Зимзо(л)енд – дали нелегалната зимска бајка во Скопје ќе заврши предвреме?
Откако Ѓорѓиевски соопшти дека паркот две недели работел без дозвола од Град Скопје и даде насоки на Општина Аеродром да направи инспекциски надзор на реквизитите, организаторите на манифестацијата објавија дека не е точно оти „Зимзоленд“ се затвора и дека ќе продолжи да работи
Речиси две недели по отворањето на новогодишната манифестација „Зимзоленд“, надлежните институции и нивните инспекторати конечно решија да отидат на терен и да ја разгледаат законитоста на овој настан од аспекти на сигурност на реквизити, дозволи за продажба на храна, како и начинот на кој гостите ги паркираа своите автомобили.
Препорачано

По оваа координирана, но сепак задоцнета акција, тие утврдија низа нерегуларности кај штандовите за храна, паркирањето и дозволите за користење на реквизитите, по што го отворија „тефтерчето“ за казни и најавија дека има големи шанси репертоарот на „Зимзоленд“ да заврши побрзо од предвиденото.
По речиси двонеделните поплаки и реакции околу забавниот парк од граѓаните, особено од лисичани, кои пројавија дилеми за тоа кој е одговорен за неговото поставување и колку е сигурно за децата, надлежните институции спроведоа вонреден и координиран инспекциски надзор на локацијата.
Организаторот немал дозвола да продава храна
Во „Зимзоленд“ во изминатите два дена влегле инспектори од Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и од Дирекцијата за заштита и спасување, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Тие извршиле сеопфатен увид, со цел да се утврди техничката исправност, законитоста и безбедносните услови под кои работи забавниот парк, како и за легалноста и дозволите на куќарките што продаваа храна, алкохол и други пијалаци.
Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани
Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“ вели дека по пријава од граѓанин извршила увид на просторот, при што се утврдило дека организаторот „Мега Луна 25“ ДООЕЛ Битола не бил регистриран во Агенцијата како оператор за храна, ниту, пак, ја известил АХВ дека на „Зимзоленд“ ќе се продава храна.
– Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по издаден налог од Инспекцискиот совет и врз основа на поднесена иницијатива од граѓанин, спроведе вонреден инспекциски надзор на правното лице организатор на новогодишната манифестација „Зимзоленд“ во Скопје и на штандовите за промет со храна. Според надлежностите на АХВ, со спроведената вонредна контрола е утврдено дека организаторот не е регистриран во Агенцијата за храна и ветеринарство како оператор со храна и пред да почне со активностите, не ја известил Агенцијата дека на манифестацијата ќе се продава и храна – велат од АХВ.

Лоши хигиенски услови
Освен тоа што не пријавил дека ќе се произведува и ќе се продава храна, од АХВ брифираат дека организаторот заработил казна од 500 евра поради поставување на штандовите за храна што не ги исполнувале хигиенските услови, а покрај казната, организаторот добил и привремена забрана да произведува и да продава храна и му било наложено да се регистрира како оператор на храна во Агенцијата.

Откако се „справиле“ со организаторот што не пријавил дека ќе се продава храна, инспекторите ги посетиле штандовите каде утврдиле дека местото каде што биле поставени не ги исполнува хигиенските услови за производство и продажба на храна, по што сите продавачи добиле казна за неисполнување на хигиенските услови.
– Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување штандови на кои се произведува и се врши промет со храна, АХВ изрече инспекциски мерки на секој штанд (на физички и на правни лица) – информираат од Агенцијата.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека при вчерашната акција затекнале лица што вршеле нерегистрирана дејност. Тие ќе бидат казнети, а сопствениците на забавниот парк се повикани да ја достават целата документација, вклучително и онаа што покажува кој управувал со „Зимзоленд“.
„Зимзоленд“ ќе се демонтира – рингишпилите две недели вртеле на диво, без никакви документи
Граѓаните уште од првиот ден се жалеа и бараа реакција од институциите
Веднаш по најавата за почеток и отворање на новогодишната манифестација „Зимзоленд“, која годинава се одржува во населбата Лисиче, почнаа реакции од жителите во врска со начинот на кој се организира овој настан со релативно мал простор за паркирање на возилата на гостите, а тие исто така реагираа околу сигурноста на реквизитите, односно дали тие се проверени од надлежните државни институции и дали се сигурни за безгрижна забава на најмалите граѓани.
Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани
Зимскиот парк годинава ја промени локацијата и е сместен во населбата Лисиче, веднаш наспроти ресторанот „Рагуза 919“, попознат како „Мирко 919“, за разлика од минатата година, кога „Зимзоленд“ се наоѓаше на паркингот пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром.
Жителите на непосредната околина на новата локација постојано се жалеа на сообраќајниот метеж и блокираните паркинзи на зградите, како и на силната бучава што ја создава манифестацијата што ја посетуваат илјадници луѓе.
Лисичани уште на ноќта на отворањето го контактираа „Слободен печат“ и се пожалија во врска со нелегалното паркирање од гостите на настанот чии број, како што соопшти организаторот, достигнал над 9.000 посетители. Според фотографиите од жителите, тие нивните возила ги оставале по тротоарите и зелените површини околу парцелата каде што се одржува манифестацијата, блокирајќи ги тротоарите па дури и булеварот, по што морало да има полициска интервенција за сообраќајниот колапс.

Навистина зачудувачко беше и игнорирањето од Општина Аеродром и од Град Скопје на целиот овој настан и неговите пропратни нерегуларности. Двете институции првите десетина дена воопшто не одговараа на прашањата на „Слободен печат“, на другите медиуми и на граѓаните, односно се однесуваа како „Зимзоленд“ воопшто и да не се одржува.
Веројатно откако забележаа колку проблеми предизвика овој настан, кој освен медиумско, доби и институционално внимание, Градот и Општината на прашањето за тоа кој од нив треба да издаде дозвола за користење на просторот за „Зимзоленд“ решија да го искористат можеби и најчестото оправдување – „не е во наша надлежност“, „упатете се кон одредена институција“ или, пак, одговорот беше само тишина.
Поради тоа што не добивме одговор дали земјиштето е државно или приватно, „Слободен печат“ следејќи ги јавно достапните информации, дозна дека просторот каде што се одржува „Зимзоленд“ е приватна сопственост на Друштвото за трговија и услуги „Глобал импакт ДООЕЛ“, а просторот го користи фирмата организатор „Мега Луна 25“ ДООЕЛ Битола.
Уште пред да почне, нешто „смрдело“
Од Општина Аеродром за „Слободен печат“ велат дека уште пред почетокот на манифестацијата, на 28 ноември е отворена инспекциска постапка за „Зимзоленд“ која е во тек и засега нема конечен одговор дали реквизитите се сигурни или пак дали тие дозволиле организаторот да го користи просторот.
– Инспекциските служби на Општина Аеродром постапуваат во согласност со своите надлежности. Инспекциската постапка од страна на нашите служби е отпочната на 28.11.2025 година. По конечност на постапката и утврдување на сите докази, ќе се постапи според закон и доколку е потребно, ќе се изрече инспекциска мерка. Земјиштето на кое е поставена манифестацијата е во приватна сопственост, а Општина Аеродром не е организатор на овој настан и не учествува во програмата – велат од Општината.
Организаторот, пак, како што пренесуваат медиуми, тврди дека за организирање на овој настан има договор со Општина Аеродром, а за ова прашање од локалната самоуправа до објавувањето на овој текст немаме добиено одговор.
Градот и МВР реагираа, две недели подоцна
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во четвртокот, 12 дена по започнувањето на новогодишната манифестација, информираше дека Град Скопје заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спровел „широка акција“ на неколку локации, меѓу кои и во Лисиче кај „Зимзоленд“, во која биле утврдени низа неправилности и била дадена насока до градежната инспекција на Општина Аеродром да ја утврди законитоста околу реквизитите по што стана јасно дека освен Општината, и Градот бил запознаен со овој проблем.

– Инспектори во координација со ДПИ и МВР денеска спроведоа акција кај „Зимзоленд“. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи – информираше Ѓорѓиевски.
Во меѓувреме, МВР интервенирало на дел од сообраќајниот хаос, откако жителите на околните згради со денови реагираат на сообраќајниот метеж и бучавата што ги создаваше, како што се покажа, нелегалниот луна парк.
Организаторот демантира дека ќе се затвора „Зимзоленд“
По сета оваа институционална збрка, откако Општината за одредени медиуми потврди дека ќе се отстранува забавниот парк, а Ѓорѓиевски соопшти дека паркот две недели работел без дозвола од Град Скопје, организаторите на манифестацијата објавија дека не е точно оти „Зимзоленд“ се затвора и дека ќе продолжи да работи.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека „Зимзоленд“ ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно“, велат организаторите во објава на социјалните мрежи.



