Владата дала „инјекција“ од 112 милиони евра за општините во годината на локалните избори, покажа истражување на ЦГК
Само во периодот од октомври 2024 до октомври 2025 година, односно во последната година пред изборите, Владата испланирала 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините и од тие пари им одобрила 112 милиони евра, преку шест министерства – Транспорт, Спорт, Образование, Животна средина, Социјална политика и Култура.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова го соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кој објави извештај и база на податоци, откако следеше како Владата доделуваше пари за инфраструктурни проекти во општините во 2024 и 2025 година.
Според истражувањето, првата одлука Владата ја донела точно една година пред локалните избори, односно на 16 октомври 2024 година, за распределба на 71,1 милион евра.

Втората одлука дошла три и пол месеци пред изборите, со што се распределиле дополнителни 41,4 милиони евра.
„Оваа одлука е коригирана на 40,5 милиони евра. Овој дел од парите, иако значително помал од претходниот, е наменет за многу повеќе проекти, односно за 828, исто така избрани по претходен јавен оглас. Од оваа транша, пари добија сите ЕЛС, освен Град Скопје“, соопштија од Центарот.
Со двете транши заедно, на општините им се доделуваат 111,7 милиони евра.

„Веднаш по завршувањето на изборите, Владата направила значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти кои, од почетните 250 милиони евра, се намалени на 149 милиони евра. По општини, најмногу пари, над 5 милиони евра секоја, им беа одобрени на Битола (5,6 милиони), Тетово (5,5), Куманово (5,3) и Аеродром (5,3), а блиску до нив е и Прилеп (4,4)“, потенцираа од Центарот.
Според ЦГК, фискалниот совет идентификувал два ризик-фактори со проектите. Прво, можноста да се протолкуваат како популистичка мерка пред избори и, второ, поради изборите и нецелосна функционалност на општините, можноста голем дел од парите да не се искористат целосно или да не се искористат ефикасно.
Посебната проценка за тоа како трошењата влијаеле врз условите за живот и работа на жените, на младите и на маргинализираните групи, покажува дека директно за овие групи можат да се препознаат само 11 од 1.116 проекти, односно нецел 1 %.
„Вакви проекти имаат 9 општини, во вкупна вредност од 4,3 милиони евра, односно 3,8 % од вредноста на одобрените проекти. Од 11-те проекти, 10 се за млади, 1 за маргинализирани групи, и ниту еден за жени“, наведува ЦГК.

Како заклучок е наведено дека одобрените средства од Владата за општините од т.н. Унгарски кредит биле значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци.
„Средствата не беа рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ. Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието. За разлика од засиленото промовирање на проектите на почетокот, во 2024 и во 2025 година, речиси немаше слични јавни известувања и за значителното намалување на парите за проектите, по локалните избори, ниту образложение за причините за кратењето на средствата“, стои во заклучоците на Центарот.
Освен тоа, велат оттаму, проектите биле квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период, иако значаен дел од нив биле поправки, реконструкции или изградби на улици.
„Отсуствуваат јасни информации како ќе се врши плаќањето на фирмите во период од три години, а за завршените проекти во 2025 година. Најголем дел од огласите за јавни набавки за првата транша на проектите предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025 година, односно до месецот на одржување на локалните избори“, констатира ЦГК.
Во значаен дел од анализираните општини, истражувачите забележале доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите.


