Грдото лице на комедијата: Џери Луис бил одличен комичар, но ужасен татко

Џери Луис/Принтскрин/ИМБД
Џери Луис/Принтскрин/ИМБД

Кога на 20 август, 2017 година Џери Луис почина, фановите изјавија „денеска комедијата умре“.

Комичарот Џери Луис е роден на 16 март, 1926, а се прослави со таканаречената „слапстик“ комедија од американскиот бран, која е заоснована на физичка акција како трчање, борба, брзо темпо и збрка, буквално цела една „телесна“ импровизација.

Џери имал завидна комичарска кареиера која траела речиси осум децении и негови најпознати филмови се „Со падобранци против волјата“,„Мртви од страв“, „Уживај во животот, Џери“, „Џери во циркус“ и многу други.

Тој имал и интересен приватен живот. Добил седум деца, од две сопруги. Се оженил првпат со пејачката Пати Палмер во 1944 година, веднаш по војната. По само неколку месеци врска, влегле во брак и биле заедно 36 години. Добиле пет сина, а еден посвоиле.

Семејството на Џери Луис/Принтскрин/Јутјуб
Семејството на Џери Луис/Принтскрин/Јутјуб

Пати низ целиот брак со Џери ги толерирала неговите афери со низа жени. Крајот на бракот дошол во 1980 година, и иако комичарот бил обожаван поради неговиот хумор, многумина го сметале за невкус тоа што тој ги користел своите прељуби за да прави шеги.

„Тоа се случува кога ја е*бам секоја во Холивуд“, изјави Џери Луис за својот развод.

Американските медиуми пишувале дека во текот на романсата со манекенката Лин Диксон, во 1952 година ја добил вонбрачната ќерка Сузан Миноре, која не сакал да ја признае. Веројатно бил и со Мерилин Монро, а неговата сопруга Пати решила дека не сака повеќе да трпи афери.

Џери Луис/Принтскрин/Инстаграм
Џери Луис/Принтскрин/Инстаграм

Таа барала од него речиси половина милион долари годишно за издршка и грижа за нивниот најмал син Џозеф Кристофер, кој почина во октомври, 2010 година. Токму тогаш се покажало грдото лице на славниот комичар.

Имено, Џозеф починал од предозирање со дрога на 45 годишна возраст, а немал ни скршен денар во џеб откако од него се откажал самиот Џери. Живеел во засолниште за бездомници и се хранел во јавна кујна. Наводно, комичарот не сакал да му помогне на сопствениот син, ниту да плати за неговиот погреб кога му се јавиле да му ја соопштат жалната вест.

Поранешната сопруга на Џозеф, Ким се огласила во јавноста околу нивниот однос.

„Не можам да разберам како не може да му прости на својот мртов син. Најстариот брат на Џозеф, Гери ме извести дека кога Џозеф почина, Џери кажал дека не сака јавно да се зборува за тоа и рекол „Молчете за ова, не смее никој да дознае ништо“, раскажа Ким во една прилика.

Во друга прилика, Џозеф лично проговори за својот татко. Според него, животот со таков човек бил пеколен.

„Пробував различни дроги, бев на терапии, но вистината и понатаму боли – мојот татко не ме сака“.

Американските медиуми пишуваа дека Луис сакал ќерка, кога неговиот најмлад син се раѓа во 1964, дури и пеел во една емисија додека Пати била бремена. Најстариот син на Џери, Гери, подоцна се изјасни за својот татко, без многу пофални зборови за човекот.

„Тој е зол човек. Никогаш не покажа љубов кон нас.“

Додал и дека неговиот брат Џозеф имал скршено срце од тага, и дека таткото можел да ја спречи неговата смрт. Комичарот очигледно бил најлош во една улога – а тоа е татковската. Кога се развел од Пати, наместо да разговара со децата, тој само им покажал насловна страница од весникот на кој била напишана веста за разводот. Брутално!

Пати Луис и синовите/Принтскрин/Јутјуб
Пати Луис и синовите/Принтскрин/Јутјуб

Три години по разводот од пејачката која се посветила целосно на сопругот и децата, а и ја запоставила својата кариера, Луис се оженил со танчерката Сенди Питник и ја посвоиле ќерката Даниела Сара. Комичарот тогаш си ја остварил желбата да има ќерка. Сопружниците биле заедно се до неговата смрт.

Џери Луис и втората сопруга/Фото: Принтскрин/ИМДБ
Џери Луис и втората сопруга/Фото: Принтскрин/ИМДБ

Комичарот имено се прославил во играните серии на радио и телевизија заедно со Дин Мартин. Соработката им траела до 1956, а Џери често го фалел неговиот колега пејач и многу тешко ја примил смртта на Мартин во 1995та. Откако починал, неговиот син Антони излезе во јавност во емисија во која зборуваше отворено за својот татко, како и тоа дека целото наследство останало кај втората сопруга и посвоената ќерка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот