Чилеанскиот Болсонаро: Кој е Каст, фаворит за престолот во Чиле?
Чилеанскиот ултраконзервативец Хозе Антонио Каст, понекогаш споредуван со бразилскиот претседател Жаир Болсонаро или поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, направи брз пораст во анкетите и сега е фаворит на претседателските избори во недела, пишува Ројтерс.
Препорачано
55-годишниот адвокат, католик и татко на девет деца, тивко се спрема за власт, иако ветува строг пристап кон криминалот и рационализирана држава. Тој го пофали „економското наследство“ на поранешниот диктатор Аугусто Пиноче.
Каст, кандидатот за Христијанско-социјалниот фронт, станал знаменосец на „неизвиничкото“ десно крило во Чиле, кое се зацврстил како одговор на подемот на прогресивната политичка левица по лутите, а понекогаш и насилните улични протести во 2019 година.
„Тие нè нарекуваат нетолерантни и екстремни, бидејќи ја зборуваме вистината и ги кажуваме работите директно. За разлика од левицата, ние никогаш не сме поддржувале насилство“, напиша Каст на Твитер кон крајот на октомври.
Неговите политики потсетуваат на оние на Трамп и Болсонаро
Критичарите велат дека неговиот однос кон политичката класа – тој го нарече Конгресот „циркус“ – и предлозите што вклучуваат изградба на ѕид за да се спречи илегалната имиграција потсетуваат на десничарските популистички лидери како Болсонаро и Трамп.
Но, тој ги минимизираше тие споредби и како што се приближува гласањето на 21-ви ноември и се зголемуваат неговите избирачки бројки, изгледаше како да го ублажи неговиот имиџ, како и да се обиде да одржи дистанца меѓу себе и непопуларната владејачка централно-десничарска влада на Себастијан Пинера.
„Сакаме да се обединиме, сакаме да разговараме со сите, без разлика на политичката нијанса“, им рече тој на деловните лидери на настанот на 11 ноември. „Јас сум директна и искрена личност, но секогаш имам почит“.
За неговите критичари, Каст е враќање назад од ерата на бруталната диктатура под Пиноче во 1970-тите и 1980-тите, која додека воспоставуваше голем дел од успешниот економски модел на Чиле создаде голем јаз меѓу малата богата елита и повеќето Чилеанци.
Братот на Каст, Мајкл, бил министер во воениот режим. Хозе Каст се кандидираше за претседател во 2017 година, доаѓајќи на четвртото место, велејќи тогаш дека доколку Пиноче беше сè уште жив, ќе гласаше за него.

„Осмели се да сонуваш“
Каст вети дека ќе го врати економскиот раст и ќе го „врати“ редот по протестите во 2019 година, во кои изгореа зградите околу главниот град Сантијаго, а илјадници беа повредени во улични конфликти со полицијата.
„Да се осмелиме да сонуваме. Тоа е часот на надежта, часот на обновата. На оние кои ги извадија своите ресурси од Чиле, се надевам дека ќе ги вратат,“, рече тој на средбата со бизнис лидерите. Тој вети дека ќе го брани широко копираниот модел на слободен пазар на Чиле и ќе го поддржи претпријатието.
Каст има малку трпение со демонстрантите и ја доведе во прашање работата на избраното собрание кое подготвува нов устав кој ќе го замени текстот од времето на Пиноче.
Тој, исто така, вети дека ќе употреби силна рака за да се справи со тензиите со домородните Мапуче на југот. Тој ги опиша чиновите како што се подметнување пожар и судири со безбедносните сили како „тероризам“ – што добро помина кај некои гласачи.
„Секогаш кога има чин на насилство во Сантијаго или Ла Арауканија, Каст се зголемува за еден поен“, рече политичкиот аналитичар Кристобал Белолио.



