Тирана, Албанија / Фото: Godong / robertharding / Profimedia

„Албанија е со Скопје“ — студенти во Тирана ќе протестираат за поддршка на колегите Албанци од Македонија

Студенти од Албанија најавија протест во Тирана на 26 мај во поддршка на студентите Албанци од Македонија кои студираат на албански јазик за време на студиите и бараат нивниот испит по право да биде исто така на албански јазик, објавија албански медиуми.

Според најавата, собирот ќе започне во 17 часот во центарот на албанската престолнина, а потоа ќе продолжи со марш кон Амбасадата на Македонија во Тирана.

Организаторите за слоган го избрале „Албанија е со Скопје“, нагласувајќи ја „пораката за единство и поддршка на Албанците преку границите“.

Студентите Албанци по право, на неколку универзитети во Македонија, бараа завршните испити да се одржуваат на албански јазик. Нивното барање не доби позитивен одговор од Министерството за правда, а по нивниот прв протест на 6 април, властите ветија дека ќе најдат решение.

Студентите одржаа втор протест со ова барање на 18 мај во Скопје.

ФОТО+ВИДЕО | Протест на студенти Албанци, бараат да им се дозволи полагање правосуден испит на мајчиниот јазик

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека решението со кое треба да се надминат причините за протестите на албанските студенти ќе биде испратено во Венецијанската комисија. Биљал Касами, еден од лидерите на Вреди, посочи дека студентите Албанци во Македонија ќе можат да ги полагаат сите стручни испити на албански јазик, а за тоа постоело договор со премиерот.

Изјавите на Мицкоски и Касами се во спротивност на ставот на министерот за правда Игор Филков, кој вчера преку писмено соопштение реагираше дека правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот