До кога ќе се трпи самоволието на Маленко?!

Самоволието на Александар Маленко со опструкциите во кои најголеми жртви се пливачите, продолжува и се чини дека ќе се почека на разрешница. Маленко кој е претседател на Пливачка федерација на Македонија (ПФСМ) која не постои во Централниот регистар на Република Македонија (ЦРРСМ), испраќа дописи на сите турнири на кои настапуваат пливачи кои се поддржани Националната пливачка федерација (НПФ) и претседателот Александар Филипчев кои пак се заведени како единствена пливачка федерација во Македонија.

Изминатиот викенд Маленко бараше со допис до Српската пливачка федерација (ПСС) да им се забрани настап на турнирот во Лесковац, Србија, на пливачите од клубовите Младост, Челични – Штип, Октопод, Бета Шаркс, Вардар Скопје и Скопје бидејќи клубовите не се регистрирани неговата федерација која пак е непризнаена од ЦРРСМ. Неговиот обид да се стопира учеството на турнирот во Лазаревац не успеа.

– Маленко испрати допис до ПСС да не им се дозволи на децата и клубовите да настапат во Лесковац, но луѓето ја знаат ситуацијата со пливањето кај нас. Прво ни побараа допис од признаената Федерација кој ние им го пуштивме по што дописот на Маленко не беше уважен. Децата кои остварија одлични резултати си добија медали за своите настапи – вели Александар Филипчев, претседателот на НПФ кој веќе има поднесено кривична пријава против Маленко.

Маленко не удри само кај најмладите, туку и кај пливачите и пливачките кои конкурираат за настап на најголемите пливачки настани во сениорска конкуренција. Така неговиот допис не му дозволи на Андреј Стојановски да се израдува на шестото место на медитеранскиот Комен Куп на отворени води кој се одржа Ларнака, Кипар. Претходно во текот на летото удри и по најдобрата млада пливачка, Миа Блажевска.

Филипчев вели дека Маленко постојано се обидува да го минира настапот на пливачите кои не се од неговата ПФСМ и неговите обиди вродуваат со плод во земјите кои не ја познаваат состојбата со пливањето во Македонија. Причината за ваквите постапки е тоа што Александар Маленко сè уште е признаен како претседател на ПФСМ од страна на ФИНА и на ЛЕН кои пак не ја извршиле промената на раководството и на името на Федерација.

– Проблемот настанува во другите земји во кои не ја знаат состојбата кај нас и се во заблуда. Таму Маленко постојано прави проблеми. На Комен купот каде што настапи Андреј Стојановски, делегатот кој беше од Хрватска е запознаен со нашите проблеми и ни кажа дека Маленко прави и други проблеми и сопки за кои ние не знаеме. Ние контактиравме со ФИНА и со ЛЕН и чекаме да ни кажат дали нивните луѓе ќе дојдат во Македонија или ние ќе мора да одиме во Лозана, Швајцарија – вели Филипчев.

Каевски: Пливачите се најголеми жртви, правиме се што можеме да го решиме проблемот

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, вели дека мора да се стави крај на проблемите во македонското пливање.

– Проблемот во пливањето не е од сега, туку тој трае десетина години и ние правиме се што е во наша можност и колку ни дозволуваат законските рамки за да го разрешиме овој проблем.  За нас како АМС, релевантни се документите од Централниот регистар и таму како единствена федерација е заведена националната пливачка федерација чиј претседател е господинот Александар Филипчев. За жал не знам зашто господинот Маленко прави вакви работи на грбот на пливачите. Токму пливачите највеќе трпат во оваа расправија.

Ние сме во постојан контакт со националните и меѓународните федерации, и од НПФ сме информирани дека е најавено доаѓање на претставници од ФИНА и од ЛЕН со цел конечно да се разреши оваа ситуација во пливањето во нашата држава – вели Каевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот