Александар Вучиќ, претседател на Србија / Фото: MILAN ILIC/BETAPHOTO / Sipa Press / Profimedia

Собир за поддршка на Вучиќ најавен во Куманово

Со повик за поддршка на претседателот на Србија Александар Вучиќ, в сабота, во Куманово, пред српскиот конзулат во градот е најавен собир. Организатор е здружението „Мир, слога, стабилност“ кое и претходно се појавуваше како организатор на граѓани кои одеа на митинзи во Србија за поддршка на Вучиќ.

Инаку, Студентите во Србија најавија нов студентски митинг токму на на 23 мај (сабота) на плоштадот „Славија“ во Белград. Тоа е само првиот од серијата што го промовираат како дел од кампањата „Студентите победуваат“.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека е информиран за собирот, но како што нагласи, и покрај тоа што добил покана, нема да присуствува.

– Јас имам покана, но физички не сум присутен во Куманово и нема да одам – ни рече Димитриевски кој не сакаше да коментира дали поддржува ваков протест да се одржи во неговиот град.

Фото: Повикот за собирот објавен на социјалните мрежи

Тој посочи дека до Општината нема пристигнато барање за обезбедување на јавен простор од организаторите.

– Кога се прави митинг на јавен простор, се бара согласност од Општината за обезбедување на јавен простор, но такво барање до нас не е пратено. Тие си организираат собир во конзулатот и тука не може да се мешаме – вели Димитриевски.

Од МВР, пак, нѐ информираа дека митингот е пријавен од организаторот Здружението „Мир, слога, стабилност“.

Слободен печат“ го праша и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците и лидер на Демократската партија на Србите Иван Стоилковиќ дали ќе го поддржи протестот, но тој нѐ информираше дека ќе патува за Кина.

Со реакција за собирот се јавија од опозицискиот СДСМ од каде обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ организира граѓани на Македонија за митинг во поддршка на Вучиќ, што според социјалдемократите, е срамно мешање во внатрешните работи на друга држава.

Како што месеци наназад предупредувавме дека Вучиќ управува со Македонија, сега ВМРО директно организира граѓани на Македонија за контрамитинг во Белград во поддршка на Александар Вучиќ. Вицепремиерот Иван Стоилковиќ, најблискиот соработник на Мицкоски, учествува во ова организирање по договор со Милош Вучевиќ од пред неколку дена. На плакатот што го шират низ Македонија јасно се гледа: собирање и поаѓање на митингот пред српскиот конзулат во Куманово, со цел да се поддржи Вучиќ. Ова е срамно мешање во внатрешните работи на друга држава“, реагираа од СДСМ.

Меѓународниот секретар на СДСМ Андреј Жерновски, пак, преку својот Фејсбук профил, праша што би се случило кога во Македонија би се организирал митинг за поддршка на бугарскиот премиер Румен Радев.

– Мицкоски, Муцунски и целата нивна орбановска медиумска мрежа ќе врескаше за „мешање во внатрешни работи“, „загрозен суверенитет“, „национално предавство“ и ќе држеа прес-конференции на секои два часа. Ама кога во Куманово јавно се организира политички собир за поддршка на братот Вучиќ- тогаш молк. Нема патриотски говори. Нема драматични статуси. Нема осуди. Нема „патриотски“ прес-конференции. Ова (пре)молч(ув)ење е најдобар доказ за нивната дволична политика. Не е проблем мешањето во политиката на друга држава – проблем им е само кој го прави тоа – реагираше Жерновски.

Во меѓувреме, митинг за поддршка, но на студентите Албанци во Македонија, на 26 мај е најавен во Тирана, Албанија. Протестот ќе се одржи на централниот плоштад „Скендербег“ во Тирана.

Студентите Албанци пред неколку дена протестираа во Скопје во врска со нивното барање, правосудниот испит по право да го полагаат на алабнски јазик. На протестот во Скопје, како знак на поддршка, им се придружија и студенти од Косово и Албанија.

Мешањето на надворешни фактори на протестот на студентите во Скопје, премиерот Мицкоски го оцени како фолклор.

Навредите не ги коментирам, тоа е домашно воспитување, не го коментирам ниту насилниот инцидент и мешањето на надворешни фактори – тоа ќе го оценам како фолклор – рече Мицкоски за протестот на студентите Албанци.

Меџити и Касами прво најавија правосуден испит на албански јазик, па се сретнаа со Мицкоски да бараат решение

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот