Судски соработници од Апелација испратиле демант дека поднеле претставка за Ѓоко Ристов
Судскиот совет ги проверува наводите за нестручно и несовесно работење на судијата Ѓоко Ристов, откако до нив стигнала анонимна претставка која наводно била од судски соработници и советници кои постапувале со судијата кој заврши во куќен притвор откако во домот на неговите родители беа најдени заѕидани 350 илјади евра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Но, она што е интересно во одговорот на Судскиот совет на прашањата од „Слободен печат“ по колку претставки постапувал Советот поднесени за судијата Ристов, е тоа што минатата недела, односно на 29 јануари, до нив стигнал демант потпишан од судски советници од Апелација кои демантираат дека поднеле каква било претставка за судијата.
-Во однос на претставката поднесена наводно од име на судски соработници и советници кои постапувале со судијата по која претставка Советот расправаше на 534-та седница на 12.01.2026 година, како по анонимна претставка со оглед на тоа што истата нема потпис на подносители, известуваме дека од страна на Судскиот совет е постапено со тоа што е формирана работна група за проверка на наводите изнесени во претставката. Истовремено по однос на информациите објавени во јавноста дека наводната претставка била поднесена од судски советници од Апелациониот суд Скопје известуваме дека до Судскиот совет на ден 29.01.2026 година доставен е писмен демант потпишан од судски советници од Апелационен суд Скопје со кое известуваат дека истите не се подносители на каква било претставка, ниту дале согласност или овластување на кое било лице да поднесува претставка во нивно име и во целост се оградуваат од нејзината содржината – велат од Судскиот совет за „Слободен печат“.
Оттаму потврдуваат дека Ристов бил казнет парично за случајот „Титаник 3“ во кој беа обвинети функционери на ДУИ, Исмет Гури и Ејуп Алими бидејќи како апелационен судија постапувал по предмет поврзан со нив и не се изземал, иако го оценувал обвинението како судија во Кривичниот суд.
Советот утврдил дека во постапувањето по предметот судијата ги повредил правилата за изземање во ситуации во кои судијата знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со закон, факт кој и самиот судија не го оспорува, но заклучиле дека повредата не предизвикала штетни последици за странките.
– По оценка на Советот погоре наведените олеснителни околности даваат основ за изрекување на дисциплинска мерка – намалување на платата во висина од 15% од месечната плата на судија во траење од 3 (три) месеци со која ќе исполни целта на изрекувањето на мерката, воспитно да дејствува врз сите, не само врз судијата, имајќи ја притоа во предвид и интенцијата на Законот за Судскиот совет на РСМ, за степенување на казнувањето преку 15/15 изрекување на дисциплински мерки, наспроти разрешувањето, даваат основа во конкретниот случај постапувањето на судијата да се оквалификува како дисциплинска повреда за која се утврдува дисциплинска одговорност на судијата и му се изрекува дисциплинска мерка – заклучил Советот.
Во своја одбрана Ристов навел дека обвинението за Гури и Ејуп Алими било срамно и тотално правно неиздржано.
-Оваа квалификација која им се става на товар на овие двајца обвинети е со опис дека делото го сториле во група, а согласно чл.122 т.28 од КЗ, под група се подразбираат најмалку три лица кои се здружиле за вршење на кривични дела, а додека по поднесениот обвинителен акт и донесената осудителна пресуда овие двајца обвинети за да ја добијат и бидат осудени по оваа квалификација се ставаат и сведоци кое нешто е недозволиво, срамно и тотално правно неиздржано и неуко и лаик во правото би се смеел и чудел на вакво обвинение кое само единствено, на обвинителот и од него само познати причини го составил и поднел и е донесена таква пресуда, само заради задоволување на јавност и нечии желби, а не и за правда и правичност – напишал Ристов во дел од одговорот.
Претседателот на Судски совет Александар Камбовски пред неколку дена кажа дека имало пријави за Ристов, но тој не се сеќава дека судијата бил пријавуван за мито, а и од одговорите може да се заклучи дека претставките биле за нестручно и несовесно работење.
Всушност минатата година Судскиот совет го казнил Ристов само на плата, односно три месеци да зема пониска плата за 15 проценти, затоа што не се изземал кога одлучувал Исмет Гури и Ејуп Елими, единствените функционери од ДУИ кои беа воопшто обвинети од поранешното Специјално јавно обвинителство, но не и осудени.
Со демантот не се знае чија е претставката по која сега се постапува, но од Судски наскоро најавуваат извештај од проверката за тоа како постапувал овој судија.


