Хути во Јемен / Фото: EPA-EFE/YAHYA ARHAB

Војската на Емиратите се повлекува од Јемен по нападот на Саудиска Арабија – што се случува меѓу Ријад и Абу Даби?

Обединетите Арапски Емирати во вторникот соопштија дека ја повелкува преостанатата војска од Јемен, откако Саудиска Арабија ја поддржа иницијативата силите на ОАЕ да ја напуштат земјата во рок од еден ден, објави „Ројтерс“.

Овој потег следува по воздушен напад на коалицијата предводена од Саудиска Арабија врз јужното јеменско пристаниште Мукала.

Нападот врз, како што соопшти Ријад, пратка со оружје поврзана со ОАЕ го означи најзначајното заострување на односите меѓу Ријад и Абу Даби досега, во услови на сè подлабок јаз меѓу двете заливски сили.

Некогаш двојните столбови на регионалната безбедност, двајцата тешкаши од Заливот во последниве години ги видоа своите интереси како се разидуваат – од квотите за нафта до геополитичкото влијание.

Прогласувајќи ја националната безбедност за „црвена линија“, Саудиска Арабија претходно во вторникот тврдеше дека ОАЕ извршиле притисок врз јужните јеменски сепаратисти да спроведат воени операции што стигнале до границите на кралството.

Тоа беше најостриот јазик досега што Ријад го употреби против ОАЕ во влошувањето на односите меѓу соседите кои некогаш соработуваа во коалиција против јеменските Хути, поддржани од Иран, но чиишто интереси во Јемен постепено се разидуваа во изминатите години.

ВИДЕО | Саудиски бомби врз Јемен, Ријад обвинува за оружје од ОАЕ

Тензиите во рамките на коалицијата се зголемија откако Абу Даби ги поддржа јужните сепаратисти кои се залагаат за самоуправа, додека, пак, Ријад продолжи да ја поддржува меѓународно признатата јеменска влада, што на крајот доведе до отворен раздор меѓу заливските сојузници.

Во вторникот, коалицијата изврши напад врз, како што соопшти, пристанишен док кој се користел за обезбедување странска воена поддршка за сепаратистите поддржани од ОАЕ. Претседателот на јеменскиот претседателски совет, поддржан од Саудиска Арабија, им даде ултиматум на емиратските сили да ја напуштат земјата во рок од еден ден.

ОАЕ соопштија во изјава дека биле изненадени од воздушниот напад и дека пратката која била погодена не содржела оружје и била наменета за емиратските сили.

Претседателот на јеменскиот претседателски совет, Рашад ал-Алими, го поништи одбранбениот пакт со ОАЕ, објави јеменската државна новинска агенција, и во телевизиско обраќање ги обвини ОАЕ дека поттикнуваат раздор во Јемен преку поддршката за јужниот сепаратистички Преоден совет (СТЦ).

„За жал, дефинитивно е потврдено дека Обединетите Арапски Емирати извршиле притисок и го насочувале СТЦ да го поткопа и да се побуни против државниот авторитет преку воена ескалација,“ рече тој.

ОАЕ претходно нагласија дека „соочувањето со неодамнешните случувања мора да се направи одговорно и на начин што ќе спречи ескалација, врз основа на сигурни факти и со постојна координација меѓу засегнатите страни“.

Главните берзански индекси во земјите од Заливот паднаа.

Саудиска Арабија и ОАЕ се меѓу клучните играчи во групата извозници на нафта ОПЕК, а секое несогласување меѓу двете земји може да го отежне постигнувањето консензус околу одлуките за производството на нафта.

Тие, заедно со уште шест членки на ОПЕК+, во недела ќе одржат онлајн состанок, а делегати од ОПЕК+ велат дека ќе продолжи сегашната политика – без промени во производството во првиот квартал.

Јемен: Хутите и владата се договорија за враќање на останките и размена на затвореници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот