Ѓоковиќ и Надал за титулата на „Ролан Гарос“ (ВИДЕО)

Фото: EPA-EFE/IAN LANGSDON

Најдобриот тенисер во светот успеа после скоро четири часа игра да го елиминира петтиот носител на „Ролан Гарос“, Стефанос Циципас.

Новак Ѓоковиќ ги освои првите два сета доста убедливо со 6:3 и 6:2, а беше и многу блиску со максимален резултат да го добие мечот.

Во третиот српскиот ас стекна брејк предност, поведе со 5:4 и сервираше за победа, но после една судиска опомена поради пречекорување на времето за сервирање, тој буквално како да застана во играта.

Наместо рутински триумф, му дозволи на Гркот да ги добие дури наредните пет гема и не само што го доби третиот сет со 7:5, веќе и на почетокот од четвртиот сет имаше предност од 2:0.

Полека се враќаше Ѓоковиќ во својата игра, веднаш врати брејк и беше многу подобар на теренот, иако доаѓаше до нови брејк топки во секој сервис-гем на Циципас, многу лесно и ги пропушташе и му даваше сè поголема надеж на младиот грчки натпреварувач дека може да направи чудесен пресврт.

„Кралот на земјата“ Надал е првиот финалист во Париз

Особено кога во 10 гем од четвртиот сет Ѓоковиќ загуби гем на свој сервис што значеше влегување во решавачки петти сет. Но, сето време првиот светски рекет делуваше мирно, самоуверено и тоа го потврди во наредниот период, дозволувајќи му само еден гем на противникот (6:1) за конечни 3:2 во сетови.

Како што и се предвидуваше пред стартот на турнирот во Париз, во големото финале в недела (15.00 часот) Ѓоковиќ ќе ги одмери силите против Рафаел Надал кој претходно го елиминираше Диего Шварцман од Аргентина. Тоа ќе биде 56 меѓусебен меч помеѓу Рафа и Ноле, Србинот има три победи повеќе (29:26).

Шпанецот ќе ја брка севкупно 13 титула на овој грен слем, а Ноле ќе атакува на само вториот трофеј. В сабота (15.00 часот) во женското финале Ига Швјонтек од Полска ќе игра против Американката Софија Кенин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот