Јемен: Хутите и владата се договорија за враќање на останките и размена на затвореници
Бунтовниците Хути и меѓународно признатата влада на Јемен објавија во средата дека постигнале договор за пронаоѓање и размена на останките на загинатите во војната, како дел од поширок договор за размена на илјадници затвореници, пренесува Ерусалим пост.
Препорачано
Страните, кои војуваат од 2014 година, објавија во вторникот дека постигнале договор за размена на речиси 3.000 воени затвореници, по неколкудневни преговори во Султанатот Оман.
„Сите страни потпишаа договор за пронаоѓање и предавање на телата на сите фронтови (…), под покровителство (…) на Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст“ и Црвената полумесечина, изјави преку Икс Абделкадер ал-Муртада, официјален претставник во делегацијата на Хутите одговорен за затворениците.
Според него, иницијативата ќе овозможи „да се открие судбината на илјадници исчезнати од двете страни“.
Маџид Фадахил, член на владината делегација задолжена за преговори за размена на затвореници, за АФП изјави дека овој аспект ќе биде „додаток“ на договорот за размена и потврди дека тој е потпишан вчера наутро.
Граѓанската војна во Јемен избувна во 2014 година, кога бунтовниците го зазедоа главниот град Сана. Договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила во 2022 година, продолжува да важи, иако неговото продолжување никогаш не е формално договорено.
Страните вчера не разјаснија кога ќе се случи размената на затвореници; сепак, доколку договорот се спроведе, тој би бил најголемиот од 2014 година.
Специјалниот претставник на Обединетите нации за Јемен, Ханс Грундберг, го пофали договорот, нарекувајќи го „важен и позитивен чекор за кој се надеваме дека ќе ги ублажи страдањата на затворениците и нивните семејства низ целиот Јемен“.
Сепак, тој предупреди во соопштението објавено од агенциите на ОН дека „неговата ефикасна имплементација ќе бара посветеност и одржлива соработка од страните, координирана регионална поддршка и континуирани напори за градење на овој напредок со цел понатамошни ослободувања“.
Јемен останува поделен на два дела, со северниот дел контролиран од Хутите, сојузници со Иран, кои го зазедоа главниот град Сана и поголемиот дел од северот во 2014 година, и меѓународно признатата влада, која ги обединува различните сили и привремено го пресели своето седиште во Аден, на југ.
Оваа војна ја втурна најсиромашната земја на Арапскиот Полуостров во она што ОН го опишува како една од најлошите хуманитарни кризи на планетата.


