Семејството Ѓоковиќ: Новак е на слобода, само што тренираше – се боревме за правда и победивме!

Семејството Ѓоковиќ смета дека не се работело само за спорт и играње на грен слем турнирот во Мелбурн//Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Денеска нова прес конференција организираше семејството Ѓоковиќ по повод случувањата во Австралија и драматичната ситуација за првиот светски рекет Новак кој исто така според најавите треба да се обрати пред јавноста.

Судот во Австралија пресуди во корист на најдобриот тенисер на светот кому му беше укината одлуката за депортација и му беше дозволено да остане во земјата.

Но, министерот за имиграција, Алекс Хок, најави дека може да ја искористи својата дискреција за да го депортира српскиот тенисер, без разлика на одлуката на судот, а сè ќе биде познато во наредните денови.

– Уште еднаш се извинувам што чекате досега. Сакавме да ја добиеме најчистата можна ситуација и да ви ја претставиме целата слика. Нам како семејство ни е исклучително тешко. Многу сме емотивни бидејќи тоа е Новак. Многу е тешко да се одбрани Новак без да се навреди никого. Бевме борци за правда и направивме се за да ги почитуваме сите протоколи и на целиот свет да му ја покажеме љубовта и поддршката што ја имаме кон Новак.

Би сакал да им се заблагодарам на луѓето ширум светот во оваа прилика. Видовме прекрасни слики од Белград, Бања Лука, Чачак, Задар, до далечниот Мелбурн, каде од ден на ден се повеќе луѓе се собираа пред хотелот во кој беше Новак.

Правдата излезе на виделина. Би сакал да му се заблагодарам на правниот систем на Австралија и на судијата Кели, кои го постапија случајот прилично неутрално. Ова судење кое траеше повеќе од седум часа го следеше цел свет.

Новак е слободен! Само што тренираше. Тој отиде да освои уште еден „Австралија опен“! – рече братот на Ѓоковиќ на пресот за медиуми, Ѓорѓе Ѓоковиќ.

Сите овие денови најблиските се грижеа особено за здравјето на првиот светски рекет, а тоа секако најмногу го мисли мајката на Ѓоковиќ.

– Ни беше тешко, имаше страв, не знаевме во одреден момент што се случува со него, дали е гладен, секоја мајка разбира што зборувам. На крајот гледаме дека постои Господ , дека има правда на овој свет – рече Дијана Ѓоковиќ, мајката на Новак.

Таткото на Ѓоковиќ, Срѓан вели дека Новак гледаше само да им помогне на луѓето, дека тој е предобар човек од една мала сиромашна земја.

– Оваа игра заврши, нека измислат некоја нова и Новак повторно ќе биде најдобар на светот. Судијата беше фантастичен, исто како и одбраната на Новак која беше одлично подготвена. Донесена е единствената можна одлука – Новак да биде ослободен и да се справи со она за што е дојден, а тоа е да игра тенис. Тој само сакаше да игра тенис и тоа е тоа – се зборовите на таткото, Срѓан Ѓоковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот