ММФ: Централните банки и владите ветија 19,5 билиони долари за глобалната економија од избивање на корона-кризата

Од почеток на пандемијата на ковид-19, Владите и Централните банки во светот ветија дека ќе издвојат 19,5 билиони американски долари за поддршка на глобалната економија, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

– Владите објавија мерки за поддршка од, речиси, 12,5 билиони долари до септември оваа година, а централните банки со своите мерки дополнително помогнаа со најмалку 7,5 билиони долари за ублажување на влијанието на пандемијата врз нивните економии, се наведува во годишниот извештај на ММФ.

Сепак, како што сметаат во ММФ, и покрај незапамтениот обем и брзите спасувачки мерки кои, меѓудругото, опфатија намалување на даноци, субвенционирање на вработувањата, одобрување на кредити за мали претпријатија и намалување на каматните стапки на рекордно ниски нивоа, глобалната економија ја преживува најтешката рецесија од Големата депресија, пренесува Танјуг.

Економската активност и вработувања во најголем дел од светот, вклучувајќи ги САД и Европа, и натаму се под нивото на кои беа пред ударот на пандемијата. Иако навестувањата за вакцина против коронавирусот ги подобрува изгледите за глобалната економија за наредната година, тие, сепак, нема да бидат од голема помош за државите во блиска иднина.

Потенцијалните пречки на патот за обезбедување на дополнителна финансиска поддршка на стопанствата би можеле да го загрозат и онака кревкото опоравување.

Во САД, каде бројот на случаи на ковид-19 е во пораст, одбивањето на претседателот Доналд Трамп да ја признае победата на Џо Бајден би моќеле да ги запрат напорите за носење на уште еден голем пакет за поддршка. Во земјата и натаму има околу десет милиони работни места помалку одошто беше случај пред почетокот на пандемијата, а неколку држави воведуваат нови ограничувања за да го запрат растечкиот тренд на новозаразени.

Истовремено, Европската Унија (ЕУ) се соочува со внатрешен бунт што би можел да го одложи конечното одобрување на нејзиниот Фонд за опоравување од коронавирусот вреден 800 милијарди евра за кој со месеци се водеа преговори и кој би требал да стартува на 1 јануари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот