Здружението на новинарите бара одговорност од Бесија Иљази, за нејзината цензорска „наредба“

Бесија Иљази / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Бесија Иљази, организациски директор на Клиниката за Токсикологија во Скопје.

Според денешната пријава од членови на ЗНМ, на влезот на Клиниката за Токсикологија во Скопје јавно била истакната наредба со која се забранува на вработените да имаат контакти со новинари или медиуми. Во наредбата од 20.05.2024 година, се вели дека согласно член 30 и 31 од статутот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија Скопје, се забранува неовластено присуство, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, со што би се нанело штета на интересите и угледот на клиниката.

Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес, алармираат од ЗНМ.

Во осудата од ЗНМ се додава дека новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции, бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс, кој јасно наведува дека новинарот ќе ги почитува законите, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес.

ЗНМ формално ќе се обрати до ресорното министерство и ќе бара одговорност од директорката на Клиниката за Токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба. Дополнително, ЗНМ ќе инсистира за итно повлекување на наредбата и на воспоставување на транспарентност во работењето на клиниката, со цел да се осигура слободата на говор и правото на новинарите да информираат за прашања од јавен интерес, се додава во реакцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот