Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани
На денот на отворањето, а веројатно тоа ќе се случува и во наредниот период, настана сообраќаен хаос на булеварот „Февруарски поход“, каде што имаше десетици паркирани автомобили по тротоарот и на сообраќајните ленти, како и на зелената површина покрај нив, а беа блокирани и паркинзите наменети за станарите во големиот број згради што се сместени веднаш отспротива од местото каде што е лоциран новогодишниот базар
Од официјалниот почеток на 30 ноември па сѐ до 4 јануари, зимската манифестација „Зимзоленд“ втора година по ред ќе биде центарот за новогодишната забава и празничната атмосфера за граѓаните од сите возрасти во Скопје и регионот, а со неа, за жал, започнаа и „маките“ на лисичани што живеат во непосредна близина на просторот каде што е сместен новогодишниот базар поради хаосот со паркирањето што се создаде уште на првиот ден од неговото официјално отворање и продолжи во следните денови.
Препорачано
Нова локација и проширена програма
Зимскиот парк годинава ја промени локацијата и е сместен во населбата Лисиче, веднаш наспроти ресторанот „Рагуза 919“, попознат како „Мирко 919“, за разлика од минатата година, кога „Зимзоленд“ се наоѓаше на паркингот пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром.

Годинава манифестацијата се состои од огромна музичка програма, луна парк, лизгалиште, како и многубројни новогодишни куќарки од каде што посетителите ќе можат да купат различни производи и традиционалните јадења, скара, потоа слатки и колачиња, како и рачни изработки и уникатни новогодишни украси, а за повозрасните на „репертоар“ ќе има греано вино и ракија.
За да биде забавата комплетна, во рамките на „Зимзоленд“ ќе има и лизгалиште, како и разни награди за најмладите, а во центарот на базарот е поставена голема новогодишна елка.
– Новогодишниот базар „Зимзоленд“ и оваа година се одржува во општината Аеродром, но на нова локација – на празниот простор спроти ресторанот „Рагуза 919“ меѓу Ново Лисиче и Лисиче. Првото издание се одржа лани на платото пред салата „Јане Сандански“, а реквизитите што беа поставени тогаш се користат и годинава. Базарот ќе трае од 30 ноември 2025 до 4 јануари 2026 година и ќе понуди адреналински реквизити, лизгалиште, греано вино, кафе, рум и разни видови храна. Посетителите ќе можат да уживаат и во забавната програма на бината, како и во големата новогодишна елка што навечер е целосно осветлена. Многумина ќе се обидат да освојат играчка на тезгата со пораката „секој добива“ – велат организаторите.
Оттаму наведоа дека годинава ќе има повеќе осветлување, поголема понуда на храна како и побогата музичка и забавна програма, со цел, како што велат, „поголема празнична атмосфера што ќе ги обедини сите генерации“ и додадоа дека оваа година реквизитите и манифестацијата се отвора секој работен ден во 12 часот напладне, а за викенди ќе започнува во 10 часот наутро.
– Празнична атмосфера што ќе ги обедини сите генерации, преку импресивни декорации, светлосни шоу-програми и разнобојни активности, богата музичка програма, забавен луна парк, артисти и аниматори и театарски престави, кои ќе создадат мини населба претворена во вистинска зимска бајка. Реквизитите и целата манифестација е отворена од 12 часот во работни денови, за викенди се отвора од 10 часот. Зимзоленд се враќа со уште повеќе светла, уште поголема забава и рекордна програма! Оваа година уживај во луна парк, лизгалиште на мраз, детски аниматори, вкусна храна, поголема сцена и музика во живо – истакнаа организаторите.
„Опсада“ на тротоарите и зелените површини
Сепак, колку и да е оваа идеја одлична за да се крене новогодишниот дух и таа идилична празнична атмосфера кај граѓаните, особено кај најмалите што најмногу се радуваат на овој забавен парк со огромна програма и понуда, на денот на отворањето, а веројатно тоа ќе се случува и во наредниот период, настана сообраќаен хаос на булеварот „Февруарски поход“, каде имаше десетици паркирани автомобили по тротоарот и на сообраќајните ленти, како и на зелената површина покрај нив, а беа блокирани и паркинзите наменети за станарите во големиот број згради што се сместени веднаш отспротива од местото каде што е лоциран новогодишниот базар.

Жители што живеат на оваа локација за „Слободен печат“ изјавија дека во неделата било огромен хаос, биле блокирани паркинзите од кои не можело да се излезе на булеварот, имало непрописно паркирани возила буквално на секој чекор, а како што тврдат, полицијата целосно забранила влез за возила на улицата што води покрај базарот и ресторанот „Рагуза 919“. Но, таа улица исто така води до домовите на стотиците домаќинства во Лисиче, кои таа вечер биле принудени да кружат и да ја менуваат рутата за да стигнат во своите домови поради сообраќајниот хаос што настана кај „Зимзоленд“.
– Во неделата беше отворањето и во раните попладневни часови беше мирно и немаше толку возила, но подоцна, веќе накај 19 часот, се случи сообраќаен колапс. Автомобили започнаа да ги блокираат веќе паркираните возила на паркингот, а кога таму веќе немаше место, возачите решија возилата да ги паркираат во должина на тротоарите, на кривината за влез кон „Зимзоленд“, како и на зелените површини. Буквално кој каде ќе стигне, таму се паркира – вели жителка на Ново Лисиче, која живее во зградите веднаш наспроти базарот.
Граѓаните своето незадоволство во изминативе денови го искажуваат и на социјалните мрежи, а тоа незадоволство е насочено кон само еден проблем – хаосот со паркирање кој, како што велат, започна сега, а ќе трае повеќе од еден месец.
Тие забележаа дека возилата се паркираат на зелени површини, на тротоари или, пак, се оставени среде улица, колабирајќи го сообраќајот за другите возачи што минуваат од оваа локација, а нив ги има премногу.
– И така, дојдоа дивите… по тревници, на тротоари, на улица ги оставија колите и појдоа да се забавуваат… Метеж, врева, возила, народ од секаде… Вакво нешто се организира на периферија од град, не во населено место, општина – вели жител.
„Слободен печат“ испрати прашања до Министерството за внатрешни работи во однос на информациите дека полициски службеници целосно блокирале влез на улицата кај „Зимзоленд“, која води кон Лисиче, а прашавме и на кој начин ќе го решат и ќе го превенираат хаосот со паркирањето што му се заканува на овој дел од Аеродром во наредниот месец, но оттаму одговор, за жал, не добивме.

Организаторите информираа дека на денот на отворањето биле евидентирани повеќе од 9.000 посетители, што е доказ дека на Скопје и на скопјани им треба место како „Зимзоленд“ каде што со своите најмали и најблиски можат да ја доживеат „новогодишната бајка“, а поради отсуството на други манифестации и базари од овој тип, сите очи сега се вперени во Лисиче.
Според фотографиите што ни ги испратија жителите, дел од просторот каде што е сместен базарот е предвиден како паркинг за посетителите, но два реда паркиралиште е само една мала „паркинг-инјекција“ за илјадниците граѓани и нивните возила, па поради недостигот на регуларен паркинг, за да можат да го посетат „Зимзоленд“, тие чарето го наоѓаат во паркирање на тротоари и на зелени површини.


