Фото: EPA/ADAM VAUGHAN

Подзаборавениот Италијанец не планира да си замине од „Енфилд“

Федерико Кјеза порача дека сака да започне „ново поглавје“ во Ливерпул под водство на новиот тренер Андони Ираола, по две разочарувачки сезони во кои не успеа да се избори за значајна улога во тимот. Италијанскиот репрезентативец истовремено призна дека „црвените“ имале и среќа што обезбедиле место во Лигата на шампионите минатата сезона.

Крилниот напаѓач ова лето често се поврзуваше со враќање во Серија А, но засега инсистира дека негов приоритет е да се докаже на „Енфилд“.

Иако минатата сезона запиша 36 настапи во сите натпреварувања под водство на Арне Слот, од кои само пет пати беше стартер. Во Премиер лигата доби само еден старт, а последен пат од првата минута стартуваше на натпреварот од ФА Купот против Брајтон на 14 февруари.

„На почетокот на секоја сезона има нов почеток. Можеби за мене имаше и премногу нови почетоци, но не ми пречи. Ќе дадам сè од себе за новиот тренер“, изјави Кјеза, пренесува „Гардијан“.

Кјеза не крие дека очекувал повеќе минатата сезона.

„Се чувствував подготвен за поголема улога, но тренерот одлучува кој ќе игра. Секако дека сакав повеќе минути, но тоа е фудбалот. Арне Слот имаше свои идеи и свои одлуки, а јас немам што да додадам на тоа.“

Според него, доаѓањето на Ираола претставува можност за нов почеток.

„Оваа година е ново поглавје. Имаме нов тренер и целосно сум фокусиран на тоа.“

Кјеза откри дека досега немал разговори со Ираола за својата иднина, туку само за тактиката.

„Разговаравме само за пресингот и за тактичките задачи. Против Сандерленд ме постави како централен напаѓач и сака да играм на таа позиција.“

Иако Комо и неговиот поранешен клуб Јувентус се заинтересирани за неговите услуги, Италијанецот вели дека во моментов не размислува за заминување.

„Среќен сум во Ливерпул. Го сакам клубот, ги сакам навивачите и сè што е поврзано со овој тим. Давам максимум за да добијам вистинска шанса, а што ќе се случува понатаму ќе видиме. Во моментов мислам само на Ливерпул.“

Кјеза смета дека минатата сезона не ги исполнила очекувањата на клубот.

„Ливерпул заслужува многу повеќе. Пред две години бевме шампиони на Премиер лигата, а минатата сезона речиси останавме без место во Лигата на шампионите. Се боревме за петтото место, а имавме и среќа што се квалификувавме.“

Тој нагласи дека целта за новата сезона е многу повисока.

„Мора да бидеме подобри и во Премиер лигата и во Лигата на шампионите. Минатата сезона испаднавме од ПСЖ, а сега сакаме да стигнеме многу подалеку.“

Кјеза зборуваше и за репрезентацијата на Италија, откако во последниот период беше изоставен од неколку собири.

„Разговарав неколку пати со селекторот Џенаро Гатузо, но тогаш не бев физички подготвен. Кога се вратив во март, повторно се повредив. Сепак, едвај чекам повторно да играм за Италија. Освојувањето на Европското првенство со репрезентацијата беше еден од најубавите моменти во мојата кариера и секогаш е чест да ја претставувам својата земја.“

Италија повторно без селектор? Договор со руска обложувалница му направи проблем на Пирло

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот