Професорите од УКИМ кои ја пријавија ректорката Ангелова апелираат до ДКСК да ги заштити интересите на Универзитетот

И по доставувањето на пријавата за прекршување на Законот од страна на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,  проф. д-р Биљана Ангелова, најстариот државен универзитет и неговиот углед се во слободен пад, велат група професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои во октомври поднесоа пријава против Ангелова до Државната комисија за спречување на корупцијата.

Тие апелираат до ДКСК, да не подлегнат на притисоците и да го довршат предметот отворен за Ангеловска, до крајот на мандатот на актуелниот состав, а со тоа и да го заштитат интересот на Универзитетот.

Напомнуваме дека до ДКСК имаме доставено и дополнителни наоди кои се од исклучително сензитивен карактер и кои ги немаме споделено со јавноста до објавување на одлуката на ДКСК, за да не наштетиме на постапувањето на надлежната институција. Надеж за Универзитетот дава изјавеното од ДКСК дека се постапува по пријавата. Се надеваме дека како што тоа го направи и за други случаи, вклучително и за случај со кој се злоупотребуваат универзитетски дипломи и се прават фалсификати, ДКСК јавно ќе се произнесе и за пријавата за сериозните прекршувања на Законот од страна на ректорот на УКИМ – се вели во писмото.

Професорите апелираат дека Ангелова продолжува да го крши законот, а показател за тоа, како што се наведува во писмото, е тоа што Ангелова не се изборила за поголеми буџетски средства за УКИМ во државниот буџет за 2024 година.

Со Буџетот не се предвидени средства ни за подобрувањето на стандардот на професорскиот и соработничкиот кадар предвидено со Колективниот договор. А резултатот од тоа ќе биде еден и единствен – помалку можности за себенадградување и следствено во отсуство на ресурси, помалку можности за постигнување професионални научноистражувачки резултати кои би го издигнале реномето на Универзитетот како што посакуваме. Во меѓувреме, објавен е и извештајот на Државниот завод за ревизија за 2022 година, кој и покрај селективните тврдења на ректорот, содржи и клучни утврдени состојби што укажуваат на пропусти што во тој период се во надлежност токму на лицето Ангелова како проректор за финансии. Секојдневно сме сведоци дека ентузијазмот на Универзитетот опаѓа и дека некој свесно го втурнува во бездна, остварувајќи ги само минимум задолженијата што ги има како ректор. Затоа, и нема да нè зачудува што најстариот Универзитет во државата и натаму ќе биде сè пониско на меѓународните ранг листи – се додава во писмото.

Професорите посочуваат дека за Ангелова, претходно проректорската, а сега ректорската функција, за жал се само инструмент за злоупотреба за остварување на интереси надвор од Универзитетот. За неа, тие велат дека позицијата на државниот универзитет е само визит-карта за остварување на лични интереси во бизнисот, кои се дотолку силни што и тенденциозно се настапува спротивно на интересите на Универзитетот.

Не смееме да дозволиме Универзитетот да продолжи да тоне поради лични и бизнис интереси, зашто со него тоне и иднината на државата. Во оваа 2024 година, мора да запре слободниот пад. Затоа уште еднаш, јавно апелираме до ДКСК, но и до сите други надлежни институции да ги заштитат интересите на Универзитетот и да постапат по сериозните наоди за стореното од лицето Биљана Ангелова – порачаа професорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот