Македонија без Никола Ѓоргиев поразена од Холандија, в среда е клучниот дуел против Чешка

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Во својот четврти натпревар на Европското првенство 2023, најдобрата македонска одбојкарска репрезентација во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје го претрпе и вториот пораз во групата „Ц“ овојпат од Холандија со 0:3 во сетови 19:25, 19:25 и 16:25.

На овој меч нашиот селектор Јошко Миленкоски не можеше да смета на повредениот Никола Ѓоргиев, па повеќе минутажа на дуелот со „лалињата“ доби Стојан Илиев.

Водевме рамноправна борба од самиот старт против еден од фаворитите во групата „Ц“, се играше поен за поен, на семафорот стоеше 5:5. Потоа, и поведовме преку Деспотовски за 6:5, кратко ја одржувавме тт минималната предност. Еден од најискусните Милев се погрижи за 8:7, а потоа и Маџунков за 9:8.

Холанѓаните направија серија од 6:2 за негатива на македонските одбојкари од 11:14, по што следуваше тајм-аут на Миленкоски. Истиот не промени многу бидејќи противниците предводени од најдобриот светски коректор Нимир Абдул-Азиз не само што не ни дозволуваа веќе резултатски да се доближиме, туку и да ја зголемуваат предноста до крајот на првиот сет. Забележливо беше дека Абдул-Азиз ја прави разликата на теренот, на семафорот веќе беше водство од 17:23, недостижно за нашите одбојкари.

Три наши грешки од игра следуваа на стартот од вториот сет, тоа веднаш го казнија холандските играчи за 1:4, а потоа и за 3:6. Љафтов беше лидерот во нашата селекција, намали на 5:7, но Илиев ја погоди мрежата во неговиот сервис, па се врати негативата од „минус три“. Холандија повторно избега на „плус пет“, но веднаш потоа врзавме два поени во низа по блокот на Маџунков и поенот од напад на Љафтов за 8:11.

Се разигра Плак, го блокираше нападот на Љафтов за враќање на пет поени разлика за Холандија, па му се придружи Абдул-Азиз за 14:8. Следуваше клучна серија во вториот сет на Холанѓаните, се редеа нивните блокови, а се редеа и нашите грешки, па на семафорот веќе стоеше двоцифрена негатива од 9:19. Љафтов се погрижи да стопи пола од истата со неколку поени и аса за враќање на добрата атмосфера во нашите редови и на трибините.

Шанса доби и младиот Лука Костиќ, тој се придружи на серијата од 4:0 за 15:20, а Љафтов веќе имаше три аса по ред (16:20), потоа и нов поен од напад и холандскиот селектор кој беше загрижен од оваа наша низа повика неколку тајмаути.

Запиша поен и Милев за 19:22, но и покрај тоа се стабилизираа редовите во холандската репрезентација која дојде до сет топка и истата беше искористена со ас преку Вилтенбург.

Холандија веќе со стекната предност од 6:3 го најави освојувањето и на третиот сет, а потоа Паркисон со „смеч“ за 7:3 го принуди Миленкоски за нови совети. Се редеа поените на Холандија, Туинстра со силен ас донесе предност од 15:8, а подоцна беше 22:14, и до крајот само рутински „лалињата“ стигнаа до третата победа на ЕП.

Најефикасен во нашата селекција Љафтов со 14 поени, по четири имаа Илиев и Савовски, а на спротивната страна 15 запиша Абдел-Азиз. Последниот петти меч во групата Македонија ќе го игра в среда од 20.00 часот против Чешка, од стручниот штаб се надеваат дека ќе го имаат Н. Ѓоргиев во тој клучен дуел за третото место на табелата и избегнување на Италија во осминафиналната фаза на ЕП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот