Судијата Ѓоко Ристов

Падна судијата кој може да повлече и покрупни риби – ќе има ли политичко-корупциски пазар?

Судијата од Апелацискиот суд Ѓоко Ристов, кој водеше и одлучуваше во предмети за моќни бизнисмени и политичари за време на владеењето на двете најголеми политички партии, а кому му беа најдени „соѕидани“ 350 илјади евра во домот на неговите родители, може да заврши во куќен притвор и да остане без пасош. Ова го побара обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) по низа шпекулации дали Ристов е во бегство или е во државата, дали бил во полициска станица, дали ќе се бара притвор за него итн.

Претресите за овој скандал се вршеа во саботата и неделата, а Ристов беше сослушан во Обвинителство дури во првиот работен ден по продолжениот викенд. До објавувањето на оваа вест, немаше информација дали на Ристов ќе му биде одреден куќен притвор, кога ќе заседава Судскиот совет и дали ќе одлучува за тоа да му биде симнат имунитетот.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Се отвора можност за политички пазарења?

 

„Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз чија основа се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог да му биде определена мерка куќен притвор на осомничениот. Освен оваа мерка, предложено е и определување мерка на претпазливост – привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, соопшти вчера Обвинителството.

Оваа акција на институциите што треба да биде вовед во расчистувањето со корупцијата во судството, ја отвора можноста за политички пазарења, со оглед на моќта и „можностите“ Ристов со себе да повлече и „покрупни риби“.

Според неофицијалните информации на „Слободен печат“ од извори вклучени во истрагата, Ристов не бил присутен кога се вршел претресот во Неготино. Претресот бил извршен пред неговите татко, брат и адвокат.

Во Судскиот совет во тек е седница затворена за јавноста на која се одлучува дали ќе му биде симнат имунитетот.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

„Советот одлучува за одземање имунитет на судија во случаи утврдени со закон, на седница на Советот со најмалку седум гласа на членовите на Советот со право на глас. Советот на седница одлучува со најмалку седум гласа од вкупниот број на членовите на Советот со право на глас, по барањето за одобрување притвор на судија, односно по известувањето дека судијата е притворен. Постапката во која Советот одлучува за одземање имунитет на судија е итна и се спроведува во рок 24 часа од доставеното барање, односно известувањето за притвор“, пишува во Законот за судски совет.

Во Судскиот совет, пак, пред да му бидат најдени парите имало претставка за него дека наводно зел мито од обвинетиот Исмет Гури од ДУИ и анонимни известувања од вработени во Апелација, но против Ристов нема никаква постапка во ова тело.

Одлучувал за најкрупните „ѕверки“

 

Ристов водеше и одлучуваше во предмети поврзани со моќни бизнисмени и политичари за време на владеењето на двете најголеми партии. Додека беше во Кривичниот суд, за време на владеењето на Никола Груевски, ги судеше предметите „Метастаза“, „Албатрос“ и Бумеранг“ за злоупотреби со инвалидски пензии, земање мито од службеници, предметот „Изгрев“ – за злоупотреби на имотот со МПЦ, кој по повеќе години судење заврши со ослободителни пресуди, потоа предметот „Тотал“, во кој беше обвинет новинарот Драган Павловиќ Латас, а на градоначалникот на Општина Шуто Оризари му одреди условна казна.

Ристов во 2020 година беше унапреден во Апелација, иако беше 14-торангиран. Таму одлучуваше за предмети поврзани со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за што веќе еден судија,

Енвер Беџети, „падна“ и беше ставен на црната листа на САД. Тој беше во речиси сите совети што одлучуваа за предметите во Мијалков што беа стасани до второстепениот суд, па и во тој што ја укина 12-годишната затворска казна за масовното прислушување и овозможи овој предмет да застари. Ристов беше и во Судечкиот совет, кој го ослободи Мијалков од притвор. Во 2021 година, Мијалков понуди гаранција од 11 милиони евра за да се брани од слобода. Тогашните судии во скопска Апелација – Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов – во јуни 2021 година напишаа дека гаранцијата не се прифаќа, но истите тие половина година подоцна се премислија и му дозволија да се брани од слобода.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Почна со Ѓаволот, а како ќе заврши…

 

Парите кај Ристов беа најдени откако беше уапсен Фехми Стафа, адвокат на контроверзниот бизнисмен од Неготино Љупчо Пецов Ѓаволот и поранешен државен правобранител. Стафа, според Обвинителството, му ветувал на Ѓаволот куќен наместо ефективен притвор и барал 100 илјади евра мито. Добил 50 илјади евра кои, според кажувањата на Стафа, требало да му ги даде на апелациски судија.

Ристов не беше фатен со парите, но беше под истрага. И судијата и Ѓаволот се од Неготино, а во претресите во изминатиов продолжен викенд беше вклучена Управата за финансиска полиција, по добиени известувања и од Агенцијата за национална безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот