Македонија не е Холандија, темата за декриминализација на марихуаната е преуранета

Д-р Васев: Медицинскиот канабис помага кај некои видови на канцер само како комплементарна терапија

МПЦ: Не сме дискутирале за легализација на канабисот во рекреативни цели, но како порок не го одобруваме

Проф. д-р Николовски: Со легализација на канабисот ќе станат поприсутни и другите нелегални активности

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот