Истражувањата од врвни научни институции покажуваат дека само 20 отсто од младите луѓе кои зачестено и подолготрајно консумираат марихуана успеваат целосно да се оттгрнат од зависноста. Поголемиот дел стануваат зависници и продолжуваат со консумирање на потешки дроги, вели за „Слободен печат“ професор Миодраг Лабовиќ од Факултетот за безбедност во Скопје.
Заев најавува декриминализација и легализација на канабисот: Не е во ред да се оди во затвор за грам
Лабовиќ јасно го искажа својот цврст став против легализацијата на канабисот за рекреативни цели, а посочи и дека марихуаната може да остави и психички последици кај консуматорите.
– Поделбата на лесни и тешки дроги може да биде многу релативна, имајќи го предвид фактот кој произлегува од сериозни научни студии, според кои постојат директни докази дека марихуаната е тригер за шизофренија ( тешка психичка болест) кај тинејџери и млади луѓе до 25 години, кои имаат генетски предиспозиции за оваа болест. Марихуаната кај одредени лица може штетно да влијае и на органските функции на мозочните ќелии, а придонесува и за други психички растројства , како и органски заболувања – додава Лавовиќ.
Поради ова професорот смета дека оние кои се за легализација всушност имаат само „бизнис интереси“.
– Аргументите на оние кои тврдат дека со легализацијата на марихуаната ќе се овозможи подобра контрола од страна на државата врз производството и прометот, а со тоа ќе се обезбеди и финансиска корист од даноците, се само аргументи кои им користат на бизнис интересите. Овие аргументи паѓаат во “вода“и заради тоа што тогаш оваа погрешна логика треба да се примени и за легализација на хероинот, кокаинот и другите дроги. Сметам дека со легализацијата на дрогите ќе се овозможи лесна достапност за производи кои се опасни по здравјето и животот, особено за маладата популација – смета професор Лабовиќ.
Тој направи и компарација со поранешниот систем како државата тогаш се борела против дрогите и зависностите, посочувајќи дека со легализацијата ќе се испрати лоша порака, меѓутоа истакна и дека канабисот во медицински цели би можел да биде корисен.
– Во поранешниот систем дрогата беше тешко достапна, па многу млади луѓе кои можеби имаа социјални и психолошки предиспозиции да станат наркомани, не станаа тоа, затоа што едноставно не можеа да стигнат лесно до дрогата. Со легализацијата, државата ќе испрати лоша порака и ќе овозможи уште поголема достапност на дрогата. Тоа ќе придонесе многу повеќе млади луѓе да станат зависници со сите негативни социјални, психолошки и органски последици кои произлегуваат од тоа, отколку кога државата би се грижела за здравјето на младата популација и не би дозволувала, не само правно, туку и фактички овие производи да не бидат толку лесно достапни. Се разбира, исклучок од “рекреативната“ употреба на марихуаната треба да биде користењето на маслото од канабис за медицински цели – заклучи професор Лабовиќ.
Во продолжение проследете ги ставовите на македонските граѓани и политичари на оваа тема:
Богданова-Смилевска: Легализацијата на канабисот во Македонија би била темпирана бомба за цел Балкан