Во август 112 заболени од ковид, еден починат – состојбата во соседството е поалармантна
Соседните земји и две години по стишувањето на ковид пандемијата се уште на дневно ниво известуваат за бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати пациенти од коронавирусот. Во Македонија последниве месеци на месечно ниво се прави статистика на заболените од ковид и бројките според извештаите на ИЈЗ не се загрижувачки. Во август на пример се пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, а во однос на претходниот месец јули се бележи зголемување на бројот на пријавени за 4,6 пати, односно во јули се регистрирани само 23 случаи, во јуни 29, додека во мај 119.
Од заболените во август 2023, најголем број на заболени (34) се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (73,4/100.000) се регистрира во Кавадарци. Триесет и пет од заболените лица се реинфекции.
Во текот на месецот пријавено е едно починато лице.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната групата над 60 години (44) односно 39,3%.
Во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, во текот на месец август се тестирани вкупно 512 материјали со зголемување на бројот на тестирани за 1,4% во однос на минатиот месец кога се направени 505 тестирања.
Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.08.2023, пријавени се вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.
Бројот на аплицирани дози на КОВИД-19 вакцина во текот на месец август 2023 година останува непроменет во однос на претходниот месец кога се вакцинирале 8 лица, од тоа 5 се прва, 2 како втора и една како трета доза.
Заклучно со 31.07.2023, вакцинирани се вкупно 876.142 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 857.221 лица.
Состојба со ковид во соседните земји
Во Србија според последните официјални податоци, минатата недела имало 1.529 нови случаи, што е зголемување во однос на претходната седмица кога се регистрирани 964 случаи, а во август во последните две недели вкупно 1276 новозаболени од ковид-19 и голем дел се заразени со новата подваријанта омикрон.
Вкупниот број на потврдени случаи на коронавирус во Бугарија за последните 24 часа е 28, а направени се 306 тестови, што значи дека учеството на позитивните резултати е 9,1%.
Ниту еден пациент не починал со потврдена инфекција со коронавирус.
Во бугарските болници се лекуваат 189 лица со дијагноза Ковид-19, од кои 11 се на одделението за интензивна нега. Во моментов во Бугарија има 2.234 активни случаи, а вкупно 38.458 луѓе од почетокот на пандемијата ја загубија битката со коронавирусот во оваа соседна земја.
Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) соопшти дека во периодот од 30 август до 12 септември, во земјата се регистрирани еден смртен случај и 67 заболени од Ковид-19.
Според податоците на ИКШПК, најмногу позитивни на вирусот резултирале од возрасната група меѓу 50 и 59 години (16 случаи) и од 60 до 69 години (15 случаи), додека просечната старост на новозаболените е 52 години.