Законските измени за „Бехтел и Енка“ пристигнаа во Собранието, Владата ги форсира со „европско знаменце“

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Петте предлог-закони со европско знаменце предложени од Владата кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д стигнаа во Собранието. Како што е објавено на веб-страницата на законодавниот дом, овие пет предлог-закони се ставени на 115. пленарна седница закажана за во среда во 11 часот.

Предложени се измени во Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8.

На веб-страницата на Собранието се гледа дека во образложенијата на сите предложени измени на законите, петтиот делот, односно точката 5, насловена „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“, е празен.

Предлозите во среда на пленарна седница треба да го поминат првиот филтер, околу потребата од скратена постапка. По ова, законските измени најверојатно експресно ќе се најдат и на собраниската Комисија за европски прашања.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Арбр Адеми, на денешната прес-конференција истакна дека ќе се држи по деловничките правила и се надева дека опозицијата нема да ја опструира процедурата.

-Јас сум еден од претседателите на работните тела кој секогаш свикувал седница за која било точка кога пленумот ме повикал да свикам таква седница. Ако на пленарна седница мнозинството на пратениците одлучат да бидат разгледани овие предлог-закони, секако дека веднаш би свикал седница на Комисијата, рече Адеми.

Според пратеникот на СДСМ, Миле Талески, со предлог-законите кои влегуваат во парламентарна процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата.

-Со предог-законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата. На тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овој проекти, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично. Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции. Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10д, рече Талевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот