Хаос e во Италија: Малдини и Леонардо дефинитивно заминаа, новиот проект се распадна уште пред да почне
Вистинска драма ја тресе италијанската фудбалска репрезентација. Легендарниот Паоло Малдини повеќе не е технички директор на „аѕурите“, иако на оваа функција беше назначен пред само 16 дена.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Заедно со него од Фудбалската федерација на Италија заминува и неговиот советник Леонардо, со што практично пропадна новиот проект на федерацијата уште пред да започне да функционира во полн капацитет.
Според информациите на италијанските медиуми, Малдини и Леонардо поднеле оставки откако раководството на Федерацијата го променило ставот околу именувањето на Андреа Пирло за нов селектор на Италија. Иако поранешниот фудбалер беше сериозен кандидат за клупата на репрезентацијата, на крајот нема да ја добие функцијата.
По најновиот пресврт, во прв план повторно се враќа Роберто Манчини, кој според медиумите е главен фаворит за селекторската позиција. Во исто време, поранешниот капитен на Италија, Џорџо Кјелини, се споменува како најсериозен кандидат за технички директор.
Со ваквиот развој на настаните значително се намалуваат и шансите Тијаго Мота да стане дел од националниот тим, бидејќи неговото евентуално доаѓање било тесно поврзано со останувањето на Малдини и Леонардо во Федерацијата.
Во комбинација за селекторската функција и понатаму останува и Антонио Конте, иако во моментов неговата кандидатура е во втор план.
Останува да се види дали претседателот на Фудбалската федерација на Италија најпрво ќе избере нов технички директор, кој потоа ќе учествува во изборот на селекторот, или приоритет ќе биде што побрзо назначување на нов предводник на „аѕурите“.


