Уапсена новинарка во Нови Сад заради „ширење паника“

Фото: Нова.рс

Случајот на новинарката во притвор за кратко време стана главна тема на социјалните мрежи и портали, од каде доаѓаат бројни пораки на поддршка од колеги и пријатели, кои тврдат дека приведувањето на Ана Лалиќ е „напад на новинарската професија“.

Полицијата во Нови Сад вчера ја уапсила новинарката на порталот Нова.рс, Ана Лалиќ, заради текстот „КЦ Војводина пред колапс: Без заштита за медицинските сестри“, пренесува Ал Џезира. Управата на Клиничкиот центар веднаш ја известила полицијата и обвинителството, тврдејќи дека новинарката со текстот ја „вознемирила јавноста и го наштетила угледот на здравствената установа“. Полицијата набргу стигнала пред вратата на станот на Ана Лалиќ.

Доцна во среда вечерта, како што потврдил нејзиниот адвокат Срѓан Ковачевиќ, на Ана Лалиќ и било одредено задржување од 48 часа, „заради сомневање дека би можела да го повтори кривичното дело, објавување текстови кои предизвикуваат паника и немир“. Ковачевиќ ијавил дека немало сослушување, туку само и било одредено решение.

„Бев присутен за време на претресот, полицијата коректно се однесуваше. Извршија претрес на нејзиниот стан и го задржија лаптопот и два мобилни телефони – службен и приватен. Потоа ја однесоа во полициска станица и и дадоа решение“, рекол адвокатот и потврдил дека Ана Лалиќ ќе биде во притвор „додека не ја сослушаат“.

Случајот на новинарката во притвор за кратко време стана главна тема на социјалните мрежи и портали, од каде доаѓаат бројни пораки на поддршка од колеги и пријатели, кои тврдат дека приведувањето на Ана Лалиќ е „напад на новинарската професија“.

Од порталот Нова.рс, каде работи новинарката, соопштија дека таа утринава по сослушувањето од полицијата била ослободена.

Во соопштението на Клиничкиот центар Војводина пак пишувало дека полицијата и обвинителството биле известени заради вознемирување на јавноста и рушење на угледот, како и дека „здравствените работници и новинарите имаат своја задача – првите да лекуваат, а другите вистинито да известуваат“.

И самата Ана Лалиќ реагирала, сложувајќи се со Клиничкиот центар Војводина дека угледот на установата бил нарушен, “но не со моето пишување, туку со вашиот срамен третман на сопствените работници“.

„Угледот ваш е нарушен со тоа што, наместо да ја заштитите сопствената професија од политиканство, подржувате и учествувате во лицемерието дека граѓаните се криви што имаме најмал број на заразени во регионот, а најголем број починати. Угледот ви е нарушен затоа што не стоите позади своите дипломи и не велите тоа што го кажуваат повеќето ваши колеги од целата Европа: Имаме проблем. Немаме заштитни средство. Немаме доволно медицински работници. Потребна ни е помош!

Нарушен ви е угледот со вашето учествување во фарсата со која не убедуваат дека нашите болници се најдобро опремени во регионот, додека во тие исти болници на вас ви паѓа малтер по главите, на кои нема заштитни капи.

Можете да му се заканувате на народот со полиција, со обвинителството, јас своите извори на никој, по никоја цена, нема да му ги издадам, бидејќи за разлика од вас јас се грижам за нивните животи и судбини.

П.С. Од старт се одрекувам од сите три оброци во притвор“, рекла Ана Лалиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот